Ниту една диктатура, ниту еден тоталитарен режим не започнува прекуноќ. Нештата се менуваат чекор по чекор, речиси незабележително. Во новата ера на воено-индустрискиот левијатан веќе се проголтани и медиумските слободи, академската фела е во невидливи синџири. Индустријата на забава (социјални мрежи, игри, филмови, реални шоуа, па и виртуелна реалност) ги прави нештата невидливи, споредни, па дури и безболни. Кога пред некој ден прашав меѓу пријателите да помогнат која тема да ја одберам за новата колумна, беа спомнати многу – сите произлегуваат од стварноста, од секојдневниот живот и мака на луѓето. Доста гласни се родителите чии деца треба да ја искусат (како што велат) „најлудата нова школска година“. Некои од нив имаат деца со посебни потреби на кои им требаат посебни асистенти за совладување на наставата, а државата не ги обезбедува. Не се поштедени ни студентите, чиј стандард драматично опаѓа (заедно со квалитетот на високото образование). Не е помала маката ни на земјоделците и сточарите – напуштени и од власта и од бога. Државата увезува, а тие плаќаат за чување на домашното жито, кое уште нема откупна цена. Трети се вџашени од „светскиот рекорд“ постигнат на делницата Скопје – Блаце, додека власта го крие она чудо од „Бехтел и Енка“ како змијата нозете. И можам вака до бесвест да набројувам или елаборирам…
Ете, затоа е важен ЗБОРОТ (со големи букви)! Зборот е важен за да ги искаже маката, проблемот, гневот, да ја разголи вистината од која бегаат политичарите. Зборот е тука и да разбуди, да освести, да мобилизира, да покаже пат или да открие злостор што се крие. Можеби затоа што зборот е мојата „алатка“ и во предавалната и надвор од неа, како колумнист и јавен интелектуалец, мене паника ме фаќа од она што се случува речиси незабележано. Тоа е растот на змиското јајце, тоа е раѓањето на новиот тоталитаризам, кој се заканува да нè замолчи и „усреќи“ еднаш засекогаш. Секој оној што ќе викне „долу влада“ или „НЕ за војна/геноцид“ може да заврши в затвор или со парична казна. Да не е слободата на мисла и говор ни јас нема да можам да бидам народен трибун, кој дури и ако не успева да ги одбрани луѓето од неправдите, барем може да ги пренесе нивниот крик и оправдан гнев. Иако сум на јавна сцена веќе четврт век, слободата на говор и пишан/кажан збор не сум ги земала здраво за готово. Сум била изложувана на притисоци, хајки, закани, а завршувам со остракизам од многу места – но колумната ја ценам како оаза на слободата (за што сум бескрајно благодарна на уредниците на овој весник). Но во колумна не можеш сè да кажеш, а и не станува збор за мене.
Светот, особено западниот, кој велат, нели, дека треба да е шампион на либералните вредности и човековите права (мнозина ова сакаат да го стокмат во флоскулата за „европски вредности“), станува зандана на слободниот ум. Пардон! Грешка! Тој не станува, туку е зандана на полициската држава или државата на општ надзор на комерцијални и некомерцијални субјекти. По замолчувањето плејада активисти и новинари (Такер Карлсон беше еден од нив додека не се удоми на Х/Твитер), агонијата на Асанж и на Сноуден, што уште треба да се случи за некој да каже дека Императорот е гол? Сосема нечујно (барем во нашите краишта постојано свртени сами кон себе) мина веста за упадот на ФБИ во домот на Скот Ритер. Не долго по него на аеродром во Лондон беше уапсен и Ричард Медхрст. Ако овие имиња не ви значат ништо, тогаш следите погрешни извори на информации. И да! Најновата вест е апсењето на сопственикот на Телеграм, Павел Дуров, под тешки обвиненија.
Погледнете на вашите мобилни телефони и размислете на колку апликации за пораки (месинџери) разговарате или се допишувате со пријатели. Зошто освен месинџерите на социјалните медиуми (ФБ, Х/Твитер, Инстаграм) ги имаме и Ватсап, Сигнал, Ботим, Телеграм, Вичет? Дури и луѓе што не се на некакви важни функции, заради заштита на приватноста користат најразлични канали на комуникација барајќи безбедност. Фактички мигрираме од еден на друг и постојано се прашуваме кој е најтешко достапен за Големиот брат. Убедена сум дека знаете дека Телеграм се смета за еден од најбезбедните, а апсењето на Дуров само го потврди тоа. Изминатава година всушност Телеграм, заедно со Јутјуб и Рамбл, ми стана базичен извор на информации, особено за глобалните прашања. Таму ги гледам ужасите од Палестина и Украина, меѓу другото. Закачена сум на „милион“ канали што од минута на минута споделуваат вести какви што нашите „западно/правоверни“ меинстрим-медиуми нема никогаш да ви пренесат. Да, таму има вести и од БРИКС, Кина, Русија, Иран, Индија, Чиле, Венецуела. Закерберг веќе призна дека и тој бил под притисок за време на паднемијата, па се поклонил пред (по)моќните за да си го зачува раатот и вовел цензура (сите што сме на Фејсбук знаеме што значат тамошниот „затвор“ и фактчекерите). Оној што владее со медиумите го моделира колективниот ум, креира јавно милење или го дисциплинира.
Иако е ова долг историски процес (впрочем, нели и Сократ го погубија заради слободата на мислата и „расипувањето на младината“), ова што сега го живееме е без преседан. Да имаш толку многу информации и канали на комуникација на достап, а да не ја знаеш вистината, е навистина парадоксално. Не е теорија на заговор дека нашите телефони и телевизори нè прислушуваат. Засега тоа е повеќе во полза на бизнисот и креирањето на нашите (божем нужни) потреби, игра во која ние сме и купувач и продукт, отколку во полза на државата на националната безбедност. Но ова не важи за сите. Дури и ние во Македонија си имаме скандали и афери за масовно прислушување, кои воопшто и не завршија. Затоа и користиме Телеграм за посигурен разговор, нели? Не им веруваме на телеоператорите затоа што тие се главната алка на масовното прислушување. Најстрашно од сè е што завладува самоцензурата. Некако побезбедно му доаѓа ако нешто се премолчи отколку да се викне дека царот е гол или расипан.
Она што најмногу боли е наметнатиот молк за геноцидот и емпатијата за Палестина. На тој испит паднаа и Германија, ама и ЕУ. Станува опасно да се носи и палестинска кефија – бидејќи и таа зборува. Поради Палестина и кефијата се јаде и пендрек, се губи професорска работа, се забранува влез во држава (Варуфакис е пример за тоа).
И кога ќе ја видиме големата слика, таа е застрашувачка. Метастазирала полицијата на мислата. И додека џавкаме на ФБ (повелете во програма сте, ќе каже еден инфлуенсер подбивајќи се така дури и со таа оддишка на луѓето што молчат пред Големиот брат), Западот тоне – на чело со САД и Велика Британија. Говорењето станува поопасно од одење по минско поле, бидејќи веќе не знаете кого ќе вознемирите, кого ќе навредите, кој е чувствителен на едно или друго, па вашиот збор ќе стане говор на омраза. Веќе нема ни шеги.
Искрено, веќе не е ни смешно. Тишината и молкот на новинарите и божемните интелектуалци се застрашувачки. Го премолчија Асанж, зошто сега би се вознемириле за некој Русин по потекло што е и милијардер? Нам ни останува да си мрчиме, додека и тоа не се забрани. Да, затоа го сакам Орвел. Поради онаа мисла дека во време на општа измама, кажувањето на вистината е револуционерен чин. Затоа можеби и нашите мали мрчења се знак дека не сме мртви и не сме овци што ќе ги однесат на клање без отпор.