Телефони со памет, луѓе без мозок

  • Живееме во епоха во која телефонот му дава на човекот чувство дека знае, додека неговата вистинска неспособност внимателно се крие зад сјајот на екранот што му го прави незнаењето поудобно

Современото време создаде човек што во рака држи технолошко чудо, а однатре се движи со несигурност што лесно се забележува кога на телефонот ќе му снема батерија или ќе изгуби сигнал. Ова не е проблем само на една земја. Ова е глобален симптом, ист за сите, од Торонто до Токио, од Берлин до Скопје. Телефонот стана мал приватен свет, а човекот остана само гостин во сопствениот, кој од ден на ден станува сѐ попразен и безбоен. Парадоксот е очигледен. Колку повеќе напредува технологијата, толку повеќе се гледа колку човекот стагнира во способноста да мисли за себе без туѓа помош.
Се создаде генерација што брзо се снаоѓа меѓу икони на екранот, а тешко се снаоѓа во основни животни ситуации. Колку и да е убеден некој дека знае многу затоа што е опкружен со информации, доволно е да се остави сам во тивка соба без телефон за да стане очигледно дека најголемиот дел од неговите мисли не се негови. Тоа што го сметал за знаење најчесто е остаток од нешто што го усвоил во случаен момент, без да го оформи, без да го размисли, без да му даде тежина, без да провери дали тоа е вистина или не. Телефонот го чува тој впечаток на сигурност. А кога ќе се исклучи, се гледа вистинската величина на човекот.
Во ова време луѓето почнаа да се однесуваат како да е доволно да се биде опкружен со информации за да се биде паметен, разбран и ценет. Кога зборуваат, често изгледаат како да носат цела библиотека во глава. А вистината е поинаква. Носат неколку фрази што им се залепиле додека заглавиле во тоалетот и се заборавиле на телефонот. Носат делови од туѓи ставови. Носат идеи што им изгледале важно, но не ги претвориле во свое мислење. Таа празнина не се гледа додека телефонот е тука, но се открива веднаш кога човекот треба сам да каже нешто што има тежина. Многумина тогаш остануваат без зборови, не затоа што немаат мислење, туку затоа што никогаш не се обиделе да го оформат. Можеби и се обиделе, ама тоа се менувало од ден на ден, во зависност од тоа што ќе понуди алгоритамот на социјалните мрежи.
Станавме глобално село во кое човекот се претставува подобро отколку што живее. На слика изгледа дека е стабилен, самоуверен, успешен. А во реалноста често е изгубен во најобичен разговор. Телефонот му дава привремено чувство дека е во тек со светот. Дека е дел од нешто големо. Дека е поспособен отколку што е. Сѐ додека тој мал предмет не замолчи или му се истроши батеријата, па тогаш открива дека неговата внатрешна структура не почива на лична сила, туку на светлина што исчезнува во истиот миг кога ќе се затемни екранот.
Од оваа состојба произлегува една тивка, но сериозна последица. Луѓето почнаа да ја губат способноста да одвојуваат време за сопствената мисла, креативност и предизвик. За сопственото гледање на светот. За сопственото толкување на работите. Во целото глобално село, од исток до запад, многумина избегнуваат да се соочат со тој момент во кој нема кој да им подаде готов одговор. Телефонот им ја прави таа работа лесна. Секојпат кога нешто ќе стане непријатно или тешко, тие посегнуваат по него како човек што фаќа столче за да не падне. Тоа не е навика. Тоа е избегнување. Бегање од сопствениот ум. Страв од вистината.
Со текот на времето, оваа навика почна да ја одредува и структурата на човекот. Повеќе се труди да изгледа паметно отколку да стане таков. Повеќе се труди да изгледа стабилно отколку да го изгради потребниот карактер. И така, тивко и незабележливо, се создава најчудната форма на современа глупост. Глупост што е убаво спакувана. Глупост што се продава како компетентност. Глупост што огромен дел од човештвото ја носи без да ја осознава. Глупост во форма на дигитален гламур.
Технолошкиот напредок не е проблем сам по себе. Проблем е начинот на кој човекот се крие зад него. Телефонот стана алиби за недостигот од зрелост. Алиби за недовршени мисли. Алиби за нешто што одамна требало да се изгради однатре. Тој не го прави човекот попаметен, туку само му дозволува да ја избегнува работата што треба да ја направи со самиот себе.

И тука, во оваа фина иронија, лежи најважната вистина за нашето време. Телефоните секоја година нудат нови можности, а човекот се задоволува со тоа да биде нивен корисник, наместо нивен вистински сопственик. Тоа е малиот раскол на денешницата. Најнапредниот предмет што го држиме во рака го покажува токму она што најмалку сакаме да го видиме. Колку од тоа што го сметаме за интелигенција е само добар екран.
На крајот останува само една непријатна констатација што многумина би сакале да ја избегнат. Ако некој сака да види колку навистина знае, нека го остави телефонот на маса и нека остане сам со своите мисли барем еден ден. Не треба многу време за да стане јасно колку од неговата сигурност е градежен материјал, а колку е картонска декорација. Токму тука се гледа вистинската слабост на ова време, затоа што огромен дел од човештвото не се плаши од технологијата, туку од празнината што ја открива кога таа ќе замолчи. А вистинската трагедија е во тоа што многумина не само што се плашат да се соочат со сопствената илузија туку длабоко во себе знаат дека ако останат сами со своите мисли, ќе сфатат нешто поразително, дека нивниот телефон размислува подобро од нив, а тие само му ја полнат батеријата.
Но колку и да се развива светот, колку и да блескаат екраните, постои едно нешто што никако не смее да биде заменето. Пишаниот збор. Книгите. Мислите оформени со труд, со време, со внатрешен напор. Тоа е основата врз која вистинското знаење се гради. Не на брзината на прстот по екранот, туку на работата на умот над хартија. И ако човештвото навистина сака да стане попаметно од сопствените телефони, мора да се врати таму каде што почна секоја цивилизација. Кон зборот. Кон идејата. Кон мислата што трае подолго од батеријата.

Кирил Колемишевски