Ова го повторувам како расипана плоча веќе дваесет години. Иако никој не слуша, да се обидам повторно. Сега повод (а не причина) се изборот на новиот јавен обвинител за организиран криминал и селекцијата на кадри за контрола на летови. Јавноста е скандализирана, вознемирени се дури и оние што инаку се со главата в песок. Но јасно е дека станува збор за константа, а не за инцидент или случајност. Веќе две децении…
Да не се враќам поназад, но во април минатата година на Фејсбук сум го напишала ова: „Рамковните вработувања се дел од континуирана политика во секоја коалициска влада во која учествува ДУИ; тие се само еден дел од пакетот и условот за формирање влада. Тефтерчињата на Гордана Јанкуловска ги заборавивте? Уште тогаш велев дека тоа не е продукт на некаква самоволна политика на тефтерчиња, туку системски дефект на консоцијациската (божем) демократија која обезбедува мир во куќа со споделување на власта (power-sharing) меѓу македонските и албанските елити. Во таквите системи, картелот на етнички лидери функционира со пазарење, со тефтерчиња, со уцени, и зад очите на јавноста, без почитување на принципот на владеење на правото (бидејќи правото ја ограничува политиката, тоа му е главната функција) и без систем на заслуги (мерит-систем). Од ваквата политика не само што страдаат општествениот систем и сите граѓани (плаќаме паразити и неспособни, нетрпеливоста расте меѓу народот, додека елитите се во голема љубов со привилегиите) туку и албанската заедница. И во неа не се есапат најдобрите и најспособните, туку оние со партиски книшки и блиски односи со лидерите (послушниците). Единствената разлика со вработувањата во македонската заедница е што овие барем мораат да одат на работа, дури и ако се таму за да кимаат со главата или да клатат врата. Без систем базиран на заслуги и конкуренција на квалитетот, нема развиток, а нема ни држава. Има племенска заедница на некадарници и вождови, која ќе потрае само додека има странски кредити и задолжувања. По нив – потоп!“
Гледано од денешна перспектива, до потоп можеби и нема да дојде, ама извесно е дека стануваме опасни сами за себе, ама и за другите. Етничко-партискиот клуч (или партиско-етничкиот, сеедно) метастазираше одамна. Нема јунак да го каже тоа јавно, а камоли да го пресече Гордиевиот јазол или да ги исчисти Авгиевите штали. Кога на почетокот процесот се однесуваше на јавната администрација, мнозина мислеа дека тоа може да мине ако се замижи на едно око, бидејќи тие таму бирократи и онака не работат ништо, па не можат да нанесат непосредна штета или загроза. Па, каде 100 илјади, нека бидат и 200 илјади во тој мастодонт. Само да бидат партиските војници/крила и фракции среќни. Нека се исправи неправдата, нека им се даде шанса. Тоа беше сфатено и како дел од баналниот политички пазар. Не дека таквото нефункционирање на цели институции нема негативни последици (за поединци, бизниси или државата), но феноменот почна да се шири во сите сфери – од здравството до безбедноста на сообраќајот. Велат дека под притисок на јавноста, контролата на летовите ќе остане во рамките на принципите во кои најспособните одат натаму, но едвај некој и да го поставува прашањето за одговорноста на оние што ја водат институцијата така што елиминираат „нечии други деца“ за да ги поттурнат своите.
Начинот на кој беше избран наследникот на Русковска зборува за тотално отсуство на интегритет кај една цела фела, не за избраниот (кој, нели, рече дека имал предизвик и сакал да се испроба, небаре е ова за почетници и љубопитни). Избраниот си кажа во камера дека вртел телефони и на увце објаснувал визии за гонење организиран криминал, а оние на кои им шепотел веројатно паднале на шармот и убедувачката моќ. Таквото вртење телефони обично значи лобирање, нудење нешто, убедување, а може да биде и форма на притисок. Барем кога порано се обидуваа да ми се јавуваат на телефон за „нечие дете“ на испит, тоа така изгледаше. После се откажаа кога видоа дека нема фајде. Во извонредното и многу храбро ТВ-интервју, пред некој ден новинарот Саше Димовски повторно ни ја тресна в очи стравотната вистина за гнилежот во правосудниот систем. (Овој новинар и со една нога стои постамено над урнатините и од оние со две нозе и божем ’рбет). За здравствениот систем не треба елаборација, сите сме го искусиле на своја кожа. Гнилежот на образовниот систем, исто така. На пример, ние на универзитетите минуваме низ дежа ви ситуација. Пак се будат духови за кои ни рекоа дека минале низ егзорцизам; чувството е како да сме живи мртовци, зомби, меѓу кои едни дигаат глас на протест, други се дефетисти и песимисти, трети мудро молчат додека се борат за фотелји и мандати, безобразно и отворено тераат трговија со политичко влијание, вработувајќи кадри што отворале врати кај политичките авторитети и носеле со себе како мираз вработувања. Нашата општа трагедија е што веќе не знаеме каде да го скршиме маѓепсаниот круг, бидејќи принципот на негативна селекција владее буквално секаде – од микро до макро ниво. И најлесно е да кажеш: ова е непоправливо, да си го чувам јас здравјето!
Дилемата на античките филозофи гласеше: дали треба да владеат најдобрите луѓе или најдобрите закони? Rex Lex или Lex Rex? Стариот и мудар Аристотел мислел дека и најдобриот може да се корумпира (расипе), па затоа гаранцијата за доброто управување го нашол во формулата дека законот е владетел (Lex Rex). Подоцна, оваа парадигма ќе се воспостави како владеење на правото, кое почива на три основни тези: супрематија на правото, еднаквост пред правото и независност на правосудството. Но во Македонија ние сме го превариле дури и Аристотел, сме го надградиле: на хартија имаш најдобри закони, но во пракса владеат кланови и секти! Дури и кога е нешто легално, фактичкото остварување е нелегитимно и фактички е подбивање со правдата, компетенциите, еднаквоста.
Моето скромно мислење е дека е до системот, до правната рамка, која фаворизира Rex Lex. Системот етаблиран со устав промовира извртена логика во која ниту владеат граѓаните, ниту пак формалните институции што ги претставуваат. Веќе две децении имаме кинг-мејкер (ДУИ), фактор што е истовремено и владетел (кинг/крал) и оној од кого зависи начинот на владеење и кој го толкува правото. А тој е недопирлив! Неговата рака е подолга од онаа легендарната „долга рака на ВМРО“. Тоа неодамна на своја кожа го почувствува и еден новинар. Но никој не се вознемири за ќотекот што го доби. Тефтерчињата на Гордана (Јанкуловска) се, всушност, тефтерчиња на константниот фактор во политиката и општеството – тие во рацете на ДУИ, се пренесуваат од дедовци на синови и ќерки, па на внуци. Ако се потсетите добро на содржината на тој телефонски разговор, ќе сфатите дека и таму, како и сега, стануваше збор за трампа, договор меѓу елитите кој ќе седне во кое столче во правосудниот систем. Мислите сега нема тефтерчиња (иако Гордана е в затвор)? Тефтерчињата за тоа кој каде ќе седне се, за жал, нормална појава во консоцијацијата, барем онаа што се практикува кај нас, во која можете како на сточен пазар да купите пратеник или пратеници за промена на устав, да размените едно обвинителство за друго, позиција од сопруг за сопруга, од свекрва за снаа итн. Сè е прашање на договор. И сè е за повисоко добро: или заради евроинтеграции или заради мир во кучата. Поради порозната граница меѓу политиката и другиот дел од јавната сфера, она што им доликува на политичарите, понатаму го реплицираат верните следбеници или бивши политичари што станале лекари, професори, инженери – и обратно. Колку подолго трае овој систем, толку повлијателна е и неговата моќ на саморегенерација. Витезот ќе му отсече една глава на змејот, но на тоа место ќе никнат три нови, и така во недоглед.
Оние што биле деца пораснале со вакви критериуми за „успешност“ во животот, оние што ги вовеле се недопирливи како боговите на Олимп. Дури и небото не е граница, ако гледате низ призма на безбедноста на воздушниот сообраќај. Законот – тоа сум јас, Владетелот! – се слуша силно и бесрамно. Сè додека политичката коректност и полицијата на мислите е доволно силна да го потисне секој глас на критика и да ја претстави како говор на омраза, ние доброволно ќе умираме и во фигуративна и во буквална смисла на зборот. Општеството ни стана реплика на политичкиот уроборос, онаа митска змија што се јаде себеси од опашката. И така, веќе не знаеме каде почнуваат, а каде завршуваат и политичкото и отровот и изворот на нашата колективна неспособност. Им завидувам на оние што во утробата на змијата гледаат зрак светлина. Нам ни нема спас, но можеби оние другите ќе реагираат кога нашето буквално колективно самоубиство ќе стане безбедносна закана и за нив самите. Дали нивните криминални босови ќе имаат македонски пасоши или ќе паѓаат нивните авиони, не знам – но, знам дека падот ќе биде драматичен и далеку ќе се слушне. За тоа време овдешниот молк и страв се заглушувачки.