Тажниот крај на хуманистичките и општествените науки

Филозофскиот факултет на кој работам над 41 година, а кој е нуклеусот од кој е израснат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, почнува да се буди. Од кошмар. Нештата можеа и мораа да се предвидат, особено од научници што се занимаваат со хуманистичките и општествените науки. Впрочем, факултетот е мини-универзитет ако се гледа низ призма на сите научни области и дисциплини што ги опфаќа преку работата на институтите. Но, по некаква инерција, зафатени со секојдневни (неретко и банални, здодевни, административни и слични) обврски, малку гледаме што се случува на поширок глобален план. Обично реагираме и се будиме тогаш кога некоја од (илјадниците) реформи на високото образование ќе нè допре и нас, односно нашата егзистенција. Македонија може да се вброи меѓу земјите што не само што минуваат низ најмногубројни и најбрзи туку и најнеконзистентни, па и бесмислени квазиреформи.
Уште се сеќаваме кога една таква (небулозна) реформа ги разбуди и студентите и професорите во 2014 година, а Филозофскиот факултет беше „епицентарот“ на земјотресот. За жал, таа мобилизација заврши на најнепосакуван начин: со киднапирање! Протестното движење беше преземено од политичките (и надворешните) елити во акција за смена на власта (обоена револуција). Студентите го положија „оружјето“ (бунтот), прогласија мораториум и се придружија на политички (СДСМ-овскиот марш), па како награда добија и покани за прием во американската амбасада за 4 јули. Од страна на професорите, наместо преосмислување и критичко проценување на системот на високо образование на една мала држава од едвај 1,5 милион жители (од кои најголемиот број се повозрасни луѓе), завршивме со „боза“ реформа со која се задоволија и (добрите и слабите) студенти и професори. Критериумите за напредување беа симнати – и сите куртулија од соочување со сопствените постигнувања на глобален план, па мислеа дека стасаа до крајот на бајката (they lived happily ever after).
Второто будење, пак, дојде под надворешно влијание (Светска банка, божем реформи). Она што ја вознемири јавноста беше правење каша од повеќе предмети под претекст дека се воведува интердисциплинарен пристап во учењето, но најмногу од сè го допре „националниот нерв“: бришење на историјата од основното образование или нејзино сведување на некаков минимум. Иако токму универзитетски професори ги сочинуваа(т) двете „историски комисии“ создадени под националистички ултиматум на соседните држави (Бугарија и Грција) и под притисок на Брисел (во преговорите за членство), сепак се покажа единство – и на ниво на Филозофски факултет и на ниво на УКИМ (што многу ретко се случува). Историјата мораше да се одбрани, бидејќи сите сфатија дека без историја нема ни држава. На тоа се надоврзаа и образовните грижи за тоа какви генерации студенти ќе доаѓаат откако милата Мила ќе ги онеспособи во основното образование.

Сега, најновиот аларм стаса по укажување на помлада колешка од Институтот за филозофија. Да, да, токму од институтот според кој името го носи целата институција. Имено, во најновата концепција за реформи во гимназиското образование на Министерството за образование и наука, предметот Филозофија што досега фигурирал и како задолжителен и како изборен, треба да стане само изборен предмет, додека предметите Етика и Логика се сосема избришани. Таа со право укажува дека гимназиското образование се замислува без воведување на учениците во овие круцијални предметни области „во време во кое декларативно се застапуваме за важноста на критичкото мислење, правилното размислување, негувањето на доблестите и слично“. На ова се надоврзаа и колегите од Институтот за социологија, кои зборуваат за деградација и на нивните предмети. Да ја скратам приказната, гимназијалците (веќе осакатени во основното образование, каде што и странски јазици учат од ТВ) се лишуваат од можноста барем да стекнат елементарни знаења за филозофијата, мислењето, етиката, логиката, општеството.
Како и секоја друга појава така и оваа има свои корени. Образованието одамна не е школо на животот, вредностите, добрината и убавината. Тоа е кастрирано од самата Држава (со големо Д – затоа што ем акумулира моќ ем е генерална појава) и бизнисот. Кога нам на универзитет ни ја воведоа Болоњската декларација, таа божем европска верзија за високо образование, едвај неколкумина дигнавме (или дигаме глас). Поголема комерцијализација и намалување на квалитетот на знаењето не можеше да се случи. Студентите се декласирани на ниво на курсисти (а богами и професорите не се многу поарни – доволно е само да им ги ѕирнете учебниците и божем научните дела). Видете ги профилот и третманот на наставниците во основно и средно образование! Што очекуваме од децата кога во образовниот систем не се вклучени најдобрите, ами најлошите дипломци.

Општеството и образованието се отсликуваат едно во друго – и останува филозофското (sic?!) прашање за кокошката и јајцето.
Онака како што се дехуманизира современото општество, во кое да си етичен е смешно и патетично, а ако си логичар може да завршиш кај специјалист, така и образованието ги следи општите трендови на турбо-капитализмот. Не, не е (само) до Груевски или Мицкоски – или Заев и оној кому му го заборавам името. Да потсетам, првите ставаат акцент на техничките науки за сметка на општествените (што во принцип можеби и не е лоша идеја), додека вторите ја воведоа тезата дека не сите средношколци треба/може да запишат факултет. Тие се само пиони во големата игра, а нашите општества одамна се колонии, а место за слободна и критичка мисла, а камо ли акција – едноставно нема. Генерално, на властодршците и нивните вистински господари (оние однадвор) им треба работна сила за пазарот на трудот што нема да мисли, туку ќе р’мба.
Гимназиското образование, за разлика од стручното, барем во минатото на младиот човек му даваше широчина и му ги поткреваше хоризонтите, за потоа сам да си ги најде и афинитетот и патот. Денес е само уште една цигла во ѕидот. Македонија денес старее – она што вредеше од наставничкиот/професорскиот кадар е заменето со полуучени кадри, а деца – нема! Сè што може заминува (не велам дека заминува во општества во кои високо се вреднуваат хуманистичките и општествените науки; напротив). Една од првите (пре)пораки на Елон Маск е во насока на увоз на ум, на млади инженери. На Силициумската Долина филозофи не ѝ требаат. Образложението е дека геостратегиската битка со ривалите ќе се води преку иновации и развој на ИТ-технологија, а не со познавање на делото на Шекспир, историјата на светот или цивилизацијата и културата. Пребарајте ја на интернет-фразата „смртта на хуманистичките науки“ – и ќе најдете безброј одлични текстови што ја оцртуваат нивната очекувана смрт. Еден од нив со право вели: „Смртта на образованието во хуманистичките науки не е само криза во академијата – тоа е криза за нашето општество. Додека се стремиме кон иднина доминирана од технологијата, ризикуваме да ги изгубиме токму тие дисциплини што нè учат што значи да се биде човек“.
Колешка од класични студии реагираше со потсетување на латинската изрека што се поврзува со Цицерон: О, философијо, водачу на животот, o ти која ја бараш доблеста и која ги изгонуваш пороците! (O vitae philosophia d ux, o virtutis indagatrix expultrixque vitiorum!). Но нашите млади (а и ние со нив) живееме во свет во кој на најпогрден или потсмешлив начин се вели дека некој филозофира. Сте ја чуле онаа изрека на „паметните“: ај не туку ми филозофирај, туку кажи што мислиш.

Толку е деградирана филозофијата, а со тоа и мислењето, што секој обид нешто да се осмисли се смета за избегнување на суштината, за вртење како „дожд околу Крагуевац“. Ова е време на пороци, а доблесните никогаш не се водачи. Видите од какви креатури ни зависат животот и смртта! На Западот владее какистократија – т.е. систем на власт со кој управуваат најлошите, најнекомпетентните и најбескрупулозните; или меритоцид – „убиство“ на заслугите/заслужните. Антиинтелектуализмот царува, дури и таму каде што наводно се гради. Универзитетите молчат во време на геноцид! В согласност со ваквиот компас што сме го прифатиле како свој, така и овдешните образовни власти само ги подготвуваат младите на свет без морален компас, свет во кој „новото нормално“ е всушност сосема ненормално, а послушноста ќе те спаси, а лигавењето пред моќните ќе те издигне на врвот.
Моите колеги се подготвуваат за јавна дебата, анимирање на јавноста, медиумите, надлежните. Битката за спас на научните дејности е (мнозина тоа го признаваат) веќе изгубена. Затоа што овој процес е само мал дел на вкупниот мозаик на идиократијата, кон која нашите власти велат дека се стремиме. Критичкиот ум на ова општество одамна е замолчен, а и на последните гласноговорници веќе им ги скинаа главите. Дури и на олтарот на овој факултет што сега бара разбирање…
Од мене – толку.