Таинствена вечера на скопските градители

Неверојатно, затоа вистинито. Постоеја 12 друштва на архитекти во Македонија. Скопското беше 13-то според датумот на основање. Друштвото на архитекти на Град Скопје по повод Меѓународниот ден на архитектурата, во илијадските води на Вардар поринуваше брод, поточно древен, охридски кораб. По закотвувањето кај сидрото, ја удираше камбаната на прекуокеанскиот брод Скопје со ритуална мистрија и преку моќното озвучување на Македонското радио ја започнуваше манифестацијата со пророчките стихови на Радован Павловски: „….а на градителите на градот, на сонце коси им побелеле – во темници очи им поцрнеле“. На палубата на бродот закотвен, архитектите палеа по една свеќа, ја поставуваа во малите хартиени бротчиња и ги пуштаа по реката… Каде? Каде што вечно пловат македонските реки природно. Напред… Напред кон минатото… Како животот… Како причината за живот… Која е целта на животот човеков? Крајната цел е… спомен… спомени… споменик… Град.
Градот низ историјата не изникнал затоа што на луѓето им била неопходна вештачка кожа. Според доктрината на професијата, градот е природен феномен, како животот чија цел е духовна: да гради, чува и оспоменичува сеќавања. Кристализирано сеќавање. Единствениот материјал од кој се создава град е сеќавањето. Неверојатно, затоа вистинито, и ако крајната цел на нашето присуство во просторов е споменот, ако животот е само спомен испорачан од севишниот или природата или повисоките димензии, тогаш да ја славиме таа ретка дарба.
За да стасам некако до поводот за овој запис свеченоста ќе ја именувам со Цивилизација. Од спротивната страна е антиподот на разградувањето. Тој глагол ќе го именувам со вистинското име: Страв. Нашата природа го содржи и има степенувања. Секој степен има своја манифестација. Неизбежно е: најголемиот страв е секогаш запретан во минатото (затоа ли хиз стору е најконтролираната и најкорумпираната научна дисциплина!?).
Со појавата на писменоста минатото, наместо историја, стана НЕГОВА ПРИКАЗНА (што сакав да напишам?)… Заборавот е веднаш тука како дар од Прометеј титанот од македонскиот полуостров! Кој се плаши од минатото? Споменот сам по себе сигурно не, но тој што го произвел настанот и тие што учествувале – веројатно… Всушност, сакам да пишувам за шарената „револуција“! Изминаа 10 години… Беше… Заврши ли? Оваа „револуција“ ја обележувам во наводи затоа што отстапува од дефиницијата за револуции. Знам за портокалова, знам за социјалистичка, комунистичка, арапска, буржоаска, протестантска, технолошка… и сите се еднобојни, имаат цел, ја објавуваат и ја остваруваат во времето. Оваа ни со напор не влегува во дефиницијата:
1. Објавите на гласноговорниците и декларираните цели (општо земено „посветлата иднина“) ни денес не се остварени теми на шаренореволуционерите!
2. Да, шарените ја презедоа власта (неопходен услов за остварување цели), но како ја презедоа и зошто постапија спротивно на ветувањата?
3. Сѐ што жестоко критикуваа, уште пожестоко го повторија сосема исто!
4. Со секоја револуција оди и искуството: РЕВОЛУЦИЈАТА ГИ ЈАДЕ СВОИТЕ ДЕЦА.
Но оваа „револуција“ ГИ ИЗЕДЕ ДЕЦАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ! А тие беа против „револуцијата“!
5. Револуциите започнуваат како народно незадоволство. Шарената има нарачател, проектант и изведувач…
….може да се наведат повеќе набројувања, крајниот резултат е: шарената не е револуција, шарената е нарачана манипулација, внимателно подготвувана 20 години, со претходни проби и грешки од 1804 година. (QUAERENDO INVENIENTIS.)
Што нарача нарачателот? А да се обидеме со македонска антитеза (таа уникатна стилска фигура): дали нарачателот сакаше да ја смени власта, дали сакаше да ја расчисти корупцијата или сакаше да го подобри животот на Македонија и да овозможи европска иднина!?
НАРАЧАТЕЛОТ НИТУ САКАШЕ ДА ЈА СМЕНИ ВЛАСТА ВО МАКЕДОНИЈА, НИТУ ДА РАСЧИСТИ СО КОРУПЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, НИТУ ПОАРЕН ЖИВОТ ЗА МАКЕДОНИЈА, НИТУ ЕВРОПСКА УНИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, НИТУ НАТО ЗА МАКЕДОНИЈА.
Да сакаше нарачателот да ја смени власта, ќе ја повикаше на појадок наутро и до пладне сите ќе дадеа оставки. Да сакаше да ја сотре корупцијата, немаше внимателно да ја вградува со децении во Македонија. Да ја сакаше ЕУ Македонија, можеше да ја прими и пред да се создаде формалното ЕУ. Да ја сакаше НАТО Македонија, Македонија ќе беше членка во Букурешт!?
Дали го знам нарачателот? Не. Но мислам, можам да се сетам, иако тоа е веќе забрането… Сепак… Има нешто што ме воодушевува: идејата за шарената „револуција“! Имаме нарачател кој не сака до Бога (за евентуално да стаса до игуменот)! Имаме нарачател кој сака да биде Бог наместо Бога! Таа амбиција не си дозволува стандардни револуции! Тие за нарачателот станале шаблон. Ако сакаш да си Бог наместо Бога, треба да имаш идеи од вселенски размери. Се бара таква револуција која досега не е искусена во историјата на човештвото? Што би можело да биде мерливо во однос на креативните божји творби? Само спротивното: на гигантската божја творба да спротивставиш гигантска деструкција. Творецот на шарената „револуција“ заслужува восхит: нему му паѓа напамет дека најголемата разновидност во гнасотиите на деструкцијата е БРИШЕЊЕ НА СЕЌАВАЊЕТО! Но не на поединец, туку на еден народ, на една клучна цивилизација. И не е само тоа (тоа се постигнува и со војна), на нашиот нарачател му текнува да го постигне бришењето на минатото, а таа агресија да изгледа како самиот народ, истиот тој историски народ САМ ДА ЈА УРИВА СВОЈАТА ИСТОРИЈА! САМ ДА СЕ БРИШЕ СЕБЕСИ!
Тоа не успеа, но ни шарената не се откажала.

Често правам аџилак по спомениците на Скопје. Сѐ уште има шаренило на некои (важна е забелешката дека само македонските споменици беа и се избербатени!), речиси сите имиња на спомениците се украдени и избришани! Безимени, споменици на незнајни јунаци или преименувани (никој на градско или државно ниво не бара одговорност)… граѓаните оставаат дописи и јавно бараат одговори. Штама.
Темата за спомениците не е одобрена во јавноста, но проектот на шарената продолжува ќутенката. Се прашувам зошто никому од овде не му текнало да напише холивудско сценарио за муви и да го кандидира за Оскар? Шарената е исклучителен проект?
Често одам на аџилак низ спомените и спомениците. Редовно на списокот додавам уште некој безимен споменик кој секојдневно е збришан од шарените. Загледан во исчезнатите натписи под скулптурите, не забележувам дека шарените го смениле планот. ПОЧНАЛЕ ТИЕ ДА ПОДИГААТ СВОИ СПОМЕНИЦИ! Избројав 100.000! Некои се повисоки од 100 метри! Разбирливо, за таква монументалност се потребни сериозни промени на градската топографија и што покурентен урбанизам. Модерен. Исчезнуваат ридови, реките стануваат дел од канализацискиот систем, дури и еден митски извор на здрава вода, кој наситуваше 2.000 квадратни километри расадник, е первертиран и сега тече во канализацискиот систем на градот!? (ако продолжеше по божјата промисла, сигурно ќе создаваше проблеми во расадникот кој курентниот урбанизам го предвидел за неговите шарени споменици). Тие градби никнуваат и по градските паркови, но најчест фокус им се основните клетки на градскиот живот: СОСЕДСТВАТА НА СТАРОСЕДЕЛЦИТЕ (локален термин маало). Шарената „револуција“ веќе не ја крие својата антимакедонштина. На ќутенката ги прогонува староседелците со изоморфни споменици (затоа ли го девастираа Споменикот на децата бегалци!?). Поточно, станува збор само за еден и ист споменик што ги растура скопските семејства, а нагалено го именуваат како станбена зграда иако статистиката тврди дека Скопје има 100.000 ненаселени станови. Нормално. Никој не живее во спомени(к). Но, се живее од спомени(к). Без спомени, град не постои.

Додека така ја живеам судбината на спомените, ги слушам ултракратките бранови со должина 97,3. Тоа ми е блиско радио за чие (дознавам) замолкнување е заинтересирана шарената револуција!? Можеби, си велам… понекогаш пуштаат македонска музика (во денот редовно)? Но и кај македонската музика сѐ ми изгледа одобрено од сивил либертис!? Да не е поради онаа рубрика „Песни на една младост“? Да не е поради онаа за Скопје?!
Еве, ќе ви ја пуштам… ПРОВЕРЕТЕ САМИ:
„…грааа…дотна…Варда..рево…длаабоксон….го…отворам…пијааното…барам…
зла…тентон….спииископ…,јеспиииј….спиј…гра….думој…денотшто…иде…
денотшто…иде…ќеее…биде…твој…“ (се извинувам, не знам да го пренесам нотниот запис, но мислам дека на секој староседелец и граѓанин ќе му текне)…
Последната таинствена вечера се одигра пред 20 години… мислам дека архитектите се собираат, сѐ уште, на Свети Тома Неверни.

Вангел Божиноски