Светски и белосветски ловци на македонски трофеи – дојдоа и до пеперугите!

Дали ние ги препознавме и ги препознаваме инвазивните видови во Македонија? Притоа сетете се кој сѐ потпишувал договори на штета на Македонија во последните стотина години. Некои нешта треба да бидат не само речени туку и запишани, да останат во кодот на еден народ што сакаат да го истребат – некогаш физички, сега лабораториски со бришење на сите негови својства. Да создадат народ без крвна група, народ без ДНК! Перфидно, како меѓународни трговци со трофеи ни подготвуваат судбина на една пеперутка што никому ништо не му згрешила.
Таа само сакала да лета, да го помине процесот на трансформација и да му испрати порака на Господ дека е тука и за него. Дека денес е пеперутка, утре гасеница, потоа кукла. И пак одново. Веруваме во Него, тој е во нас. Тука сме и покрај инвазивните сорти!

Борбата меѓу доброто и злото е вечна. Се очекува доброто да победи, но не секогаш конечниот исход е таков. Во битките мртвите се бројат, се креваат споменици, или се копаат јами. Не смееме да ги забораваме жртвите што паднале за доброто на овој свет, или на овој народ. Тоа е оставен долг. Во тие борби или војни, некои видови исчезнуваат и тука сме на темата. Едноставно некои видови исчезнале, ги снемало. Некогаш се знае зошто, најчесто не.
Еден документарец од арсеналот на Атенбороу прикажа како во најкрајните делови на амазонски прашуми еден вид птица е пред целосно исчезнување. Останале уште едвај четири двојки. Камерите биле поставени на дрвја и чекале цела година да се случи чинот кога мажјакот ќе го почне раскошниот танц за да ја маѓепса партнерката. Само таа ја има, други не бара, а да се реши на неверство нема женки. Ги покажува сите бои, сите тонови ќе ги испее. Тој е фасцинантен во љубовната игра. Женката е подготвена за него. Го гледа, му се приближува. Тој ѝ се приближува. Кога во еден момент, таа како да е преплашена, летнува и исчезнува некаде низ шумата. Атенбороу разочаран вели: ќе треба да чекаме уште една година. Таа сезона нема да има гнездо, нема да има јајца во гнездото, нема да црцорат пилци. Родот е пред исчезнување. Дали е женката виновна или, пак, мажјакот беше премногу колеблив? Дилема, но и мистерија. Овој свет е исполнет со мистерии, незнајни работи и неспознаени сили.

Рековме, многу видови се пред исчезнување, понекогаш и поради негрижа.

Глобализацијата, која поттикна преселби на луѓето од еден континент на друг, пресели и вируси, болести, културни навики, рецепти, но и нетипични видови што се нарекуваат инвазивни. На пример во Австралија европскиот крап направи пустош по реките и езерата, тие во некои средини станаа доминантен вид. Реакцијата дојде доцна. Сега на пример бурманскиот питон се шири низ Еверглејдс на Флорида и станува доминантен вид, на врвот на синџирот на исхрана. Можеби и таму сега е предоцна со реакцијата и преземените мерки за негово ништење. Акција има.

Инвазивните видови, како кострешот, на пример, направија сериозен удар и врз ендемската охридска пастрмка и таа плива кон своето исчезнување. Некогаш имаше обид да се поведе акција во Советот на Европа за нејзин спас. Тоа беше одамна. Веројатно и јагулата е во зоната на самракот. Исчезнуваат орлите над Македонија, но сега е кренат алармот и за еден редок вид пеперутка, која ја има само кај нас. Народот ја вика македонска сивка и живее само на Плетвар на простор од некои 10 квадратни километри. Велат дека тоа е најзагрозената пеперутка во Европа. Упатен е повик за спас, при што како проблем се наведува нелегалната меѓународна трговија.

На странците не им е важно дали ќе ја истребат, тие плаќаат за да имаат трофеј. Имаше еден документарец (гледајте стари документарци ќе ги најдете и причините и одговорите) на кој еден Британец со невидена страст зборува како секоја година доаѓа на Матка крај Скопје за да го гледа танцот на пеперутката монарх. Трча по нив со мрежата и ги заловува, онака од хоби. Да, странците (белиот човек од Западот) можат да тепаат, лавови, слонови, носорози, жирафи, па можат и пеперутка. Сива, раскрилена, која го бои со своите фасцинантни тонови белиот варовник на превојот Плетвар. Замислете си дека сте на Плетвар, длабока ноќ, полна месечина, деновиве како јаготка, варовничките карпи само ја засилуваат сликата на летот на македонската сивка. Можеби тоа ќе бидат последни слики, последни сеќавања на неа. Да се надеваме дека нешто ќе спасиме. Од нас самите зависи.

Велам да се надеваме, затоа што многу не спасивме. Ни се лизнаа од раце многу македонски трофеи, кои за ич пари отидоа во туѓи музеи или приватни колекции. Голем дел се буквално испокрадени за време на османлиското владеење, потоа за време на големите Балкански војни (читајте ги извештаи на Карнегиевата комисија), изнесувани се товари и товари злато, сребро, накит, икони, реликвии, стари книги, златни маски, круната на македонските цареви. На чија глава таа круна ќе стои ако не на македонска? Светот нема перис, викаше баба ми. Бесрамни се.

Како да препознаеш инвазивна сорта? Многу тешко, зашто на почетокот не се забележуваат, тие притаени го чекаат своето време. За да не се случи наезда, треба да се применува цивилизациското искуство од антиката, но тоа е заборавено, велат одамна било. Познато е дека македонската војска била ефикасна и денешнава наука нема одговори како било можно десетпати помала војска да покорува војски што имале и над еден милион, немало странци, или легионери, повеќе од пет проценти. Ако биле повеќе, веднаш ќе скокнеле да се тепаат против владетелот. Тој принцип важел и за составот на месното население. Затоа не верувајте во прикаски за големи преселби. Ги немало. Завртете се наоколу и анализирајте каде е применет, а каде не е тој принцип и гледајте ги резултати. Лос Анџелес на пример. Свежи слики, гледаме што се случува, кој е во акција, а кој вика – овој Трамп ќе ни ја урне демократијата. За тие што се жалат, демократија е ако имигранти и бандити ви ја држат под опсада и контрола вашата улица, вашиот кварт, вашето право да се движите слободно. И не е само Лос Анџелес, работите се отидени далеку и предалеку и во еден Сан Франциско, откаде жителите велат е подобро да се иселиш и да бараш побезбедно место. Па и еден Чикаго, или Марсеј, Ница, Амстердам, Дизелдорф, Берлин… Светот е влезен во вортексот на големите промени, можеби човештвото ќе биде сведок на најголемиот цивилизациски пресврт и тој не е толку далеку. Недостига уште еден голем финансиски крах и во хаосот ќе се роди новото.

Дали ние ги препознавме и ги препознаваме инвазивните видови во Македонија? Не гледајте ја Македонија како територија од Табановце до Меџитлија или до Богородица, туку како цел географски, културен, цивилизациски, духовен простор и барајте ги тие што сакаат да го уништат (анихилираат) тој богат жив свет, тоа трајно и огромно наследство, кое првенствено им припаѓа на Македонците. Други директни наследници нема. Кои ја потпишаа Версајската карта? Кој го потпиша Букурешкиот (мировен?!) договор? Кој ја направи санстефанска Бугарија? Кои мудреци на Европа донесоа Лисабонска декларација? Кој потпиша Преспанска спогодба? Кој потпиша договор со Бугарија? Има уште, но важно е некои нешта да бидат не само речени туку и запишани, да останат во кодот на еден народ што сакаат да го истребат – некогаш физички, сега лабораториски со бришење на сите негови својства. Народ без крвна група, народ без ДНК! Перфидно, како меѓународни трговци со трофеи ни подготвуваат судбина на една пеперутка што никому ништо не му згрешила. Таа само сакала да лета, да го помине процесот на трансформација и да му испрати порака на Господ дека е тука и за него. Дека денес е пеперутка, утре гасеница, потоа кукла. И пак одново. Веруваме во Него, тој е во нас. Тука сме и покрај инвазивните сорти!