А всушност насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, според аналогиите и есенцијата на содржината читај го како „Македонија како волја и претстава“. Или Македонците. Сеедно. Инаку погорниов наслов, се сеќаваш, е всушност наслов на познатото дело на Артур Шопенхауер, меѓу филозофите најголемиот песимист, кој тврди дека светот во кој живееме е најлошиот можен од световите што постојат. Како и да е тој е еден од најголемите и најшифрирани германски филозофи, творци на големи филозофски системи. Неговото дело „Светот како волја и претстава“ е голем зафат на умот да се објасни, во добар дел и во мистичен клуч, големата тајна на светот и постоењето во него преку двата клучни поима волја и претстава. Притоа волјата е поважниот и поесенцијалниот елемент. Таа и според моделот на мислење на Платон, обожаваниот филозоф од Шопенхауер, е некој вид праидеја за енергијата која ги дефинира формите на светот како претстава. Со еден збор, таа тука е некој вид истовремено и енергија и психа на материјата, нејзин spiritus vivendi, како и неjзиниот целокупен свет: човекот, животните, растенијата и билките. Тие се формите на објективниот свет како претстава/слика, кај Платон дефинирани како идеи.
А каква е таа Шопенхаурова слика/претстава на светот. Таа кај него е призрачна до нестварност, како илузија на стварноста. Преку неа се простира еден мистичен превез кој ја прави таква, призрачна, во која се измешани јавето и сонот и секогаш со предоминација на сонот. Тоа е онаа маја кај Индусите како мистична есенција на нивната душа, која се среќава на секој чекор или ред во ведите и упанишадите од кои длабоко до фасцинација од нив се инспирирал германскиот филозоф, откривајќи ја во нив и идејата, сликата на вечното враќање од кое е фасциниран потоа и Ниче. Во стилот на индуистичката ведска маја и кај Шопенхауер советот во кој постои човекот, светот на целокупната жива но и неорганска материја е дефиниран како илузија, како одблесок на една друга стварност што се крие зад и се проектира во него. Тоа е свет на илузија, на еден вид „сон во сонот“, како што би рекол Е. А. По. Во таа смисла Шопенхауер го цитира и најпознатото драмско дело на Калдерон „Животот е сон“, а потоа се потсетува и на Шекспир и неговата фасцинантна хипотеза дека човекот е создаден од материјата на сонот. Фасцинантно. И тука има основа, драг читателу, за претпочитувањето на поетите пред филозофите. Но тоа е друга тема, оти она што ќе го кажат и според Хелдерлин поетите во неколку откровенски метафори како отклучена тајна на светот, на филозофите им требаат цели дебели томови за да го објаснат тоа. Нешто слично е и со Шопенхауер, кој во своето монументално дело не случајно се сетил на поетите и нивните збити дефиниции на светот како сон, а кај него како илузија, привид.
Така. И пак долг вовед за влегување во средишната линија на темата, како моја стилска слабост, а може и доблест. Кој би знаел. Но, in medias res, толку многу загатнатиот, шифриран и од Шопенхауер поим волја, едноставно е синонимен со поимот нагон, или попрецизно: нагон за живот. Нешто што го среќаваме и кај Спиноза дефинирано како „порив за траење“ во сите нешта. И повеќе од веројатно е дека тука него не можел да го заобиколи Шопенхауер, кој, иако Спиноза го става малку зад неговите омилени Платон и Кант, сепак тој пред него на свој фасцинантен начин ја елаборирал волјата како „порив за траење“.
Доволно филозофирање. Сега е ред по ова да се сосредоточиме на варијацијата поттикната од насловот на делото на Шопенхауер во македонската варијанта: „Македонија (Македонците) како волја и претстава“ сега вглобени на свој начин во монументалната слика на германскиот филозоф. Погодуваш, драг читателу, пак сме во маѓепсаниот круг на варијации на тема која постојано ја разгледуваме, темата на македонскиот порив, наслабнат или зајакнат, за траење особено по идентитетскиот геноцид врз нас, Преспа 2018. За тоа пишувавме во колумната, се сеќаваш, „Спиноза и Македонија“, а сега по аналогија, како варијација на тема, „Шопенхауер и Македонија“, бидејќи станува збор за речиси ист образец на аналогија, макар и далечна, која се допира, па и проткајува како филозофска рефлексија со нашата колективна судбина. Во центарот на сето тоа е средишното прашање дали по идентитетскиот геноцид со „северна“ кај Македонците, и покрај катастрофата, пулсира и во која мера импулсот или, шопенхауеровски и спинозијански речено, волјата/поривот за траење и истрајување во насилно наметнатата судбина, траење во чистата јатка, Именка на идентитетот без наметната придавка за нејзино смислено идентитетско ништење како што ни се случи тоа нам во Преспа 2018. Но дали е за тоа виновен само таканаречениот меѓународен фактор во лицето на ЕУ или тука има нешто вина и самодеструктивниот фактор карактеристичен, за жал, за Македонците, за што беше длабоко свесен и Гоце кога рече дека ни во еден друг народ нема толку изроди од родот како кај нив.
Во делото на Шопенхауер постои една сурова натуралистичка слика/метафора за таквата наша шизофрена психоситуација. Тоа е кај него функцијата на волјата за самодеструкција или автодеструкција. Сеедно. А сликата што ја претставува германскиот филозоф како par excellence дарвинистичка, изразена во формулата: homo, homini, lupus, карактеристична и за сиот друг жив свет, кај него е илустрирана со австралиската мравка-булдог (buldog-ant). Таа е, како што вели Шопенхауер, „пример за борбата на најдолните основи на објективитетот на волјата“. Нешто по аналогија на она најниско ниво на политичката волја како низок канибализам што се случува меѓу двете големи македонски политички партии. Имено, вели Шопенхауер, кога ќе ја пресечете таа мравка почнува борбата помеѓу главата и задниот опашест дел; главата со вилиците го напаѓа задниот дел, а тој се брани храбро, бодејќи го; борбата обично трае половина час, и тоа додека не умрат или додека не ги одвлечат другите мравки.
Јасно е: nocturno, de profundis, memento mori. Примерот со австралиската мравка на самодеструкција што го дава како пример на деструктивната енергија на волјата објективирана во тој чин Шопенхауер, како да ја дефинира par excellence македонската самодеструкција во сликата на политичкиот и секаков друг вид канибализам меѓу двете големи македонски политички партии. И тоа е, ако не си знаел, драг читателу, македонскиот надалеку познат синдром за самоуништување, кој како таков доведе до многу македонски историски катастрофи, меѓу другото и до најтрагичната од нив: идентитетскиот геноцид, Преспа 2018. Тоа се должи на отсуството на идентитетска волја, на нејзина наслабнатост до згаснување. Волјата која и подобро од германскиот филозоф ја дефинира Спиноза како „порив за траење“, и тоа дури и во стварите на неорганската материја, а камоли кај органската, нејзиниот целокупен жив свет. Тоа е волјата, или поривот како исконска сила втисната во сè, што постои и со самиот Создател вглобен во неа. Тоа е, платонски речено, со што се сложува и Шопенхауер, праидејата за севкупниот живот како нагон за постоење. Кај стварите тоа е, со јазикот на физиката, инерцијата како константа независна од динамиката на која почесто се подложени тие или, поетскофилозофски речено, на брзотечната река на минливоста на Хераклит. Шопенхауер за тоа дава редици примери во својата книга со густо шифриран филозофски јазик. Од нив ние, драг читателу, се одлучивме за примерот со некои артефакти од времето на Стар Египет и неговите мистични космички шифри пирамидите. Имено, станува збор за оживување на тие артефакти (во случајот житно семе и корен) по неколку милениуми нивно траење херметички затворени во мракот на пирамидите. Сјаен, фасцинантен пример на меморијата за своето растително битие во нив. Веќе претпоставуваш, интелигентен си, драг читателу, дека тука аналогијата веќе нè води кон темата за македонското колективно идентитетско траење, односно потфрлање на волјата за тоа во него, нешто што го наметнува како размисла пак нашиот идентитетски геноцид со промената на Името, за што нема никакво оправдување и треба да умреме од срам поради нашата малодушност и секаков повидлив отпор да не се случи тоа.
Но да преминеме на примерот што го дава Шопенхауер. Го цитираме: „16 септември 1840, за време на предавањето за египетските старини на лондонскиот институт за книжевност и наука, господинот Петигру покажал пченични зрна кои сер Џ. Викилсон ги пронашол во една гробница крај Теба, каде што мора да лежеле триесет столетија. Откриени се во херметички запечатен сад. Господинот Петигру посеал дванаесет зрна и добил билка која израснала пет педи во височина и чии семки сега биле целосно зрели (Тајмс, 21 септември 1840). Исто така, 1830 година во лондонското Друштво за медицина и ботаника, господинот Холтон покажал разгранет корен кој е најден во раката на една египетска мумија и кој таму се нашол веројатно од религиозни причини; според тоа би бил стар барем две илјади години. Господинот Холтон го посадил него во саксија, каде што веднаш израснал и разлистал“. Итн. Доволни се тие два примери од повеќето што ги дава Шопенхауер како илустрација на волјата или нагонот за живот што има мемориски карактер. Ние, пак, драг читателу, во случајот со трагичната македонска ситуација би рекле: на волја за траење во својот исконски мемориски код.
Да, и тука сега следува суштинското прашање по столетија, па и милениуми, колку што сведочи Светото писмо за нас, дали израснавме од пепелта на историјата како идентитетска самосвест и дадовме плод, или останавме мртви и без волја за постоење во исконот на нашиот древен идентитетски код? Дали и нашиот корен, како оној најден во рацете на египетската мумија, разлиста или затаи одделен од струјата, нагонот за идентитетско постоење? А сè се тоа, и зрната и коренот за кои зборува Шопенхауер, едноставно живи метафори на волјата за постоење на истата ствар и по неколку милениуми во своето од Господ дефинирано Јас, кое го памети обликот на својот лист, плод, раст и боја. На германскиот филозоф, разбирливо, како жител на моќна нација, не му текнало тука да бара некоја аналогија со неговата нација и народ, за разлика од нас, драг читателу, како жители на „смачкано племе“ (Конески), кое токму поради тоа уште повеќе треба, за да опстои во идентитетот, да се потпира на својата кристална меморија од искони наваму, а не, рамнодушно, да подлегне, како што и се случи тоа, на туѓите притисоци на наше ништење и лесно да се откаже од неа.
А, имено, тоа и се случи со Преспа 2018. Крај или не. „Свршено е“, рече и Исус, како да мислел со тоа и на идентитетската ликвидација на Македонците. А може мислел на тоа и потоа, пред два милениуми, кога го насочил Исус не случајно апостол Павле кон Македонија, за што говори Лука во Дела апостолски. Сеедно. Било како било, ние денес по Преспа 2018, но и пред неа, оти не случајно и по наша вина ни се случи таа, сме во ситуација да ја провериме силата на нашата идентитетска волја што ја снема, страшно ослабната, прекуноќ. И ние во таа проверка, драг читателу, сега сме како житните зрна и коренот во дланките на мумијата од египетските пирамиди од пред неколку милениуми за кои говори Шопенхауер во неговото дело „Светот како волја и претстава“. Да, додека експериментот со нив во лондонските лаборатории е успешен генетски и идентитетски, кај нас не е така; нашите житни зрна и коренот со исконска историја не дадоа здрав плод, не се извишија и не разлистаа, само малку подизлегоа како од некој долг милениумски полумртовечки сон и веднаш свенаа. И тоа беше знак дека нашата волја, енергија за постоење во исконот на идентитетот страшно наслабнала, изгубена во лавиринтите на бездушната апатија како еден вид психолошка и онтолошка самодеструкција.
Така, и мора сега да се прашуваме јас и ти, драг читателу, има ли негде, и каде, здрава македонска искра во светот на идентитетската волја, или порив за постоење во својот препознатлив онтолошки и културолошки искон на кој стави силен печат од првите до последните негови страници на Светото писмо, Библијата. Има. И тој нагон за идентитет, ќе се изненадиш, драг читателу, јас го видов на неочекувано место, некаде далеку оттука, во висорамнините на пакистанските планини, ракави на Хималаите, кај Хунзите и Калашите, две архаични во антрополошка смисла заедници за кои сними документарен филм Марина Дојчиновска, но ние закопани во своето погубно идентитетско мртвило не реагиравме со жив нерв на тоа. Фактички Хунзите и Калашите во тие далечни планини кои се граничат со Господ, идентитетски неотстапно, за разлика од нас идентитетски полумртовци, се идентификуваат јасно и гласно како Македонци. На таа тема во емисијата, драгоцена како дијамант, на Марина зборуваше на англиски јазик еден Калаш, убав и интелигентен младич, кој го објасни во неколку кристално јасни реченици македонскиот идентитет во калашката колективна душа и свест. Тој јасно рече дека таа, шопенхауеровски речено волја, или спинозијански порив за идентитет како најважна формула за траење и истрадување во колективниот идентитетски ген кај Калашите (и Хунзите) посеани тука од походите на Исток на Александар Македонски доаѓа низ неколку милениуми во нивната македонска колективна свест по ништо друго освен по патеките на наследената колективна идентитетска меморија која вреди низ неуништливата меморија на предците, од колено на колено, од поколение во поколение, чиста, непоколеблива и незаматена како кај нас, од смрдливи пропаганди и самоцензура. Пакистанските планини, ракави на Хималаите, драг читателу, успеале да ја зачуваат идентитетски, макар и во еден полуархаичен облик, колективната неповредена и неранета идентитетска душа на Хунзите и Калашите, чија идентитетска лекција мора и треба што поскоро да ја сфатиме и да се охрабриме од неа за да бидеме идентитетски достоинствени, а не очајни кукавици како што испаднавме. Оти во една есенцијална во таа смисла асоцијација или метафора тие се идентитетскиот дијамант што излегол од македонската променлива со падови и сомнежи, нарав на јагленот во кој не го препознал дијамантот сегашниот македонски род. За жал, а него, парадоксално, без книги, библиотеки и расипаната цивилизација на Западот Калашите и Хунзите го чувале како своја природна и неотстапна волја и порив за траење во своето цврсто и прозрачно колективно дијамантско Јас. И затоа, мојата и твојата порака по нашата срамна идентитетска катастрофа, драг читателу, до нашата идентитески полусонлива и полузаспана влада е итно да отвори своја канцеларија во планините на Пакистан кај Хунзите и Калашите со, покрај другото, главната цел да научиме од нив како се чува без отстапка колективниот, а со тоа и индивидуалниот, искон, идентитет и душа. Толку. Пак ги нагазивме црвените линии на просторот во нашиот весник, драг читателу, и не ни е првпат. Темата изложена во оваа колумна е екстремно болна. Ќе продолжиме понатаму, оти ракописот на болката, за жал, во нашата современа ситуација на идентитетска гибел, сепак не може да го замени ни 10 отсто ракописот на радоста, сè додека не грмнат нашите свадбарски ора и песни. А, за среќа, Господ во изобилство ни ги дал нив, иако многумина кај нас немаат свест за нивната спасителска шифра. Сеедно, оние малкуте кај нас што ја знаат неа се Хунзи и Калаши, Македонци втемелени во својот искон и идентитет. Nocturno. De profundis. Мemento mori.