Поимот суверенитет е важен на повеќе нивоа, драг читателу. Денес малку ќе зборуваме на таа тема. Тој поим посебно сега го актуализира Доналд Трамп и во рамките на Западната либералкапиталистичка цивилизација по неговото стапување на должноста претседател на САД. Речиси со еден реторички потег тој го оживеа него, хибернизиран од таа цивилизација, и го откри неговиот енергетски потенцијал како нова идеја и визија. Трамп од говорницата на хегемонот со фрлање во оптек на идејата за суверенизмот на сите нации и држави ги растресе темелите на концептот на сивиот безличен глобализам со дарвинистичко корпоративно лице, иако и тој ја носи неговата маска, но сепак.
И ние Македонците му се израдувавме на тој постмодерен крик на Трамп за заборавениот суверенизам, спакуван во мртовечкиот ковчег на веќе изветреаниот западен либерализам. Како да сме го чекале него како студена вода, жедни за свој сопствен суверенистички идентитет како македонска држава и нација. Болна и комплицирана тема и радикално раритетна во европски контекст на бриселска ЕУ. Така, но првин накусо за реалниот, но и со метафизичка аура поим суверенитет од историски и филозофски аспект. Тој поим е еднакво важен и присутен и на макро и на микроплан во историјата на човекот и во сликата на природата, вселената, а потоа и во стварите што нè опкружуваат, на кои модерните филозофи им придаваат „квалитет“ на битие. Тоа го прави и најсериозниот и најдлабок мислител меѓу нив Барух Спиноза. Но нашиот поглед, драг читателу, на темава за која говориме е свртен пред сè кон функцијата и карактерот на поимот суверенитет во историјата на човековата егзистенција како цивилизација и култура. Тука во крупен кадар, на макроплан првин станува природно збор за суверенитетот на самите цивилизации во кои и низ кои се остварува човекот како врховно Господово создание. Од нивниот суверенитет зависи и просперитетот економски, културен и политички на тие цивилизации, како, обратно пропорционално, и нивната ранливост, нестабилност и уривање. Тоа е посебна историја за посебна и широка анализа за да се склопи интегралната слика на нивниот суверенитет. Сепак во виваче-стил ние, драг читателу, сега ќе издвоиме две антички цивилизации како примери на долг и стабилен културолошки и антрополошки суверенитет. Тоа се Сумерската, Асиро-вавилонска цивилизација на Блискиот Исток и Староегипетската во Африка. Првата расположена на бреговите на Тигар и Еуфрат, а втората на бреговите на Нил. Неколкумилениумското траење и на двете можеме да го читаме и како еден вид мимезис на спокојниот и широк тек на тие реки, хранителки не само на нивната физичка но и духовна егзистенција. За долгиот културолошки, правен и државен суверенитет на тие две фасцинантни цивилизации говорат и нивните митови, уметност, писменост, но и пошироката космогониска мисла која ги подотвора вратите на науката во зачеток со длабока интуиција и визии како хипотези, со некои фасцинантни достигнувања и пред сè во математиката, алгебрата, аритметиката и геометријата, а кај Сумерите, ненадминати во духот на апстрактно мислење, и во астрологијата и астрономијата, дело на халдејските пастири.
Стара Грција, хеленска, да не ја заборавиме, оти Грците се отсекогаш (не само од Тројанската војна) суетни, драг читателу, никогаш не била на такво суверенистичко, без разлика пред сè на нејзината естетичка компактност, ниво како што биле Сумерската и Староегипетската цивилизација. За тоа говори и сјајниот германски филозоф Освалд Шпенглер кога прави разлика меѓу неа и Стариот Египет како цивилизациски џин, и таа како џуџе во однос на неа.
Не познавам друг Германец така да ја снижил неа во однос на друга цивилизација. Обично сите тие се дројзеновци, смртно заразени со вирусот на хеленоманијата за која зборува Мартин Бернал во „Црна Атена“. И тоа е коронавирус пандемијата на Западната европска цивилизација од која страдаат и институциите какви што се Кембриџ, Оксфорд и Сорбона. Но за тоа сме пишувале не еднаш, ако се сеќаваш, драг читателу. Да. Но сепак Античка Грција има метафизички суверенитет во Платоновата идеална држава. Платон, екстраинтелигентен, ги познавал законите на суверенитетот и на една таква држава врз темели на идеите, каква што сакал тој да биде неговата Хелада, па од неа ги истерал поетите (не се бунам познавајќи и некои наши поети) кои му ја реметеле таа идеја затоа што го десакрализирале неговиот омилен пантеон на боговите (неговите основни идеи). А тоа биле пред сè Хомер и Хесиод. И тоа е Платоновата идеална држава, која сепак се базира на еден апсолутистички метафизички концепт. Како да бил тука, се осмелувам на оваа хипотеза, Платон некој вид антички Сталин, кој исто така ги исфрлаше поетите во сибирските логори од својата идеална комунистичка, исто така со метафизичка аура, држава. Итн. Бескрајна приказна со која и Шехерезада ќе се намачи. Но…
Така изгледа во куси црти, драг читателу, филозофијата како практика и теорија на големите антички цивилизации. На Исток во мистичната Азија имаше слика на неколкумилениумскиот суверенитет на фасцинантната на темата суверенитет кинеска цивилизација, која и денес го има и продолжува во перспектива него по Патот на свилата и Појас и пат. Цивилизација чиј концепт е радикално различен од западниот. Цивилизација која има свое Тао, Пат озаконети од длабокоумните Лао Це и Конфуциј и кој Кинезите и денес го следат како цивилизациски концепт. Единствен пример, колку што познавам јас во историјата на светските цивилизации. И тој сега служи како поука за суверенитетот на другите, пред сè народи како македонскиот сведени, како што би рекол Конески, на поимот „смачкано племе“. Тоа е тоа. И она што е тука посебно важно, есенцијално во однос на веќе метафизички карактерната именка „суверенитет“, тоа е дека кај сите долготрајни повеќемилениумски цивилизации, како што се Сумерската, Староегипетската и Кинеската, е дека се брани она што се именува како свето во правото, етиката, културата и целокупниот поглед и на свет нацелен кон тоа. Она што ѝ недостасува, драг читателу, денес на расштиманата Западна цивилизација, наследник на римската и на нејзината екстремно сурова до варварство ментална слика. Таа што ја почувствувавме сега и ние Македонците во неа. Цивилизацијата сега вглобена целосно во менталната и идеолошка слика на бриселска Европа.
Толку, кусо за сликата на суверенитетот на моќните антички цивилизации како образец на траење. Ние, драг читателу, во таа слика ги вклопивме пред сè Сумерската, Староегипетската и Кинеската цивилизација, плус и старогрчката, која стои историски инфериорна наспроти нив. Неа ја промовираа во историска перспектива и слава, ако ја следиме Дројзеновата (хипо)теза за хеленизмот, Античките Македонци кои Европа ги лишува од нивниот генерички идентитет и суверенитет. Сеедно. Таа мистификација нам ни е добро позната. Тука сега од макросуверенизмот на големите цивилизациски и општествени организми преминуваме на микроуниверзумот на единката, индивидуата во нив. А тие се често неповолни и дури репресивни за неа по однос на нејзиниот суверенитет во нив. По однос на слободата која во основа го гарантира него. Толку е доволно, но ако сакаме темата на суверенитетот е присутна, за некого шокантно, и кај самите ствари, материјалните нешта на кои модерните филозофи им даваат во таа смисла дури и статус на битие. Тој аспект на поглед на нештата можеме да го најдеме кај Шопенхауер и посебно јасно како метафизички факт изложен кај Спиноза. Неговата (хипо)теза дека сите нешта поседуваат желба, или порив за траење е навистина брилијантна во таа смисла. Тоа е законот на инерцијата во нив. Пред сè.
Поривот за траење кај Спиноза на материјалните нешта, стварите, е адекватен и на поривот за траење на човекот, општествата и цивилизациите што ги создава тој. Надоврзувајќи се на холандскиот филозоф, Евреин, тоа е во нашата (хипо)теза, драг читателу, поривот за траење и на Македонија и Македонците како суверенитет. Тој порив, за жал, со наслабнат интензитет ние го демонстрираме колку што е моќен тој и колку што ни е дозволен во рамките на европската западна цивилизација, која и самата суверенистички е расклатена до разнебитеност, скриена под маската ЕУ во Брисел. Европа како културно-цивилизациски суверенитет, посебно во минатиот дваесетти век е во страшна криза и распаѓање. Доволни за потврда на тоа се двете европски светски војни. Не треба повеќе. А тоа распаѓање продолжува на подруг перверзен начин, со шанса да се обнови/повтори апокалиптичната слика од минатото столетие. Германецот Мерц сега, како инкарнација на фирерот, ја вооружува и милитаризира до заби Германија. Се враќа на германското катастрофично време од триесеттите на минатото столетие. Итн. Да не зборуваме и за галскиот француски петел со наполеоновски амбиции Макрон кој ни ја скрои „француската рамка“. Итн. Да. Но нас сега нè интересира суверенитетот на Македонија и Македонците во цивилизацијата што тоне без цврста почва под неа, а ние уште повеќе од неа. „Напукната е оската на светот“ гласи еден дијагностички стих на Јејтс.
Но тука не сакам да должам, драг читателу. Веднаш ја поставувам дијагнозата на македонскиот суверенитет во таа борделска цивилизација со страшно болен ерос од што веројатно е збунет и Маркиз де Сад, кој сјајно ја демонстрира порнографската слика на нејзината морална и секаква друга атрофија. А што се однесува до суверенитетот на Македонија и Македонците денес, in medias res тој е на смртна постела. Болен Дојчин, само со таа разлика што тој успеа да се крене од смртната постела, обновен парадоксално од болеста, и да ја победи смртта. Кај Македонците сега, почнувајќи од 1990, кога божем се осамостоивме како идентитет и Република, нема таков Дојчин, без разлика на постоењето на болеста. Никој од нашите „дојчиновци“ за овие три и пол децении не покажа таков ум и храброст на победа на смртта со смрт, науката која од Исус ја научија нашите илинденци и асномци, па на знамето со кое се бореа ја втиснаа посилна од формулата на Ајнштајн формулата „Слобода или смрт“. Не е познато дека во историјата на светот досега постои знаме со таков слоган, како и што не е познат таков подвиг каков што е тоа подвигот на гемиџиите, на саможртвата којашто се остварува ангелски без крв на други жртви. Да, драг читателу, нашите комити и илинденци ја сфатија граничната ситуација, типично македонска, во која нема друг избор освен оној меѓу смртта како ропство што се мери со мерката на мртовечкиот ковчег, и Слободата која го прегрнува бескрајот. А ние што сторивме од 1990 наваму? Кој од тие два елемента на комитското и асномското знаме го прегрнавме. Го прегрнавме, за жал, елементот смрт, а го избришавме елементот Слобода за кој ги положија своите млади животи Гоце и Сандански. Ние со нашите сервилни политичари, кои ја практикуваат филозофијата на глушецот од дупката, а не на орелот од отворените хоризонти на небесата (читај слободата) без отпор ја ставивме главата под сечилото па гилотината на оваа цивилизација, која веќе пред столетие и кусур направила план за темелна ликвидација на Македонците. Пред сè ликвидација на нивниот историски и идентитетски суверенитет, исфрлајќи ги целосно надвор од оската која го формира кругот на суверенитетот на цивилизацијата како опфат на сите културолошки и антрополошки чинители во него, па и на македонскиот во таа смисла. А македонскиот културолошки чинител во кругот на таа европска цивилизација затворена во корупката на својот тесен колонијалистички ариевизам е важен. Дури екстремно важен ако се имаат предвид даровите што ѝ ги дал тој на оваа денес тотално аморална и расипана цивилизација, која Македонците психијатриски пред едно столетие ја дијагностицираа неа во сликата на Вавилонската блудница од Откровението во Новиот завет на апостол Јован.
Доволно. Сега нема да ја повторуваме линијата на ништењето на историскиот и идентитетскиот суверенитет на Македонците од страна на Европа. Сме ги замориле читателите со тоа. А сè тоа се сведува на лишувањето на еден народ од неговата историска и културолошка меморија, со цел за ништо да не се сеќава тој, ни за предците, ни за прапредците, дури и за оние што сега се зачнуваат и што доаѓаат од иднината, но како неидентификувани идентитетски суштества. Да. И сè тоа е вистина во однос на нашата судбина, единствена таква и до тој степен проколнатичка во ариевска Европа. Зошто? Треба неколку дебели, или многу повеќе томови за да се објасни тоа. Ние нешто сме објаснувале на тој план драг читателу, знаеш. А сме го објаснувале тоа и со нашиот македонски дефект за суверенитет, со наслабнатиот или сега никаков порив за траење, кој како што тврди сугестивно Спиноза него го имаат дури и стварите. Оттука мораме итно да се преиспитаме. Европа нè смета, знаеме, како диво месо на нејзиниот по сите основи сега канцероген и цивилизациски неизлечив организам, покрај другото и затоа што „лекарите“ во Брисел поседуваат синдром на политидиотизам, но проблемот е во тоа што и нашата политика и политичари со сличен синдром се помирени со тоа, плус и тоа што, тие Македонците без да ги прашаат ги сметаат за такви идиоти во системот на сопствената (а најмалку сопствена) сега држава. Оти сликата со македонските партии е таква. Тие наместо да се залагаат и да го формираат, државно, национално, културолошки и цивилизациски македонскиот суверенитет го деградираат и ништат до последната точка на постоење. Едната од нив, која бесрамно се смета за социјалдемократска (Боже мој!), со еден потег, со едно пенкало го збриша суверенитетот на целокупниот од создавањето на светот до денес, за што говори и Светото писмо, македонски историски и идентитетски суверенитет. Така, а нејзиниот опозициски партнер, што ги „брани“ позициите на патриотизмот не пружи речиси никаков отпор на тоа злосторство од Македонците ‒ немакедонци. Боже, како да се преболи оваа болка. Nocturno. De profundis. Memento mori.
(продолжува)


































