Кога одевме на одмор во Паралија, Лептокарија, Платамона, па сега и на Халкидики… не прашувавме кои се тие таму наши Македонци. Да знаете дека им било тешко и мачно, а и сега не им е лесно кога им дозволија да си пеат и да играат ора, зашто тие македонски песни сега се дел од грчкото наследство. Дојдоа и тука, грчката амбасадорка не крие ништо. Обележани сме, маркирани. Судбината на егејските македонски семејства стана судбина на цела Македонија, на сите Македонци каде и да се
Ако мислите дека нешто што се случувало во 19 или во 20 век минало-поминало, се лажете. Историското време, паметење и случување никогаш не се бришат, тоа е една матрица што се повторува, само може формата да ја смени. Читајте ги Прличев, Рацин, Конески… Да читаме наши дејци и сѐ ќе ни биде јасно. Оти не читајќи ги (всушност читајќи ги слушаме) правиме грешки во сегашноста, а со Преспанскиот договор направивме катастрофална грешка, која имаме обврска да ја исправиме. А можеме. Ете, нѐ убедуваа дека историјата не била важна, ни кажуваа дека треба да гледаме во иднината, и влеговме во таа нивна стапица, во тој вортекс на измешани времиња и пропаѓаме предводени од измеќари на туѓи интереси. Срам и арам да им е.
Имаме сите семејни приказни и тајни, а конечно кога сето тоа ќе го собереме можеме да го наречеме историја, фолклор, традиција, култура… на еден национ.
Една моја семејна приказна, која е трауматична во некои делови. Во 1967 година како второодделенец со мајка ми отидовме на одмор во родното село на татко ми во Егејска Македонија, многу близу до Солун, а и до Кукуш. Низ селото тече реката Галик, велат именувана во чест на галичани, кои со стадата овци останувале преку зима во тој крај. Прво што забележав на куќата на чичко ми беа некои симболи слични на црни крстови измачкани со ѕифт. Тоа да ти било маркирање на македонските куќи, на семејства што зборуваат македонски јазик и кои биле на другата страна за време на Граѓанската војна. Семејства со малку чудни за мене презимиња: Кукурузовци, Трапчовци, Шкембови, Чуперкови, Нарашанови…. Постарите, меѓу кои и баба ми Катерина, не знаат грчки, а помладите се потат да кажат понекој правилен збор на грчки јазик. Со братучедите се разбираме. За добредојде, чичко ми, според кого го носам името, приредува вечера, владее чудна атмосфера. Не смеат да зборуваат гласно за да не разбере „аштиномијата“ (полицијата) дека се зборува на мајчин македонски јазик. Татко ми е во Скопје, не смее да влезе во Грција. Тој е дете бегалец и ќе се види еднаш со мајка му пред таа да почине кога веќе немаше солзи за пуштање. Сите ги исплакала по синовите што отидоа зад границата. А таа граница беше тука, едвај на десетина километри, но за Егејците беше најоддалечената точка на планетата земја. Не е тоа апсурд, туку политика на еден режим тогаш поддржан од Велика Британија и од САД. Обележани за навек, ставени во црн тефтер, луѓе што не можат да дојдат на своето родно огниште затоа што не биле Грци по род.
Во трошната куќа на чичко ми вечерта се одигруваа сцени како на филм. „Црно семе“. Значи, не смее да се зборува македонски, а уште помалку да се пее. Арно ама чичко ми ѝ се обраќа на мајка ми: Викаат дека си пеела како Васка Илиева. Сум пеела, сум пеела, одговара мајка ми. Е, ајде снао испеј ја „Црна се чума зададе“. Мајка ми со ѕвонливиот глас лешочки ја пее од срце и од душа песната. Се придружуваат и другите, некои плачат, а чичко ми во тој момент на чистење на душата од сите катрани насобрани почнува да крши чаши од еден ѕид… Во мугрите нѐ буди силно тропање на вратата. Станвајте! Си помисливме дошла полицијата да нѐ апси. Алармот беше дека треба итно да бегаме од Грција и да се враќаме во Југославија, затоа што власта ја презела воената хунта, враќање на монархофашистите, што никогаш не било добро за Македонците и за грчките комунисти.
Не се забораваат тие моменти и одвреме-навреме се прераскажуваат во семејствата што, сакале да признаеме или не се отуѓија, се одродија, се измелезија. Ама, сепак, тука сме, живи сме, се бараме и креваме глава.
Не би ја отворал интимата, не би зборувал за страдањата на дел од мојата фамилија доколку не гледам дека тоа биле приказни на илјадници семејства, дека сега таа приказна не е само егејска, туку станува македонска. Лека-полека сенката на грчкиот хегемонизам, политиката на монархофашизмот се надвиснува секаде каде што има Македонци. Секаде. И во Република Македонија, и во Бугарија, и во Преспа, и во Австралија, Америка… Денешнава модерна Грција, која станува демократија некаде во 1973-1974 година по падот на воената хунта (хунтата владееше и во Шпанија и Португалија, како мала дигресија за да го имаме предвид демократскиот капацитет на Европа) ги продолжува старите политики, кои имаат цел целосна анихилација на Македонците. Во еден голем дел тие успеаја со окупацијата на Егејска Македонија, а сега јаваат на таа стара коњица и мавтаат со сабјата и во оваа насилно преименувана Македонија. Ако мислите дека ова се зборови на претерување, само да ве предупредам – грчката сенка е драматично надвисната над претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Амбасадорката на Хеленската Република не само што го напушти непримерно свечениот чин на давањето заклетва туку сега и преку својата заменичка секаде ја следи и запишува каде употребила северна, а каде само Македонија. Мицотакис бара од македонските функционери, пред сѐ од Христијан Мицкоски, секаде и секогаш да користат „северна Македонија“.
Тие не смеат ни кога се во папучи со далечинското во рака да изустат Македонија, оти Атина ги предупредува – ќе има последици. Какви закани! Мицотакис ќе нѐ кодошел на самитот на НАТО?! Ова ли се тие мерки на градење доверба? Бидете сигурни во тоа дека се, а ќе биде и уште потешко и полошо. Откако си ја лапнаа Егејска Македонија со еден потпис и непризнаен референдум, со сите македонски песни, ора, златни маски, круни, археолошки локалитети, легенди, митови и изместени македонски гробови и премачкани со грчки фалсификат македонски цркви, дојдоа и тука. Нѐ следат и кога сме во папучи и ни организираат вечери на грчка музика и грчко гиро, грчка мусака, грчки јогурт. Да играме сиртаки?!
Кога одевме на одмор во Паралија, Лептокарија, Платамона, па сега и на Халкидики… не прашувавме кои се тие таму наши Македонци. Да знаете дека им било тешко и мачно, а и сега не им е лесно кога им дозволија да си пеат и да играат ора, зашто тие македонски песни сега се дел од грчкото наследство. Дојдоа и тука, грчката амбасадорка не крие ништо. Обележани сме, маркирани. Судбината на егејските македонски семејства стана судбина на цела Македонија, на сите Македонци. Па ако е така, а така е, тогаш со кренати глави и храбро треба заедно да се сплотиме во одбрана на нашето, македонското. Ништо не бараме повеќе од тоа што е наше. Да си го вратиме.
Христо Ивановски