Минатонеделната колумна посветена на маките во организирање конференција од светски калибар имаше силен одек. Уште еднаш им се заблагодарувам на сите што, поттикнати од неа, донираа со искрена желба да успееме да се претставиме како дел од светот, а не како светска провинција. Истовремено, додека поединци покажуваат таков сенс што те трогнува до солзи, успешни компании и банкари ти одговараат: „Сето ова навистина е на високо ниво, ќе предизвика голем интерес! Но… но темата, хм…“ Пусти страв! Пуста самоцензура! Уплав да не бидат видени како политички некоректни или не дај боже „на другата страна“. Подоцна разговарав со претставник на амбасада од пријателска земја, заинтересирана за конференцијата, па меѓу другото ме праша дали на конференцијата ќе се обрати некој државен претставник. Му одговорив дека сме контактирале со кабинетот на министерот за надворешни работи, но дека нема одговор. Потоа му кажувам најискрено дека во Македонија и самиот збор „мултиполарност“ буди страв, а камоли дискусија на таа тема. Очигледно ја гледал пред себе програмата со учесниците и насловите на нивните презентации, па низ смеа ми одговори: Можам да замислам каква е реакцијата кога ќе се прочита дека Џефри Сакс ќе зборува за „падот на моќта на Западот“! Се поздравивме љубезно и со едно симпатично „никогаш Северна“ од негова страна. (Истиот ден ја видов изјавата на министерката за образование и наука, која пред камери се извинуваше што ѝ се испуштило „Република Македонија“, па особено емотивно ме погоди тој контраст… Но тоа е друга тема. Болна и долга).
Реакциите на богатите, кои или се вадат или едноставно не дигаат телефон за човечки да ти дадат одговор, ме потсетија на една книга од мојата младост. Во 1973 година книгата „Страв од летање“ од Ерика Јонг стана бестселер затоа што третираше тема што се сметаше за табу. Се разбира, летањето (во согласност со фројдовското толкување) симболизира/ше страв од сопствената сексуалност и слобода. Обратно, летањето (во соништата и во симболична смисла) е симбол на амбиција и надминување на сопствените длабоко всадени стравови и ограничувања, кои се обично наметнати однадвор, од општествените и другите фактори и инхибиции. Ерика Јонг беше (веројатно ненамерно) дел од едно време на нов бран на женска еманципација (која е и човечка еманципација, нели), толку храбар (а сега толку обичен) што дури и феминистките ја нападнаа.
Да се вратам на главната поента. Македонија е заробена земја, лишена од суверенитет и право да размислува за сопствените национални интереси. Притоа, кафеавите сахиби вредно работат на одржување и на заробениот ум (како кај Чеслав Милош). И на индивидуално и на колективно ниво… Секој што ќе отстапи од доминантната матрица на размислување мора да биде поставен на ѕидот на срамот и да се девалвира. Заробениот ум претставува ум што е некритичен и ум што имитира, а кој е под доминација на надворешни фактори. Тоа е ум што ги напуштил независната перспектива и поглед на стварноста.
Веќе со месеци го распнуваат на крст Џефри Сакс веќе познатите НВО и нивните гласила. Веројатно нешто слично ќе ми се случи и мене (или веќе се случува). Зошто? Затоа што секој што се обидува да размислува со своја глава, да влезе во интелектуален и академски (не мора политички) дијалог се гледа со сомнеж. Но, многу поважно е да се демонстрира сила дека на таквите ќе им се потскратат крилјата – како пример на другите. Она што ни го всадуваат во колективниот/националниот ум е не само страв од летање туку и страв од мислење. Мораме да живееме во зададени рамки на дозволен дискурс и зададени постулати и теми – без оглед што се случува во светот. Слично како кога од страв нојот ќе ја бутне главата в песок радувајќи се дека ја избегнал опасноста. Ние повеќе сакаме да живееме во страв, покорност и со главата в песок отколку да се обидеме да летаме, да се самооткриваме себеси и своите интереси.
А светот се менува! Брзо и драматично. И со нас и без нас. Без оглед дали ние знаеме што се случува и кои се опциите за да работиме на мир и опстанок на цивилизацијата, наместо на нејзино уништување, светот е веќе некое друго место од она што ни го продаваат како бајка и посакувана дестинација. Ако веќе и сме прифатиле дека сме дел од „западот“ (што и да значи тој, бидејќи под запад се подведуваат и земји како Австралија, Јапонија, Јужна Кореја), зарем смееме да си дозволиме луксуз да го игнорираме она што реално е глобално мнозинство. Ние („западот“) сме „остатокот од светот“ – бидејќи сите други сочинуваат глобално мнозинство по сите параметри: територија, население, ресурси итн. Западот води и е на врвот на летвичката за милитаризацијата. Доволно беше деновиве да ја слушнете „американската надеж“ (таа на либералите и прогресивците) како на националната конвенција на демократите вели: „Ќе гарантирам дека Америка секогаш ќе ја поседува најсилната, најсмртоносната борбена сила во светот!“ (Еве го и оригиналот, за секој случај: „I will ensure America always has the strongest, most lethal fighting force in the world“.) Веднаш зад тоа следуваше заложбата за ставање главен фокус на надминување на Кина во натпреварот за 21 век.
А само пет минути претходно ветуваше мед и млеко на домашен план, грижа за сиромашните, болните, старите, бездомните (небаре некој ги спречуваше во цел мандат да сторат нешто на тој социоекономски план или како да биле опозиција)! Да го слушавте само тој дел од говорот (и нејзин и на нејзините поддржувачи, вклучувајќи ги и бившите претседатели Клинтон и Обама), ќе помислевте дека луѓево се социјалисти. Но, овде се создава когнитивна дисонанца, двомисла што би рекол Орвел – спојување на две неспоиви работи, создавање претстава дека тие одат рака под рака – домашниот мир и благосостојба со глобалната војна против сите што не се запад.
Без оглед што постојат многу пречки, кои можат да бидат навистина сериозни и објективно зададени, најмалку што можеме да сториме како мислечки суштества е барем да се извишиме над умствените бариери што ги градат околу нас. Но, не! Ние тапкаме во место и како класични жртви на стокхолмски синдром му се восхитуваме на Господарот што нè носи кон амбис.