Стеснет ум

Темна европска шума. Во неа заглавена една срна опкружена од крвожедни волци и хиени. Тоа е фигуративно сликата на Македонија во оваа сурова цивилизација. А има варијација на оваа слика и во сликата од бајките со Снежана и џуџињата (во случајот волците и хиените) што завиваат околу неа со темна еротска страст. Завиваат со темната желба на задоволството. Тоа и таква би била Фројдовата проекција на сладострасното убивање на Убавината која треба да го спаси светот (Достоевски). Садистички ерос за кој зборува Маркиз де Сад, типичен сега за Европа кон Македонија и Македонците.
Така. Туку да не се отклонуваме од темата поставена во насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, иако и со илустративните слики понапред стоиме во нејзиното средиште. Темата „стеснет ум“ на која нè потсети европската Словенка Марта Кос. Таа беше во Скопје покрај другото, ако не и само за тоа, да нè освести идентитетски, да ни каже како натписот на онаа славна слика на Гоген: „Кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме“, насликана на Тахити, француска колонија. Таа слика на прекрасниот сликар набист истовремено нè потсетува воленс/ноленс и на суровиот европски пљачкашки колонијализам, кој почнува уште во 12 век со темпларите, а по нив и со крстоносците, за да експлодира по откривањето на Колумбо во 1492 година на Америка со шпанските и португалските конквистадори, а по нив англосаксонските, кои ги истребија со пушки и со хуманитарни ќебиња полни со бактерии од тифус Индијанците во неа. По нив во современата историја како нивни наследници за да го дооформат антрополошкиот портрет на ариевската западна цивилизација дојдоа фашистите. Некои од нив сега ги гледаме заседнати и во фотелјите на Брисел, задолжени покрај другото и за ликвидација на Македонија и Македонците.
Словенката Марта вклопена во големиот ариевски портрет на бриселска ЕУ беше неодамна во Скопје, покрај другото, ако не и само за тоа, да ни каже кои сме, кој е нашиот идентитет и кое ни е местото во словенечкоевропската цивилизација од која се храни нејзината идентитетска екстаза. Марта членка, Словенка, на цивилизацијата што збриша идентитетски цели континенти и народи, а сега по ова ѝ остана да ги смачка и Македонија и Македонците. А може сепак, Боже, е и добро ако е тоа нејзиниот последен планетарен геноциден проект. Но се сомневам дека е. И што се случи со Марта Кос во Скопје. Таа како ЕУ-монумент| in medias res, нашиот идентитет по налог на бриселските ЕУ-фирери (Хитлер е раситнет тука) го детектира во нашата, рака на срце, магична гастрономска уметност во тавче-гравчето, пинџурот и полнетите пиперки. А манастирите што ги спомна само ја дефинираа дополнително какoфонијата на. нејзиниот збркан ум.
Така, на тој начин, словенечката европратеничка го дефинира нашиот идентитет гастрономски, настрана од тоа што тој заверен со божји печат и во највалидниот за западната цивилизација, пред сè, религиски, антрополошки и историски документ Библијата, и тоа од првите до последните нејзини страници во Новиот завет. Сеедно. Очигледно дека тука недостасуваат когнитивеи капацитет и отворен ум. Оти потребно е тоа за да се сфати дека идентитетот е нешто априори зададено од Господ како генерички печат на секоја единка и племе, но и на секоја ствар. Како есенција тој е содржан во именките што го означуваат него. Таа именка на нашиот колективен идентитет е Македонија, Македонец, Македонци без дополнителна придавка или друг атрибут, кој го изместува него од лежиштето дури и до негово поништување како што се случи тоа со смртоносната придавка „северна“ стокмена од Брисел и Атина за негова смрт. Така поставен и дефиниран од Господ, кој именува за да воспостави идентитети, кантовски речено, идентитетот е „ствар по себе“, метафизички факт, стожер околу кој се вртат историјата, културата и цивилизацијата на еден народ. Во нашиот случај тоа е стожерната именка Македонија. Белки Марта го знае тоа, а ако не го знае, по дефиниција тогаш не го разбира ни својот словенечки идентитет. Или нешто знае, но недоволно и конфузно, па нè отера во кујната со тавче-гравчето, пинџурот и полнетите пиперки лично да ни го демонстрира со гастрономски артефакти идентитетот. И нема што многу да ѝ се лутиме тука, иако ја крена на ента степен нашата дразба како нејзино важно откритие во подрачјето на колективната бихевиористичка психологија. Не. Словенечката или бриселска ЕУ-госпоѓа, сеедно, нешто напипала, нешто од она што можеме да го именуваме како a-posteriori идентитет втемелен во обредната симбологија на традицијата, па и во кујната, како додавка на севкупниот идентитет што извира од Името на еден народ.
Вистина е дека антропологијата на кујната со нејзините вкусови, различни јадења, бои, но и применета и обредна естетика е важна, многу важна компонента на секој еден колективен идентитет, но не и одделена од Името на народот, од кое како негово докомплетирање генерички извира тој, впрочем како и сето негово културно-цивилизациско богатство. Госпоѓа Кос или не го знае тоа, што е возможно, познавајќи го когнитивниот капацитет по таа тема на бриселските политичари, или нешто сепак знае, но ја реализира идејата на својот ЕУ-налогодавец да се оттргне македонскиот идентитет од својот искон, од коренот од кој се храни со сокови неговото огромно дрво и да се сведе на неговите суви гранки, на сув труп што ќе се исече во пиланата на цивилизацијата во Брисел и натрупа на куп за огрев и спепели за да не остане трага од него. Е, тоа е концептот на Европа за македонскиот идентитет, драг читателу, со кој се мачи таа еве веќе цело едно столетие и кусур, од Букурешт 1919 до денес. И сиротата Марта Кос е сега вклучена во него. Тука се за таа цел и нејзините импресионистички бравури со нашата кујна, која навистина е магична, па и во неа може да се види интелигенцијата на македонската душа, неверојатната имагинација, на пример, само од неколку елементи на сиромаштијата: сува пиперка, лук, зејтин и оцет да се направат околу триесетина видови топенка. Умот да ти зајде. Итн. Но парадоксот е во тоа што не се краде од кај нас само Името, туку и сè друго што носи со себе тоа, вклучително и пребогатата антропологија на кујната на која, за да нè утеши за бриселскиот колеж на Името, нè упатува како компензација за трагичниот губиток цивилизациски мудрата ЕУ-Словенка, без да знае (или се прави наудрена) дека сè што има наш идентитетски белег сега се разграбува. Па и кујната. Така, да ја потсетиме Марта дека во тој грабеж на сето тоа, иако микроскопски ситно, за жал не се исклучок и нејзините Словенци. Тие лично пред очи, додека ручавме со предците и прапредците, ни ја украдоа теглата со ајвар и ја брендираа како свој идентитетски специјалитет во Брисел. Така. Итрите Словенци на Марта што ги памтиме и од времето на Југославија кога со камиони носеа јаболка од Преспа и ни ги отплатуваа назад во мали и прескапи шишенца со сок за бебиња.
Така. Оти госпоѓата што ни ја пратија од бриселскиот полит-бордел вистина ништо и не знае посебно за македонскиот генерички и културно-цивилизациски идентитет, кој е пребогат и во кој Господ истурал со вреќа дијаманти. Што да правиме кога толку го засакал и милувал овој народ, та и својот најревносен апостол лично духот на Исус („Дела апостолски“) го испрати во Македонија за да ја крене првата црква тука во Европа и преку неа да ја отвори новата епоха по старото време. Епохата на сеопштата човечка љубов и братство со цел да се преобрази паганска Европа, наследничка на суровата римска психа. Павле и Македонците со него, со кои тој сакаше да се пофали пред Господ, вложија голем напор во тоа, но, за жал, нивниот космополитски проект на сеопшта љубов речиси не успеа во таа цивилизација, која и денес остана сурова, конквистадорска, од Колумбо до денес. Таа изгради велелепни катедрали за да го намами, лицемерна, Господ кај неа. Но тој никогаш не влезе во нив. Така е тоа како цивилизациски и божји факт, госпоѓа Марта. Имено, Македонците ѝ дадоа најмногу културно-цивилизациски дарови на таа цивилизација патолошки вљубена само во Грција, а сега и во Бугарите, сè само со цел да ја снема меморијата за Македонците, оти нејзе ѝ е мила темнината, а не светлината, суровоста, а не љубовта, сатаноликоста, а не богообразноста. Нашето искуство со неа е такво, а такво е и искуството на многу народи низ светот што биле понижувани и пљачкани од неа. Долга е историјата на таа нејзина темпларска, крстоносна, конквистадорска и фашистичка авантура.
Тоа. Инаку што се однесува до македонскиот идентитет содржан во неговиот културно-цивилизациски имот, тој е речиси неопфатлив дури ни со умот, толку е богат и пребогат, а Македонците со нивната космополитска душа (за разлика од западната етноцентрична) него не го чувале за себе, оти никогаш не биле егоистични, туку го раздавале како нафора на цивилизацијата. Нешто од таа дарежливост, без да се бара вратка за неа, се очешале и Словенците на Марта Кос, а таа глаголејќи ни за пинџурот, тавче-гравчето и полнетите пиперки не го знае тоа. А треба да го знае и да биде благодарна. Тоа е светлината на писменоста на македонските просветители и визионери Кирил и Методиј, а потоа дополнително и на Климент и Наум, основачите на првиот универзитет во Европа во Охрид. Нив сега Мартината ЕУ-Европа на западните колонизатори беневолентно без наша дозвола им ги предава на Бугарите, кои без македонскиот средновековен културно-цивилизациски идентитет навистина ќе останат многу празни и сиромашни. Па, Европа како македономразец и македоноубиец и македонскиот антички имот сега со Преспанскиот варварски договор конечно им го подарува на Грците за да не останат без голема историска слава, стеснети како пирати и филозофи на егејското крајбрежје, пљачкајќи ги бродовите од Коринт па до Сицилија. Тоа се главно најголемите пљачки на македонскиот идентитетски имот од древноста до денес. Освен кај Грците и Бугарите, нешто од тој идентитетски грабеж отишло и кај некои други. Помалку. Кај Албанците, на пример, „залутал“ по таа линија Ѓорѓија Кастриот, преименуван во Скендербег. Но тоа, нека прости, изгледа ситница споредено со грчкиот и бугарскиот варварски грабеж на кој беневолентно му кумува Европа.
Така стојат работите. Но барем да ги облагородил и да ја просветлил темната психа на пљачкашите македонскиот идентитет, драг читателу, кој блика од духовна светлина, отворен ум и космополитски хоризонт на светско братство на народите. Тоа е уште античката идеја и визија на Александар, која од него ја наследија Кирил и Методиј, а по нив и современите Македонци. Гоце со неговата визија за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ и Рацин со неговата „куќа-цел свет“ и „силно светнатиот ден“. Тоа и така, почитувана ЕУ-госпоѓо Марта Кос. А што се однесува до колонизаторска Европа, која сега се обидува да се скрие зад божем космополитската и хуманистичка маска ЕУ, таа е позната како ништач или упропастувач на туѓи изворни идентитети. Антрополозите многу пишувале за тоа, за нејзиното детронизирање на домородните идентитети секаде кај што ќе стасала порано како колонизатор и пљачкаш на туѓи блага. А и денес го прави тоа, за што како нејзина присилна колонија е сведок и глупаво именуваниот за нејзини потреби Западен Балкан. Во него, како здраво биолошко и културолошко ткиво, сега таа ги прелева за да ги детронизира идентитетски нејзините секакви морални и антрополошки перверзии и сè друго што не му е својствено на антрополошки здравиот балкански човек. Европа фројдовски ја проектира на него својата темна сенка на психата за да се ослободи од неа. Така тој е шовинист, иако тоа е францускиот генерал Шовен, или е садист, иако тоа пак е Французот Маркиз де Сад, кого сега во комбинација со Наполеон го имитира бедно Макрон, без да знае дека маркизот не е само порнографски садист како што го познава тој, туку е и одличен, иако сè уште недоволно откриен, филозоф. Итн.
Така стојат работите, но на крајот да не заборавиме да ја објасниме како поента на сè понапред кажаното синтагмата „стеснет ум“. Таа има психијатриски карактер, позната и како „стеснета свест“, а кај Чеслав Милош дефинирана и како „заробен ум“. Фигуративно тоа е соба без прозорец, ум или свест без хоризонт и визија. Веројатно, како што го сфаќаат тоа и психијатрите, тука се работи за благ вид шизофренија, на „затворен“, фиксиран на една точка ум, наспроти отворениот, кој располага со когнитивен капацитет да го прегрне целиот свет како „поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце), или како „куќа-цел свет“ (Рацин). По дефиниција, покажана во пракса, таа „стеснета свест“ или „заробен ум“ со наслабнат когнитивен капацитет за осветлен космополитски хоризонт и хуманистички визии со право и психијатрите најмногу им го припишуваат на политичарите. Впрочем, таа психијатриска хипотеза ја демонстрираше со пинџурот и тавче-гравчето и полнетите пиперки и ЕУ-дамата, инаку Словенка по генерички идентитет, Марта Кос, неодамна во Скопје.
И пак јa пречекоривме црвената линија на дозволениот простор, драг читателу. Сега, за крај, само уште нашата порака, по сто ова, до збунетата Словенка. А таа е: нека ни ја врати таа украдената тегла со ајвар и брендирана во Брисел како словенечки идентитетски специјалитет од нашата идентитетска трпеза, која таа толку многу, за да нè утеши за европскиот идентитетски масакр врз нас, ни ја испофали во Скопје. Нека ни ја врати за да ја ребрендираме, ако не во Брисел, тогаш во Москва или Пекинг. Нека ни ја врати, а потоа нека си замине за Словенија или за Брисел, сеедно, и нека не се враќа пак во Македонија. Не мора. Нека оди во Северна Македонија, која е во Брисел, Софија и Атина, но не и во Македонија.