Средби со Радев не се потребни!

И во двете земји, средбата на двата претседатели во Баку, Азербејџан, доби голем публицитет. Во Бугарија беше и нагласено дека тоа било по наше барање. Затоа, првото прашање е – која била целта? Во случајов, нема прифатливо објаснување. Трета средба е меѓу нив, и што е постигнато?
Прво, двата претседатели не се надлежни да ги решаваат проблемите што постојат меѓу двете земји, иако имаат дипломатска улога. Второ, националист-шовинистот Румен Радев е главната личност во Бугарија, кој јавно не нѐ поднесува како Македонци, не го признава македонскиот јазик… Трето, и кога нема оперативна потреба, Радев и неговата заменичка турбо работаат против нашата земја. Четврто, со изјава што следуваше, Радев ја испогани средбата и ѝ нанесе штета на македонската позиција.
Со пораките од неговиот прес, Радев прво ни одржа лекција – „… отворениот дијалог што го поставуваме со Силјановска треба да го усвои и Владата на Македонија“. А потоа ни плеска и нова шлаканица: „Не е проблемот само со навремено внесување (на Бугарите) во Уставот. Ние очекуваме Владата и Парламентот на Македонија поскоро да го спроведат сето она што е предвидено во преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, за Македонија да не губи историско време за своето членство“… „Ако државното раководство на Македонија навистина има желба за влез во ЕУ, мора да ги исполни преговарачката рамка и Договорот за добрососедство. Тоа е многу јасно!“ Ова се нови ултиматуми.
А, на Гордана Силјановска-Давкова ѝ рекол: „Многу ми е драго што заедно со Вас можеме да го поставиме тонот на односите… Тонот на… разбирање и меѓусебно почитување“! Според бугарските медиуми, таа се согласила со тоа!?
Замислете, Радев зборува за „меѓусебно почитување“!? Циркус! Истовремено, флагрантно ја злоупотребува средбата! Ние инсистираме на промени, а тој повторно нѐ игнорира и го потврдува нивниот план за уништување на Македонците!
Сето ова е одличен доказ дека средбата била апсолутно непотребна. Бугарија го реафирмира својот понижувачки третман на Македонија, а ако го читате соопштението на кабинетот на Силјановска-Давкова, нема ништо да разберете. Сѐ е вртење во круг. Уметност заради уметноста. Нема ни обид да се објасни која била целта на средбата и што е постигнато, ако има такво нешто.
Од изјавата на Радев, пак, сѐ е јасно. Тој нѐ потсетува дека нема повлекување од преземените капитулантски обврски, а еве, тие прават напори да ја вразумат нашата нова власт, која се обидува да ја менува надворешната политика. Според објавените факти, може да се оцени дека разговорот бил крајно непријатен. Како меѓу глув и слеп.

Ваквите средби, кои непотребно се форсираат, целосно се во корист на Бугарија. Тоа потсетува на времето кога Никола Груевски десетина пати се сретна со Папандреу, помладиот, премиер на Грција, во некакво барање решение за името. Тогаш ја билдавме активата на Грција, а сега ја зајакнуваме позицијата на Бугарија. До кога Македонија ќе прави вакви сериозни дипломатски грешки? Имаме ли ние некаков центар за стратегиско планирање? Ако нема, МНР треба веднаш да го формира.
Неспорно е дека треба да им покажеме и на Брисел, и особено на Вашингтон, дека се обидуваме да бараме решение со Бугарија, ама не на ваков начин. Во дадениве услови, тоа не може да се постигне преку средби. Како и сега, тоа би биле шанси за Софија да ги реафирмира своите широко меѓународно прифатени политики, а нас да нѐ нокаутира.
Нема теоретски шанси Софија да се откаже од пленот што ѝ го подаривме. Тоа е триумф, историско достигнување и лек за сите нивни вековни трауми и синдроми. Токму затоа, без да се понижува, Македонија е таа што мора да ги менува крајно неповолните состојби, во кои самата се доведе.
За таа цел мора да се тргне со отворена, јавно објавена платформа. Ставот дека нема промена на Уставот, под бугарски диктат, е само нејзината прва реченица. Најдобро е на Бугарија да ѝ се упати меморандум во кој ќе признаеме дека со потпишаните документи, претходната власт направила историски грешки што го загрозуваат националниот идентитет на македонскиот народ. Грешките мора детално да се елаборираат, за да биде очигледно дека се тие неприфатливи и дека мора да се исправат. Така ќе се разоткријат и бугарските подли ставови, намери и планови.
Со тоа, од Софија ќе се бара разбирање за грешките и нивно исправање, а ако тоа не е можно, што е сосема извесно, Македонија ќе отвори простор сама да ги исправа, што е нормално и неизбежно. Нема друг избор, отколку да се повлечеме од претходните обврски, кои се еднострани и крајно штетни за интересите на Македонија. Првиот чекор мора да биде откажување на вториот протокол, со што во вода ќе падне и ултиматумот за промена на Уставот, ама и самата преговарачка рамка. И, Радев ќе биде без аргументи!

Само така Македонија може да напредува кон Брисел. Тоа не може никој да ни го оспори. Во прашање е – записник, а не меѓународен договор! Друг начин за излез од тунелот – нема. Подоцна, и самиот договор за (не)пријателство ќе треба да се стави на маса.
Македонија не треба да чека нова влада во Софија. Промени во нивните политики – нема да има. Тие имаат целосен и траен консензус во однос на Македонија. Нашата офанзива треба да ја започнеме, без да губиме време, а тие мораат да реагираат. Ние знаеме какво ќе биде тоа. Не можат да се правдаат дека немаат политичка влада. Паралелно, ние мора да бараме најширока меѓународна поддршка.
Ова расчистување е клучно бидејќи мора да ни биде јасно дека, ако не се согласиме дека корените ни се бугарски, а јазикот нивни дијалект, Софија нема никогаш да го ратификува нашето членство во ЕУ. Таква шанса – нема! Тие имаат гаранции за тоа, и во сегашната преговарачка рамка, и во договорот за (не)пријателство. Време не треба да губиме.
Истовремено, мораме веднаш на Бугарија да ѝ ставиме јасно до знаење дека не се можни ниту нормална комуникација, а уште помалку добри односи, сѐ додека го игнорираат постоењето на Македонците како посебен народ. Сѐ друго е губење време, вртење во магичен круг и, макар индиректно и премолчено, наше согласување во нивните бесмислени политики на негирање, кои датираат од 19 век.
Нашето досегашно однесување е крајно неразбирливо и за меѓународните фактори. Тие сигурно тоа го толкуваа(т) како согласување со бугарските бесмислици и фантазмагории. Бугарите брутално нѐ негираат, а ние ги толерираме и нормално ги третираме! Поголема будалштина, здравје.
За да се постигне рамноправност во односите со Софија, треба да се инсистира на нивно признавање на македонско малцинство во самата Бугарија, што е неспорен факт. Со апсурдното барање за Бугари во нашиот Устав, ни дадоа историска шанса да го отвориме тоа прашање. Сѐ уште не е доцна. Тоа е веројатно и најтешкиот пат за нив, со оглед на нивните историски синдроми, ама ако инсистираме на реципроцитет, цел свет ќе мора да го разбере тоа.
Средбите со Радев треба да се избегнуваат. Тој има потврдена амбиција да биде гробар на македонскиот народ и затоа мора воздржано да се третира. Во Баку, бескрупулозно ја злоупотреби средбата за промоција на бугарските ставови. Тоа беше удар и за претседателката, и за Македонија, и доказ дека средбите со нас се одлична промоција на нивните „конструктивни политики“. За наше урнисување, де.
Не треба да има никакви дилеми дека и сите други нивни највисоки политичари ќе се однесуваат исто.

Сите тие се едногласни дека не постоиме како народ, дека сме неосвестени Бугарчиња. Тоа ќе го манифестираат во секоја пригода, уште најмалку 50 години. Кристално е јасно дека со нив не може да се договориме за ништо што е поволно за нас. Треба да се избегнуваат средби и да се комуницира писмено.
Изгледа дека нашата претседателка зборувала на македонски, а Радев на бугарски. Тоа е сериозна грешка. Јазикот ни го игнорираат, и на сите средби со нив мора да се разговара на англиски. Таква инструкција мора да подготви МНР. Во спротивно, јавно потврдуваме дека јазиците ни се исти. Може и да им се кажува – кога ќе прифатите дека постои македонски, тогаш ќе разговараме на двата јазика.
Беше нотирано и дека Радев бил поканет да дојде во посета, а нема дека поканата била прифатена. Тоа е навреда за нас. Пред да капитулираме, тој секако нема да дојде во Македонија. И Пендаровски ја покани грчката претседателка да дојде – и таа не одговори. Ова се почетнички грешки.
Заклучокот е јасен – Радев е најмалку каналот преку кој може да се решаваат нашите проблеми со Бугарија. Во Софија таков и нема и затоа излезот треба да го бараме ние, и тоа институционално. Средбите не можат да се исклучат, ама потребна е врвна прагма за нивно максимално редуцирање. Ние не треба да ги бараме. Со цврста политика и добро организирана дипломатска офанзива, Македонија може и мора да успее. Носители треба да бидат Владата и МНР.