Списокот на Мицкоски

Уште еден продолжен викенд. Ако се земат предвид празници и викенди, излегува дека повеќе имаш слободни отколку денови кога забушаваш на работа. И што да пишувам? Нордистан преполн предизвици, нуди список избори. Данела или Ганиу? Партениј или Георгиј? Бегалски кампови или да се бега во камп на крај од логиката? И светот нуди богат список дилеми. Дали ќе ни биде полесно да се правиме наудрени околу геноцидот во Палестина, ако Палестинците ги прогласиме за кокошки? Бидејќи НАТО е посилно од Римската Империја и онаа на Бонапарта, дали Руте се чувствува како Калигула или Жозефина? Ако со преполовена од војна популација, Украина ја прави пичвајс Русија, каков пекол ќе му се случи на Кремљ кога Русите ќе ги истребат сите Украинци? Одмавнувам со раката. Ќе се држам јас само до списоците, заклучувам.

Пред споени викенди се прават списоци. Овие што патуваат на грчките плажи каде што страдаат поради напалмот што Британците го фрлиле врз македонските партизани за да ги спасат грчките монархонацисти, прават патувачки списоци. И ние што остануваме тука правиме списоци. Ова сакав да го купам, ама ептен е поскапено, затоа ќе го купам ова што малку го поевтинија, оти завчера гадно му ја напумпаа цената и сега е поскапо од пред три дена, ама поевтино од завчера. Така списокот се сведува на што сè не можеш да купиш зашто е скапо, па избираш нешто што не е толку поскапено, а не ти ни треба. Значи ти, списокот во рака и тука започнуваат проблемите.

Ете си во маркет во кој од седум каси работат две, ама бидејќи едната касиерка секогаш е нервозна во четврток, никој не знае зошто, сите се натискани на една каса, па редот стигнува до маркетот во соседната населба. Како и да е, во тој момент, ти и списокот сте едно и поаѓате меѓу рафтовите полни бројки што го вознемируваат умот и ја болат душата. Нормално одиш и зјапаш во својот список и воопшто не отскокнуваш од општеството, затоа што сите го брцнале носот во списочето, иако има и такви, модерни, кои списокот им е во мобилниот, ама сите сме еднакви, со нос брцнат во запишаните потрепштини. И така одејќи крајно е нормално да се ѕвекнеш со некој погрешен комшија кој исто така не гледа кај оди, бидејќи зјапа што му запишала жената. Патем, погрешен е секој комшија расположен за дијалог или дебата, затоа што нормално е да сакаш што побрзо да го напуштиш ценовниот пекол. Значи се удирате еден во друг и тебе ти испаѓа списокот од рака. Комшијата е побрз, се наведнува и го дофаќа, не затоа што е воспитан и сака да помогне, туку едноставно, мора да ѕирне што си наумил да купуваш за да скрши дома некој збор со жената за тоа каков трошаџија си станал и којзнае од кај ти се парите, сигурно нешто матиш со политика, со криминал или двете заедно бидејќи одат како лонче и капаче, он тоа секогаш го разговора во штаб со сопартијците. Ти го враќа списокот, ама веќе му удрил целосно скенирање и го започнува тоа што најмалку ти треба… разговор.

Многу голем списоков бе, комшија, вели. Не бе, комшија, враќаш, така ти се чини, големи се буквите, зашто не гледам добро. Голем, голем, инсистира, па прашува, да не си ти за ВМРО? Ти го демнеш сомничаво и, па, гласам за нив, одговараш. Е па, се гледа по списоков, заклучува. Си велиш, о Боже, веројатно нема сега да гуши за некакви вмровски списоци, оти долга е раката на ВМРО, која патем, може е долга, ама упорно сака да се фати за раката на ЕУ за да премине улица, но што е, тука е, комшијава те стави во замка, а некултурно е да го отераш бестрага, ќе ме зборува после низ населба дека бегам од политичка дебата. Не знам што ми зборуваш, комшија, пробуваш да ескивираш. А бе, не знаеш, ти плеска в лице, списоков ти е голем како списокот на Мицкоски.

И ме остава збунет, гарант фацата ми е во шок од типот „Кој го уби Кенеди, човече?“, па трчам дома да видам што е, по ѓаволите тоа во кое не сум упатен. По пат си го измачувам умот со помисли од типот, да не сум пропуштил некоја мадафака сензација? Можеби во рацете на опасното нордистанско истражувачко новинарство паднал списокот што сопругата му го дала на Мицкоски, а во него, што да испазари, па сега врвниве новинарски пера го споредуваат со Панамските документи. Стигнав дома жива вода направен и интернетот сè ми објасни.

Довчерашната власт и дузина нордистански медиуми, кои секогаш се независни кога СДСМ владее, а критички настроени спрема власта на ВМРО-ДПМНЕ, со трауматична вознемиреност, панично вадат детали од списокот што Мицкоски им го испорачува на Бугарите. И го везат списоков, (чиниш Конески доживеал нервен слом, па сега везе стихови натопени во траума) и во паника набројуваат: Мицковски ја прашува Бугарија каде исчезнаа 200.000 Македонци од нивните стари пописи, бара почитување на пресудите на судовите за човекови права, признавање на Македонците, отворање македонски културни клубови, а сега уште бара и Македонец во комисијата за малцинства, па кај го има тоа и до каде мисли да оди премиерот со своите барања и така да нè оддалечува од Европската Унија. Ја следам сета оваа вознемиреност, која само што не ги облекла чевлите на хистеријата и мојот измрцварен ум веднаш вади дузина прашања. Добро бе, со ваков ли список се влегува во маркет пред продолжен викенд? И како тоа ќе сме се оддалечеле од ЕУ кога веќе имаме дузина датуми за почеток на преговори, а истиве нордистански новинари, тоа со радост ни го пренесуваа. Потоа удирам нервозно со рака по масата, оти списоков ми се гледа недовршен. А Македонците во бугарски устав како државотворен народ? А признавање од Бугарите дека Македонците им дале христијанство, јазик и писмо? Имам јас уште, ама при крај ми е колумнава. Тука мојот измрцварен ум почнува да ја изопачува стварноста. Мицкоски по грешка, наместо списокот со наши барања за Бугарија, им го дава на Кошта, Кос и Радев, списокот што сопругата му го направила пред продолжен викенд, па овие сериозниве читаат: месо, компири, пиперки, боранија, тиквички, кромид и бамји за турлитавата што ќе ја правам за мене и децата, а за тебе кекс и гурабии како што ти препиша оној нутриционистот, кој кога излегува на улица, не се прибира. На крајот со протестно писмо се јавува и логиката, која ми соопштува, ама прекини да се занимаваш со глупости, тоа само опозиционерите и новинарите без УСАИД, оставени како сирачиња, во слободно време волонтираат за бугарската администрација, а ти врати се во маркет, заборави да купиш половина од списокот поради муабетот што ти го направи комшијата.