Македонија
„Кај нас сè, и камењата се
монаси во молитва и бдение,
и нашите невести секоја вечер
повторно го зачнуваат Богомладенецот
да донесе во Македонија спасение.“
Еден и ист збор во две варијанти. Ама сепак има разлика меѓу спас и спасение. Која е разликата? Спас е попрофаната варијанта и се однесува на нештата главно во нашиот индивидуален живот, пред сè на судирот во него со институциите на општеството во чии раце ние понекогаш сме обична играчка што нема шанси на слобода. Во литературата таа тема е честа. Кај Чехов нејзината суровост е ублажена со благ хумор и иронија, но кај Кафка не е. Кај него во случајот на Јозеф К. од „Процесот“ е егзистенцијалистички крајно сурово експлицирана.
Тоа. Но спасението е деликатио семантичко, и како нијанса, поместување од спас и неговите натуралистички егзистенцијални јанѕи. Тоа е во основа сакрален литургиски збор, со сакрална звучна аура, која му ја дава старословенскиот суфикс ение (пение, трпение, богојавление, бдение итн.). Спасение исто може како спас да се употребува за егзистенцијалната ситуација на индивидуата во системот на животот и општеството, но во еден вид архетипално значење; на индивидуалниот човек-човештво како што вели Шлаермахер, кој ја страда не само индивидуалната болка туку и болката на целото човештво како негов архипретставник. Но архиобразецот на тој лик на целокупното човечко страдание е, веќе ти е јасно драг читателу, првообразното божјо создание Адам, кој за трагичната грешка што ја прави е исфрлен заедно со Ева од рајот. И тоа е катастрофата што му е одредена од Бог на човештвото, иако како што ќе покаже тоа, таа грешка е на Бог, Отецот кон своето богообразно создание, за што самата Библија пружа сведоштво, кое теолозите го кријат под превезот на догмата со од нив убаво смислената приказна во која во рајот никој друг не е виновен, освен Адам, Ева и змијата.
Така стојат работите, но не само во христијанството, кое ние слабо го разбираме, бидејќи догмата ни забранува критички и аналитички да го истражуваме, туку и во речиси сите поголеми религиски системи и митови на таа тема. Таква е и религијата на Сумерите, постара од еврејскиот монотеизам со Јахве. Впрочем, како што е познато, од неа испловува и еврејскиот јудаизам со Авраам, неговиот основач, кој живеел првично во Сумер. Во сите древни религии и митови причина за несреќата на човекот исфрлен од небесата е неговиот престап кон Бог, кој е по дефиниција строг, суетен и суров. Така тој ги лишува престапниците, исто како и Адам и Ева, од светлина и вечност во кои живееле пред тоа и ги исфрла во свет на ноќ и смрт не само виновниците што го направиле првиот престап туку и сите поколенија потоа се раѓаат од нив, во кои се пренесува и гревот на нивните прародители што го истрадуваат, како што е тоа во Библијата. Многу грубо и неправедно, нека простат теолозите, решение за бог, кое, имено, и според библиската приказна, одмолчено од догмата, ќе се покаже такво. Приказната со Синот, Исус е кристално јасна на тој план. Тој доаѓа на земјата меѓу проколнатиот човек од Отецот да ја исправи неговата кобна грешка, исфрлање на своето богообразно создание од рајот. Тој по цена на сурова саможртва што ја бара во спасението покажа дека тоа не е далеку од прокудениот човек, и го демонстрира со чинот на откровението со победа со смрт на смртта најубавиот парадокс што постои.
Таа приказна ти е целосно јасна, драг читателу. Но конечното спасение на човекот, на неговото ослободување од смртта ќе се случи, како што е најавено тоа и во Светото писмо, дури со второто пришествие на Исус меѓу човекот. Тогаш кога како што е тоа најавено од него гробовите ќе се отворат и мртвите ќе воскреснат за вечен живот. Да. И тоа е утеха, драг читателу, посебно за сиромашните и угнетувани од богатите народи. Македонија и Македонците се меѓу првите во нив, жртва на, без заобиколување, Западната, иако со велелепни катедрали изградени божем во името на бог, безбожна цивилизација. Македонците сега во неа се маркирани за тотален не само физички туку и идентитетски отстрел. А тоа значи, драг читателу, дека европската колонизаторска канибалистичка deus ex machina, толку присутна во античките трагедии, како гилотината на перверзните Французи сега ја сече, како ножот на Ирод главата на Јован Крстител, главата на Македонците света од петиците до врвот. За апсолутно ништење на Македонците колку што останале во „смачканото“ (Конески) од големото и славно племе со кое сега се гордеат Грците како нивно. Оти без него нивната историска слава е блиска до нула. А сè тоа, драг читателу, е цивилизациска садистичка перверзија кон нас и кон струјата на македонизмот, кој, наспроти грчкото одисејско лукавство, може најдобро да ја осветли оваа мрачна не само за нас туку и за планетарниот свет цивилизација. Македонците се по аналогија нешто како динамото на Тесла што произведува струја приклучено на водопадите на Нијагара, а ти речи на Вардар и на Треска посилни од Нијагара. И тоа е сè во ред, напонот на македонската струја со електроните на космополитизмот требаше да ја осветли целата планета. Ама тоа не се случи бидејќи Западната цивилизација ја исклучи струјата на космополитизмот и се изјасни за струјата на канибализмот и колонијализмот. Кај нас тоа се случи со промена на Името што нè покри со идентитетски мрак, со што веќе не се распознаваат знаците на битието на колективот зомбиран за да не знае ни како се вика, ни од кај доаѓа, ни кај ќе оди. И веќе нема, избришана е индивидуата со архетипот на колективот. Сè е во сивата зона на непостоење, небитие. Во таквата ситуација не е само човекот поединец на тој колектив идентитетски укинат туку идентитетски се укинати и сите нешта во него. Од тој геноциден потрес како сеопшта катастрофа и сите топоними што дотогаш сјаеле со светлината на својот изворен идентитет на идентитетски ликвидираното племе го губат архаичниот сјај на своето име.
Тие сега, исто така преименувани, одат во катастарот на меморијата на народот, кој со помош на цивилизацијата што ја замислила македонската идентитетска смрт ги приграбува за себе и за својата историска и секаква друга слава. И тој драстичен геноциден чин, драг читателу, сега се прави и со државен декрет на поништувачот на идентитетот на другиот. Имено, така и се донесе во Грција во 1926 година законот на грчката влада за преименување на сите македонски топоними во Егејска Македонија од македонски на грчки. И тоа, ако добро ја следиме хронологијата за добро замисленото секакво, физичко и идентитетско ништење на Македонците, беше всушност увертира на она што се случи во 1948 г. со англиските бомбардери од американско потекло, кои ги убиваа македонските деца и ја чистеа Егејска Македонија за нивните миленици Грците. А сето тоа кажува дека Преспа 2018 г. од многу порано е замислена. Но ајде што Грците за нивната мегакатастрофа по идентитетот над Македонците ќе мора, ако не на друго место, да поднесат сметка пред Страшниот суд на Господ, туку и нашите рамковни браќа Албанците дома спроведуваат над нас тивок и од нашите македонски млитави политичари премолчен геноциден акт. Тие ги преименуваат во нивните етнички атари македонските топоними, улици и сè друго во албански.
Сето тоа, пак, е доволно за вовед во сеопштата идентитетска трагедија на „смачканото племе“ како што Блаже Конески ги дефинира Македонците, кои од големата културно-цивилизациска слика, како огледало во кое се огледуваше радосно лицето на светот од Пела до Хималаите на исток и Египет и Вавилон на Југ во Африка и Блискиот Исток, сега се само едно рането парче од срчите по неговото разбивање на парампарчиња од Западната сурова и етноцентрична спротивна на македонската космополитска и со светски здив цивилизација. Така, но и тоа мало парче-скршеница од големото огледало на македонската светска космополитска слика, именувана како македонизам, сега се доситнува и докусурува од бриселската европска колонизаторска цивилизација, која, според многу знаци, посебно со судбината на Македонија во неа, мириса на фашизам, а распонот на тој фашистички лак во неа, драг читателу, ги опфаќа во најжестоката фашиваријанта котаточките од Букурешт 1913 и Преспа 2018. Меѓу нив имаме трагедија до трагедија, цел систем на садистичко ништење на Македонците и Македонизмот што трае еве веќе нешто повеќе од столетие (!) и не знаеме кога ќе заврши оваа Голгота. Пред Букурешт таа трае од Римската Империја наваму. И во Византија, Источното Римско Царство, Македонците како и со Букурешт 1913 беа разделени за да не комуницираат едни со други со план за нивно потиснување и асимилирање или целосно идентитетско ништење што резултира по дваесетина столетија во Преспа 2018. Бриселска колонизаторска Европа ја наследи суровата ментална слика на Римјаните, која парадоксално ги одбегна космополитските Италијанци каде што се оформи таа во крвавиот колосеум, и неа бриселска Европа, имено, ја демонстрира повторно по два милениума на Македонците. Nocturno. De profundis. Memento mori.
Токму така. Но некој со јака интуиција извлечена од бескрајните македонски простори на болката уште пред дваесет столетија (!) ја насетуваше кобната Преспа 2018, замислениот од суровата цивилизација конечен крај на Македонците и македонизмот ставени во мртовечки ковчег. Да. Е, тоа беа, драг читателу, прахристијаните, нашите богомили кои кај нас единствено, тврдам, ги сфати само Рацин, никој друг. Е, тие ја пееја рефренски како химна на очекуваното од нив спасение: „Господе, дојди што поскоро!“ А како што знаеме, и тие и нивните браќа низ цела Европа, зачнати од новото семе на Радосната вест, беа заклани од европските католички феудалци, од Големиот инквизитор од кој страда сè уште светот, како што би рекол Достоевски, кој, како и Киркегард најубаво го разбра тоталитаризмот на расипаната подржавена црква, која Берѓаев ја именува со префиксот историска, што значи, не и божествена. И сега, драг читателу, конечно мораме да се вратиме на поимот над поимите СПАСЕНИЕ, кој во основа е, според својата вистинска и метафизичка природа, есхатолошки. Тој зборува за крајот на светот. Да. И сега според таа аналогија доаѓаме и до Исус и неговото на крстот на кој е распнат: „Свршено е“. А тоа се усогласува со астрофизичката теорија на Исус пред да се појават астрофизичарите дека Бог, Отецот ќе создаде Ново небо и Нова земја за да го спаси од ентропија дотрајаниот свет, како најдобар лекар на болката на вселената, која не ја предвиде тој, како што не ги предвиде и македонската болка и болеста на Болен Дојчин како нејзин архетип. Но ние не му се лутиме нему, бидејќи сите надежи ги полагаме во неговиот Син, Исус, кој ни е наклонет, а тоа е најважно.
Во светот јасно не станува збор само за индивидуата како грешна и што греши. За жал, историјата нè учи дека постојат цели народи што се такви, а понекогаш и цели цивилизации, како што е тоа Западната, која со своите колонизаторски нации и танатосен нагон за уништување на други за да им ги земе земјата и другите материјални богатства со меч и оган ограби и опустоши многу народи низ светот, а им нанесе смрт и на неколку сјајни цивилизации како што се, на пример, тоа Инките, Маите и Ацтеките во Јужна и Индијанците во Северна и Јужна Америка. Од нив тие во нивната колонизаторска и пљачкашка Европа направија цивилизации и музеи, го изложија во париски „Лувр“, Британскиот музеј во Лондон и другите колонизаторски музеи опљачканото богатство и така ја раздробија и сакато склопија за туристички профитабилни цели нивната голема културно-цивилизациска слика, но истовремено со тоа и големата слика на западниот танатосен нагон за смртта на другите.
(продолжува)



































