Не знам точно, но претпоставувам во кој контекст го рекол тоа за да го поврзе опасното со спасението, драг читателу, мојот омилен германски поет од романтизмот, но претпоставувам дека е тоа речено во депресивна ситуација кога тој сфатил дека исчезнале и веќе ги нема „трагите на светото“. Всушност, поетот трагично ја доживеал епохата на капиталот во настап и апсолутната доминација на материјализмот над духовните вредности. А поетите отсекогаш имале повеќе од кој било друг интуиција да ги забележат први драматичните пукнатини на цивилизацијата и душата на човекот во неа. Во клучот на интуицијата, имено, во овој контекст и ја пишува рускиот поет, близнак по душа на Хелдерлин, Лермонтов поемата „Демонот“, ремек-дело на светската поезија. Луцидниот Лотман ја разгатнува тука тајната, пак, зошто поетот во неа така вехементно го слави и е на страната на демонот, со кого дури отворено го поистоветува своето внатрешно Јас. Лотман вели дека е тоа затоа што Лермонтов увидел, длабоко разочаран, дека силите на доброто се анемични и недејствени за разлика од силите на злото, кои се енергични и витални, па затоа одлучува да го слави нивниот архепски лик во кој се олицетворени тие ‒ демонот. Така го побарал тој решението за разврзување на замрсениот јазол на егзистенцијалната и метафизичката ситуација на човекот заплеткан во пајажината на психолошката аморфност и рамнодушност кон сѐ околу себе. Грчкиот поет Кавафис, свирејќи на струната на Лермонтов на иста тема, ќе рече дека „варварите се некое решение“ тука. Најпосле тука е и големиот библиски новозаветен поет апостол Јован, кој во своето „Откровение“ решението за оваа депресивна ситуација на човекот и цивилизацијата го гледа, но и реално го понудува, во крајната решителна космичка борба на доброто и злото. Во неговата визија, различна од песимистичката на Лермонтов, силите на доброто се дејствени и засекогаш го победуваат злото.
Да. И еве по овој кус но значаен вовед, зачинет малку и со филозофија и метафизика, ние сега, драг читателу, се префрламе на конкретната македонска ситуација на иста тема и во ист контекст. А, да бидам појасен, тоа е состојбата од психолозите, но и од филозофите, дефинирана како „гранична ситуација“ во која си дотеран до ѕид, на линијата меѓу животот и смртта. Во неа во нашиот случај доминира магнетот на смртта што влече кон исчезнување. И тоа е ситуацијата во која ти немаш алтернатива, како што би рекле нашите во секоја смисла површни и со „заробен ум“ (Чеслав Милош) политичари кога зборуваат за патот кон Европа, на кој ние досега безброј пати сме распнати како Христос на Голгота. Депресивно изгледа така, но парадоксално (убавиот парадокс што го поседуваат храбрите) и во таквата гранична ситуација на немање има избор, а тоа е скок во опасното како единствена гаранција за спас. Јасно ти е веќе, драг читателу, дека станува збор за нашата ситуација по 17 јуни 2018, кога ни е ликвидиран од нашите идиотски политичари и цивилизацијата живиот генерички пулс што го храни ритамот на нашето колективно срце со милениуми, за што како божје сведоштво е и Библијата.
Тој пулс сега по Преспа е исклучен од штекот и струјата на македонскиот искон и меморија, од кои со милениуми, иако со многу насилнички прекини, се напојувал сѐ до тој несреќен ден кога суровата евроамериканска цивилизација ја ископа нашата длабока преспанска гробница на идентитетската смрт. За сето ова, пак, таа кон нас лажлива и разбојничка цивилизација во замена за нивниот бескраен и мрачен за нас стокмен мртовечки сон ни понуди еден, како што би рекол Чехов, прекрасен ден „во кој не знаеме дали е поубаво да пиеме чај или да се самоубиеме“, иако во нашиот случај, се разбира, веќе сме убиени. Тоа е македонскиот парадокс. Тоа, и веќе ми е јасно, драг читателу, дека во херметизираната проширена метафора на Чехов ја гледаш сликата на ЕУ што ни се нуди како илузија за идентитетската смрт што ни ја донесе директно таа. Сликата на ЕУ во која не знаеш дали е подобро да пиеш чај или да се самоубиеш. Да, иако добро знаеме дека тој и таквиот избор го имале Македонците и пред оваа денешна за жал кукавичка генерација. Во поблиското историско време тоа беа илинденските комити и асномските партизани. Но тие одбија да пијат чај (европски и зачинет со кукута од која настрада и Сократ), а го прифатија вториот член од изборот: да се самоубијат, ама во митска борба со ѕверот на цивилизацијата што сакаше да ги зграпчи живи и да ги понижи нив.
Оти сѐ е јасно. Оваа цивилизација, почнувајќи посебно од 1913-та наваму, од букурешкиот смртоносен договор како претслика на Преспанскиот, нас Македонците без престан нѐ носи од мртовечница во мртовечница ставајќи нѐ постојано во гроб, не можејќи да се справи со нашата уметност и моќ за воскреснување што ги научивме од Христос. И, јасна ли ти е конечно граничната ситуација, драг читателу, пред која сме поставени ние? Што треба да правиме. Нема друго чаре освен скок во опасното од кое расте Дрвото на спасот. Скок во вера храбро како што скокна Емпедокле на Етна. Тоа е Верата потпрена на чинот на саможртвата (херојот) што ја проповедаше, според мене, и најголемиот револуционер во историјата на човештвото Христос, за што и тој и неговите апостоли дадоа личен пример со жртвување на својот живот. Тоа е цената на Слободата што се изборува со чинот на саможртвата. Тоа кај нас го демонстрираа илинденските комити и асномските партизани во критичните историски мигови за наш опстанок под ѕвездите небесни. Тие гинеа храбро за да го спречат геноцидот од цивилизацијата на сопствениот народ, а со тоа и да се родиме ние по нив во слобода. Сега, пак, е истиот историски миг на геноциден заговор против нас со смртоносниот Преспански договор со кој ни е секнат здивот, дотекот на генеричката струја што ни го одржувала со милениуми ритамот на срцето. Ние по Преспа сме мртовечки хибернизирани во, според антрополозите, најстрашната од сите видови смрт ‒ идентитетската. Западната сега евроамериканска цивилизација со лажна демократска маска го изведе својот менгелеовски experimentum makedonicum за, како што мисли, вечното упокојување на во неа проблематичните Македонци.
Затоа му го даде нивното живо срце Името на нејзиниот балкански предатор Грција, на Грците кои прават со нејзина штедра помош два геноцида врз Македонците: првиот во 1948 година со англиските бомбардери полни со смрт за сѐ што е македонско во Беломоријата, а вториот сега со нашата идентитетска гробница во Преспа 2018. И, што треба да правиме по сето ова, драг читателу, во кое учествуваа нашите кукавички политичари Заев, Димитров и другите изроди од родот? За мене и за тебе нема дилема: скок во опасното во кое, како што вели и Хелдерлин, расте спасоносното. А тоа е во конкретната ситуација раскинување на геноцидниот Преспански договор, кој и според европската конвенција од 1948 година за забрана на какво било почитување на таков акт, е антицивилизациски и понижувачки за нас Македонците, но и за хипокритската цивилизација што ни го стокми него.
Зборот ми е, драг читателу, дека барем привидно се настрана од политичката сцена главните идентитетски македоноубијци Заев и Димитров. Арно ама Брисел и Вашингтон ги штитат нив како свои слуги. Оттаму пристигнуваат заканите дека ќе биде страшно по нас доколку макар и се обидеме да помислиме на раскинување на геноцидниот договор. Таа, пак, закана парадоксално е слична на заканата по фрлената атомска бомба врз Хирошима да не ѝ се дозволи нејзе да се крене од под урнатините на смртта и да говори за неа. Таква е по аналогија, драг читателу, сега ситуацијата и со нашата македонска идентитетска Хирошима од „демократската“ цивилизација. Да. Добро, ама ние мора за почеток барем да отвориме уста и да ја самодефинираме оваа наша идентитетска катастрофа. Оти никој друг нема да ни ја дефинира. Тоа сега се бара од нашата нова политичка елита што дојде на власт по Заев и Ковачевски и нивната нацифашистичка партија што изврши идентитетски геноцид врз сопствениот народ, кој најпосле по ова и не е нивен, ниту тие се негови. Сега новите македонски политичари мораат да покажат барем елементарна доблест на храброст и да им кажат на политичките „демократски“ ѕверови на Брисел и Вашингтон дека Преспа 2018 е геноциден договор, кој првин го урива централниот столб на универзалното индивидуално и колективно право јус когенс, правото на сопствен избор на идентитет, што во нашиот случај и не е наш избор, во убавата смисла на тој поим, туку избор на Бог, кој лично стои закотвен во нашето Име, за што сведочи и Библијата на најважниот религиозен антрополошки документ на западната, за жал сѐ уште необожествена, колонијалистичка и канибалистичка цивилизација. Доволно е само елементарно да се пролистаат книгите на нејзините антрополози со просветлен ум, па да се увериме во тоа.
Да. И по сето ова, време е малку да се разбудиме од нашиот хиберниран мртовечки сон по Преспа, драг читателу. Само прашањето тука е дали се разбудени за тоа нашите штотуку изгласани нови политички челници од кои се бара тоа? Дали се подготвени за скок во опасното од кое расте Дрвото на спасоносното, она што го знаеја, рековме, добро нашите илинденски комити и асномските партизани на чие херојство (Боже мил) бесрамно и кукавички му се помочавме. Иако тоа го стори политидиотот од Муртино. За таков скок салто-мортале, како скокот на Емпедокле во кратерот на Етна и на Христовите апостоли во Вера, вистина треба решителна храброст и чесна нехипокритска душа. Да, драг читателу, оти јас, а мислам и сите чесни македонски родољуби го доживеавме депресивно она на нашите политички челници: „Јас го почитувам Преспанскиот договор“, различно од мене, тебе и родољубивиот народ што не го почитува него. Оти тоа е богохулство да ја почитуваш договорената смрт на сопствениот народ без разлика на страшниот притисок од Вашингтон и Брисел.
Оти она Јас на обичната индивидуа и не е толку опасно со една таква изјава, ама тоа политичко малку тажно Јас на челниците на нацијата, претседателот и премиерот, па и другите пчели околу цвеќето на националниот мед, е екстремно опасно бидејќи од таа позиција тоа не е само лично туку е и колективно Јас. Пред сѐ. И тоа е нечесно кон колективот и опасно по него. Јас така ги гледам работите, драг читателу, а верувам и ти, не хипокритски, подготвени и јас и ти како и Сократ да го испиеме во име на Вистината чајот со смртоносната кукута како еден вид скок во опасното на оваа кукавичка цивилизација на запад, која никогаш немала храброст да го крене знамето на нашите илинденци и асномци со судбинскиот слоган „Слобода или смрт!“ А изгледа дека и ние сега не сме способни по нив да го кренеме него. Не сме способни за скок во опасното во име на спасоносното. Ама ако тие на врвот, драг читателу, не се способни според онтолошкиот кодекс на Кант („Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“) да речат во името на Вистината „Јас не го почитувам Преспанскиот договор“ и да објаснат зошто, да им ги влепат в лице на западните конквистадори нивните лаги и кршења на меѓународното право што го создаваат тие за да го маскираат своето антидемократско лице, ние здравите и храбри Македонци громогласно велиме: „Не го почитуваме смртоносниот геноциден Преспански договор!“ Велиме и подготвени сме за скок во опасното, оти тоа отсекогаш била нашата Ајнштајнова формула за спас, за одгатнување на алхемиската шифра на синергетската врска меѓу енергијата и светлината, која ние секогаш сме ја пронаоѓале како Христос дури и во смртта. Нема друго чаре. Скок во опасно за спас!