Ивица Боцевски
Зошто македонската преобразба беше далеку посложен процес од демократизацијата во остатокот од Централна, Источна и од Југоисточна Европа? „Сите среќни семејства си наликуваат едно на друго, а секое несреќно семејство си е несреќно на свој начин“ е надалеку познатиот почеток на култниот роман „Ана Каренина“ на Лав Николаевич Толстој. Во случајот на демократизацијата на земјите во посткомунистичка Европа немаше ниту еден среќен случај, па секоја земја си имаше своја сопствена тажна приказна, но сепак дури и за овие стандарди, македонската преобразба е посебен случај на совршена бура од секој аспект.
Темата на демократизација во македонскиот случај одамна го окупира мојот интерес. Интересна е временската отсечка на забрзувањето на демократизацијата во Македонија, исто како што е интересен и фактот дека истовремено со демократизацијата се случуваа и неколку други паралелни процеси во земјата. Никогаш не беше напишана дефинитивната историја на македонските 1980-ти години, но должно е да се напомене дека во тој период се случува културно созревање на нацијата, општеството полека ги апсорбира, ги продолжува и ги усложнува модернизацијата и урбанизацијата, кои се случуваа во претходниот период, а како никогаш дотогаш земјата е изложена на ветриштата на регионалното, европското и глобалното влијание. Македонските 1980-ти години се деценија на оптимизам, на амбициозност и на јасна волја за соочување со предизвиците на светот што доаѓа. „Темниот вилает“, како што милуваа да ја нарекуваат Македонија критичарите на системот, одеднаш покажува процут во сите сфери на културата, а југословенските алтернативни движења почнуваат да се прелеваат и на самиот југ од тогашната федерација.
Меѓутоа, никој не беше подготвен за совршената бура што следуваше веднаш потоа…
Првата голема преобразба беше раздружувањето од Југославија, кое, исто така, дојде неочекувано. Многу е иронично кога се чита актуелната ретроспективна историја што ја портретира Југославија како некаква „темница на народите“. Вистината е дека југословенската федерација беше држава што ги уживаше легитимитетот и почитта од своите граѓани. Според анкетите што редовно се објавуваа во југословенскиот печат, во сите републики и покраина на СФРЈ, огромно мнозинство на населението се изјаснуваше дека сака да се зачува федерацијата безмалку до самиот нејзин крај.
Неспособноста на републичките партиски и државни раководства да изнајдат модел на ново функционирање на сојузот, како и недостигот од кохезивно ткиво по смртта на Јосип Броз Тито доведе до колапс на државата. Македонскиот став за време на овие премрежиња беше конзистентен сè до лансирањето на платформата Глигоров – Изетбеговиќ. Имено, Македонија беше задоволна од федерацијата, а ставот на републиката за идното устројство на Југославија беше дека ние инсистираме на рамноправност помеѓу сите републики, односно дека новиот федерален договор треба да го потврди еднаквиот статус на секоја република, како и дека доколку само една република се отцепи од Југославија, тогаш и Македонија ќе мора да посегне по независност за да може да се одбрани од каква било мајоризација. Предложениот договор Глигоров – Изетбеговиќ беше отстапување затоа што тогаш по првпат (и последен) Македонија се согласи да остане во поцврст сојуз со Србија, Црна Гора и Босна, а Словенија и Хрватска да имаат посебен статус. Останува да се разјасни што ја предизвика оваа девијација.
Втората преобразба беше преминот од договорна економија, самоуправен социјализам во македонскиот и југословенскиот случај, во пазарна економија, трансформација чии последици сè уште не се добро проучени во домашната историска, економска и политичка наука. Првично сето започна со либерализацијата на економијата и внесувањето пазарни моменти, што беше планирано од владата на Бранко Микулиќ, а подоцна спроведено од премиерот Анте Марковиќ. Пазарните ветришта внесоа нова свежина во југословенската економија, но распадот на единствениот југословенски пазар ќе доведе до сериозни нарушувања на стандардот на граѓаните во сите републики, тенденции што ќе продолжат со приватизациите, кои, исто така, се „толстоевски“ приказни за несреќните семејства.
Третата голема промена беше националната (или националистичката) револуција што се одвиваше во Македонија. Иако Македонците беа конститутивен народ во поранешна Југославија, рамноправни со другите, сепак националната револуција беше клучна за македонскиот од кон сувереноста, самостојноста и независноста. Македонската нација се изнедри на Балканот со заокружена државност. Тука сум должен да напоменам дека паралелно течеа и национални револуции и кај словенечката, хрватската, муслиманската (подоцна бошњачката), српската и црногорската нација. Одеднаш експлодира интересот за „национот“ низ поранешна Југославија, па се оживуваа или поточно се замислуваа нови национални приказни, одделени и спротивставени на заедничкиот југословенски наратив.
Меѓутоа, покрај македонската нација, во Социјалистичка Република Македонија се случи и раѓањето на уште една нација – албанската нација, како трета албанска нација во регионот. Разбивањето на Југославија го разби и единството на втората албанска нација на Балканот, чиј „пиемонт“ беа САП Косово и културните институции што се градеа во Приштина за утврдување на оваа посебна албанска нација, јасно одделена, па дури и спротивставена на албанската нација од Албанија.
Воспоставувањето внатрешни граници во поранешна Југославија не го разби само единството на српската нација во Југославија, туку и на хрватската, муслиманската (сега бошњачка) и на албанската нација. Албанското движење во Македонија израсна токму со демократизацијата како движење за изградба на посебна албанска нација, со сите институции што тој процес ги подразбира.
Истовремено, некаде во заднина течеше и петтиот процес, кој никого не оставаше рамнодушен, а тоа беше европската интеграција и евроатлантската интеграција. Македонија и Југославија економски беа упатени на заедничкиот пазар, кој на 1 јануари 1993 година прерасна во единствениот европски пазар. Иако југословенската надворешна политика го промовираше „неврзувањето“ како свое мото, сепак уште од 1960-тите најзначаен трговски партнер на земјата беше Европската економска заедница, а најавеното создавање на единствениот пазар ја натера Југославија да започне со подготовки за своја целосна интеграција во новите европски текови. Изгледа по малку апсурдно тоа што истовремено Југословените итаа кон интеграција во Европа, додека ревносно работеа на дезинтеграција на сопствената федерација и на функционалниот југословенски единствен пазар. Европската интеграција беше само еден од појавните аспекти на глобализацијата. Крајот на Студената војна означи и раѓање на планетарната економија, чии преобразби уште предизвикуваат бранови низ светот. Глобализацијата ја дополни совршената бура на македонската преобразба.
Трет надворешен чинител на преобразбата беше новата безбедносна архитектура во Европа. Колапсот на Варшавскиот пакт придонесе новите демократии да побараат да се најдат под американскиот безбедносен чадор во НАТО. Така, Македонија од република во југословенската федерација, кој инсистираше на својата неблоковска определба и развиваше силна војска и јак одбранбен дух кај своите граѓани, прекуноќ стана уште една од посткомунистичките земји што отворено бараат целосна евроатлантска интеграција во НАТО.
Овие пет внатрешни процеси (демократизација, раздружување, приватизација, македонска национална револуција и раѓањето на третата албанска нација на Балканот), како и трите меѓународни текови (европска интеграција, глобализација и евроатлантска интеграција) беа векторите што ќе ја дефинираат македонската преобразба. Денешните недовршени делови од македонскиот државен проект, од македонската демократизација, од македонската економска преобразба, од вечното прашање за дефинирање на нацијата, како и лошите македонски одговори на меѓународните предизвици, своето извориште го имаат уште во самата зора на македонската преобразба. Совршената бура на сите македонски преобразби, за жал, беснее и до ден-денес, цели три и пол децении откако ја истура целата своја сила врз земјата и врз нејзините граѓани. Дали дојде време да ставиме црта на преобразбата, на таа вечна македонска транзиција, па да го дефинираме новиот македонски одговор на новите предизвици на новите времиња, и тоа токму во моментот кога човештвото става крај на историскиот период на глобализацијата?