Солидарност: спијте мирно, диктатори

(Спомен на Никола Младенов)

Солидарност: уште еден заборавен збор од вчерашниот изумрен свет. Речникот на странски зборови вели: „Солидарноста е доброволна социјална кохезија, заемна поддршка и одговорност во групата, при што туѓите успеси или неуспеси се чувствуваат како сопствени. Тоа е морален чин на пружање помош, без нужна заемна корист. Значи и слога, еднодушност и заедничка обврска. Доаѓа од латинскиот збор solidus, што значи цврст“.
Се сеќавам дека бевме гимназијалци, втора година, кога кај нас во „Орце Николов“ дојде да учи идната легенда на македонското новинарство, Никола Младенов. Дојде од „Никола Карев“, не знам од кои причини. Од првиот момент станавме како браќа, јас, тој и уште двајца други од класот. Набргу го засакаа и од целиот клас, па од целата гимназија: Никола беше жива интелигенција, духовит, надарен за уметности и ораторство. Освен тоа, дознавме (самиот никогаш не се пофали) дека има добиено југословенска награда за најдобра детска улога на Малите експериментални сцени во Сараево (славниот југословенски фестивал МЕС), за претставата „Ослободувањето на Скопје“, во режија на (ни помалку ни повеќе) легендарниот Слободан Унковски. Тоа беше претстава во Драмскиот театар во 1978 година, со која се поместија вредностите на тогашниот југословенски театар. Тоа на Никола му донесе респект кај учениците, но и кај дел од професорите што ценеа уметност, а не само наука. И бидејќи со ноќи фантазиравме за театарот, дојдовме на идеја, во тогашниот Дом на младите „25 мај“ да поставиме наша претстава. Дуодрама: глумеа Никола и Владо Вуковиќ, исто така талент, подоцна универзитетски професор на еден од нашите природно-математички факултети. Текстот го напишав јас, а режијата беше – колективна. Претставата се викаше „Формулата завод“, беше изведена со успех, пред полн салон млади луѓе (денешното кино во МКЦ). Го немам денес тој текст, изгубен е. Говореше за младиот човек што фантазира и за неговиот судир со тоталитаризмот, чии „заводи за дисциплинирање“ не даваат многу простор да се биде „непослушен“ по однос на колективните идеи.
Но некаде пред самата премиера се случи да менуваме некои делови од текстот, така што две или три ноќи минавме буквално во преправање. А следниот ден, на ред за испрашување по латински беше токму – Младенов. Професорката, прекрасна госпоѓа, од оние што веруваат дека учениците не со сила, туку само со своја волја можат да учат нешто, имаше метод на испитување – по азбучен ред, така што секој знаеше кога му доаѓа редот, па можеше да се подготви. Така, се најдовме во небрано: ако сакавме да го фатиме датумот за премиерата, тоа требаше да се плати со единица по латински на главниот глумец – Младенов. Се сеќавам дека ми рече: „Добро, нека, ќе поправам до крајот на годината. Да беше бар книжевност или историја, ќе вртев нешто, ќе импровизирав… Ама не можам да научам напамет и изменета улога и деклинации во една ноќ“.
И тогаш, следниот ден, се случи можеби најубавото нешто за моите четири години гимназија. Неколкумина одлични ученици од класот, првенци, знаејќи дека готвиме претстава, знаејќи дека Никола немал време да учи латински, на претпоследниот, петти час (латински требаше да имаме шести час) ни соопштија дека целиот клас решил – да избега од часот по латински. Од СОЛИДАРНОСТ. Училницата остана празна на шестиот час.

Тоа, кај строгите професори во гимназијата можеше да значи – на сите оценките да ни бидат смалени. Едноставно, имаа право на тоа (или сами си го земаа, што е исто). А „организираното“, колективно бегање од час се толкуваше и како еден вид „бунт“, „штрајк“, „диверзија“, со мирис на „контрареволуција“. Солидарноста, доколку беше „на друга линија“, го плашеше тој систем. За среќа, мирната професорка не презела ништо: дури и не јавила дека не сме дошле. На следниот час, по премиерата, ја дочекавме со букет цвеќе и извинување, кога влезе во училницата. Беше збунета. Само праша: „Но зошто?! Јас ли сум причината што избегавте?“ Ѝ кажавме дека „сме имале премиера“ (внимавајте, сите сме имале премиера!) и дека тоа се случило затоа што главниот глумец не можел да одговара. Се сеќавам дека само се насмевна и рече: „Значи, сепак е до мене. Не сте ме чувствувале доволно блиска за да ми кажете, ќе го ослободев Никола од испитувањето“.
Така се случи најубавиот пример за солидарност што го знам. А на целата случка се сетив пред некоја седмица, кога со синовите гледав еден филм за млади: стануваше збор за еден ужасен диктатор директор на строго „езуитско“ училиште, против кого се побуни само еден ученик. Во клучната сцена, директорот пред целиот клас го извади бунтовникот и му рече дека е избркан од училиштето. И потоа, преку познатото холивудско клише на „застанување на страната на правдата“, еден од учениците излезе од клупите и застана до избрканиот. Потоа друг, па трет, па четврт. На директорот му свиреше парна сирена низ ушите од бес, додека учениците, еден по еден застануваа зад избрканиот, додека и последниот не застана зад него и зад правдата. Од солидарност.
Ги прашав синовите како им се допаѓа сцената. Постариот рече дека е наивна, чиста холивудска „лимонада“. Помалиот рече дека му се допаѓа, ама праша зошто не кажале потоа што им направиле на сите што му се придружиле на „бунтовникот“, со што покажа дека верува дека сцената е можна, ама за да стане целосно веројатна, мора да следува казна. Не им реков ништо. Само им реков дека тоа е многу убав пример за солидарност, па мораше да им го објаснувам зборот. Сфатив дека го разбираат значењето, ама не им беше јасно зошто за тој збор нема баш ПРИМЕР од секојдневниот живот, туку само од филм? Им го раскажав потоа случајот со колективното бегање од часот по латински. Се чудеа: па зошто не избегал само оној што знаел дека ќе биде испрашан? На тој прагматизам – немав одговор. Ова се други генерации, секој за себе, туѓите успеси не се и нивни успеси, како што туѓите неуспеси не се нивни неуспеси. А постариот син ме отрезни сосема кога рече: „Па и тоа ми е чудно: БЕГАЊЕ од час? Зошто воопшто некој да бега? Едноставно, нема да дојде и – крај“.

Значи, нема веќе БЕГАЊЕ, има НЕДОАЃАЊЕ на час. Тоа говори дека школскиот систем е обична канта за ѓубре: не се доживува како нешто задолжително, како и кантите за ѓубре – фрлаш кај сакаш. Од она што е ФАКУЛТАТИВНО – нема потреба од бегање. Не доаѓаш на час, вадиш оправдување и – крај. Имаш свои права, меѓу кое е и правото да не дојдеш. „Слободата на движењето“ (да излезеш од простор во кој не ти се допаѓа, да речеме училница) и „слободниот избор“ (да отидеш некаде или не) ти се уставно загарантирани права.
Размислував: дали во политиката може да има солидарност? Може ли да има „морален чин на пружање помош, без нужна заемна корист“? За каква социјална кохезија станува збор кога се прават политички колации? Доброволна? Безинтересна? Се сетив на Лех Валенса, за кој младиве обично не ни слушнале: добитник на Нобеловата награда за мир, претседател на Полска од 1990 до 1995, основач на првиот независен синдикат токму под името „Солидарност“. Синдикатот прерасна во масовно општонародно движење против диктаторскиот режим.
Масовно и солидарно? Пиши им крст. Денес ти е – поединечно и себично. Диктатори, бидете спокојни, светот намерно е направен така што секој си има свој стан, свој автомобил, своја соба, свој телефон. Своја ќелија и свое ропство. Спијте мирно.