Со вакви членки на ЕУ, кому му требаат непријатели?

Многу се зборуваше за лукавите тактики на ривалските земји, како Русија и Кина, направени по принципот раздели, па владеј, но во никој случај не треба да се потцени погубниот капацитет на Европска Унија за самата да предизвика внатрешни поделби

Со предизвикувањето на кризата околу Украина, претседателот Владимир Путин ги тестира решителноста на Западот и местото на Русија во светот по Студената војна. Со зголемувањето на трошоците за подготовка за војна, Кремљ наскоро ќе биде принуден да дејствува или, пак, да ги намали. Прашањето е дали Путин ќе ги искористи Зимските олимписки игри во Пекинг исто како што ја искористи летната Олимпијада во истиот град во 2008 година, како параван за инвазија на соседна земја.
Поради заплашувањето на Русија, НАТО се врати со ново чувство за цел. Поддршката за членство во НАТО е во пораст во несојузничките земји, како Финска и Шведска. Тие сега сфаќаат дека клаузулата за самоодбрана на Европската Унија (ЕУ), засега, нема иста вредност како познатиот член 5, поткрепен со безбедносната гаранција на Вашингтон. Всушност, ЕУ „исчезна во акција“ дури и пред да избие конфликтот. Русија успешно ѝ го одби пристапот до местото на високата дипломатска маса. Додека ослабениот висок претставник на ЕУ беше принуден од страна на САД да ги координира институционалните позиции со НАТО и со ОБСЕ, неговата Европска служба за надворешни работи (ЕЕАС) не е во можност да обезбеди согласност од земјите-членки за проактивно да иницира каква било значајна дипломатска акција.
Разединета, Европа веќе испраќа збунувачки пораки. Додека балтичките земји бараат воено засилување од НАТО, а Полска дискутира за безбедносно партнерство со Украина и со Велика Британија, францускиот претседател Макрон ги поттикнува сомнежите околу самозадоволството кон Путин и неговата наклонетост за независна надворешна политика. Германија практично закочи пред „семафорот“ на новата коалициска влада, пред неволно да прифати дека ќе мора да ја плати цена за спиењето со руската мечка.
Во меѓувреме, со виртуелната средба со Путин, италијанските деловни лидери го засрамија Рим додека премиерот Марио Драги бараше руска деескалација околу Украина. Како капак на сè, унгарското раководство ја поткопува обединетата позиција на НАТО и отворено се подбива со единствената пречка што ЕУ може да ја користи, а тоа се санкциите.
Многу се зборуваше за лукавите тактики на ривалските земји, како Русија и Кина, направени по принципот раздели, па владеј, но во никој случај не треба да се потцени погубниот капацитет на ЕУ за самата да предизвика внатрешни поделби. Со вакви членки, кому му требаат непријатели?
Иако ниту еден од овие предизвици за наводната „заедничка“ надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП) не е нов, до решенијата тешко се доаѓаа. Во последните 30 години од насилната имплозија на поранешна Југославија и распадот на СССР не недостигаа конфликти на прагот на ЕУ и подалеку. Сепак, се чини дека ниту една криза не беше доволно голема за да ги натера земјите-членки да го скршат клучот на едногласноста во одлучувањето за ЗНБП и да прифатат гласање со квалификувано мнозинство во Советот.

Доколку не дојде до голем шок за нивниот сопствен систем, од европските земји-членки треба да се очекуваат само половични обиди и недоволно квалитетни решенија. Малите иновации може да ја поттикнат ЕУ да доцни помалку и подобро да се подготви. На пример, поткрепен со (први) анализи за општи закани, предвидениот Стратегиски компас може да биде корисно ажурирање на стратегиските документи на ЕУ. Но тешко се очекува да создаде заедничка стратегиска култура и да го промени курсот што ѝ треба на ЕУ за да ги брани и промовира своите интереси во нестабилниот свет.
Слично на тоа, работата на Европската одбранбена унија продолжува со многу бавно темпо што значи дека ниту еден од одбранбените капацитети што моментално се истражуваат, дизајнираат и развиваат нема да лета или плови кога Путин повторно ќе го исклучи гасот и/или ќе го засили чукањето на тапаните на војната. Наменет за во случај на руска инвазија на Украина во 2014 година, вонбуџетскиот Европски мировен фонд теоретски ѝ дозволува на ЕУ да дејствува побрзо и да придонесе повеќе за поддршка на светскиот мир и безбедност. Сепак, одлуката да се доделат само 31 милион евра финансиска помош за Украина откри слични недостатоци, кои ја нарушуваат ефективната мобилизација на другите инструменти на ЕУ за ЗНБП.
Барањето за едногласност во Европскиот совет е Ахиловата петица во одлучувањето за ЗНБП. Сепак, Договорот за ЕУ ​нуди и заобиколени патишта. Конструктивниот механизам за воздржаност дозволува да се тргнат настрана (до една третина од) земјите-членки што не сакаат да бидат обврзани со колективни одлуки. Различни видови зајакнати соработки постојат и за коалиции за оние што се способни и се подготвени да напредуваат во остварувањето на надворешнополитичките цели на Унијата. Сепак, високиот претставник и ЕЕАС речиси и не врши притисок за употреба на овие инструменти. И земјите-членки ефикасно ја лишија „нивната“ ЕУ од каква било веродостојна агенција за надворешните работи и безбедносната политика, држејќи се меѓусебно како заложници во потрага по консензус, што неизбежно води до најмал заеднички именител.

Сепак, надежта за реформа на договорот за ЕУ последна умира. Разочарани од моменталната состојба, расте бројот на влади што бараат воведување гласање со квалификувано мнозинство во одлучувањето на Советот за прашањата за ЗНБП. Можеби исходите од претстојните француски и унгарски избори, или навистина таа друга „Конференција за иднината на Европа“ (за жал, обврска само на ЕУ), ќе ја нарушат рамнотежата и ќе доведат до усогласување на европските ѕвезди.
Единственото вистинско решение е спроведување вистинска заедничка надворешна и безбедносна политика. Секако, земјите-членки нема да ја негираат разумноста дека треба да го признаат заедничкиот европски интерес како свој и да соберат политичка храброст да воведат гласање со квалификувано мнозинство за надворешната политика на ЕУ пред да биде предоцна?

Автор:Стивен Блокманс 

(„Еурактив“)