Снегот што толку ретко паѓа во мртвата долина среде Калифорнија

Под притисок, на Израел да му се забрани учество на квалификациите за претстојното фудбалско Светско првенство, поради геноцидот во Газа, претседателот на ФИФА кажа умна реченица. ФИФА не може, рече Џани Инфантино, да ги решава геополитичките проблеми, но може и мора да го промовира фудбалот низ целиот свет преку искористување на неговите обединувачки, образовни, културни и хуманитарни вредности. Прекрасно! Фудбалот е токму тоа, натпревар на генијални таленти, кои разбрануваат емоции и толку силно те концентрираат на фудбалската магија што губиш капацитет да правиш други глупости. Како војни. Дидие Дрогба, на пример, има сопрено цела една граѓанска војна во Брегот на Слоновата Коска.
Се согласувам. Израелските фудбалери воопшто не се виновни за она што нивната држава го прави. Ниту со нивно исфрлање ќе се спречи геноцид. До тука се разбираме. Ама господине Инфантино, зошто вакво инфантилно однесување? А Русија бе, Џани? Искрено, останав шокиран од изјавата на претседателот на ФИФА. Одеднаш на теренот, наместо фудбалската бубамара, се тркала одвратна лицемерност кон лицето на публиката. ФИФА не може да му забрани на Израел да учествува, додека истовремено ѝ го прави тоа на Русија.
И не само ФИФА. Тука се и УЕФА, другите спортски здруженија, Олимпискиот комитет, како и едно чудо културни и уметнички светски организации, кои веднаш ги исфрлија Русите од своите редови поради војната во Украина. Којзнае, може Русите треба да убијат 70.000 цивили, или уште поморбидно, да истребат половина милион луѓе, како Америте во Ирак, некоја руска Медлин Олбрајт да каже дека тоа се исплатело, па оние силни светски здруженија од сите области да кренат раце и да речат, а па ние не можеме да решаваме геополитички судири и да ги вратат Русите, кои претходно ги исфрлиле.
Но ФИФА е само камче во мозаикот. Изјавата на Инфантино веднаш се удави во лицемерната фрустрација на политиката, која очигледно ја владее и организацијата што тој ја води. Западната политика. И не ме интересира јавноста, која ужива да биде манипулирана затоа што се има нафукано со прозападна вообразба дека претставува не знам какви цивилизациски вредности, па ќе распали по мене со крајно глупи прашања како: што не се преселиш тогаш во Русија(?), знаеш ли ти дека Русија секогаш работела против интересите на Македонија(?), да не сакаш да ни се случи руска „демократија“? Ова се слабоумни прашања за дефокусирање од суштината за кои вообичаено се фаќа глупиот медиумски наратив и оние што тоа го консумираат, оти во суштина ниту тргнав некаде да се селам, ниту живеам во времето на санстефанска Бугарија, иако некој денес упорно сака преку француска рамка да ме врами во бугарска ЕУ-фрустрација, а богами и плодовите од западнава демократија што ни се сервираат, личат на лошо насликана мртва природа. Патем, има такви, со за греота ставови, кои веднаш се фаќаат за Русија и санстефанска Бугарија, па се трудат да ме убедат дека од „московската“ Лисабонска декларација, преку „рускиот“ НАТО-самит во Букурешт, до ЕУ-парламентот на „Кремљ“ каде што сведочевме нацирапсодија на грчки и бугарски европратеници при гласање на извештајот за Македонија, дека всушност, Русија преку Грција и Бугарија сака да го спречи нашето евроатлантско интегрирање. Генијално! Ако е така, тогаш ЕУ е или во коалиција со Русија во однос на Македонија или се толку глупи и недоквакани што не препознаваат руско влијание кај своите членки, иако истото тоа го наоѓаат и во снегот што толку ретко паѓа во мртвата долина среде Калифорнија.

Да се вратам на суштината. Светските неполитички организации, кои се под тортура на официјалната западна политика, се капка во океанот лицемерна фрустрација замаскирана зад лажни цивилизациски вредности. Еве од мене една компарација! Како реагираше западната политика, читај САД, ЕУ и НАТО, вклучително и нивните светски марионети, при двата геополитички судира, кои во моментов се играат на светскиот терен? Од една страна ја имаме Русија, од другата страна е Израел. Тие напаѓаат. Во првиот случај Западот е згрозен и кон Кремљ полн со омраза, во другиот случај велат дека Израел има право да си брани територија. И до тука, иако не е, ај да речеме, во ред е.
Одиме понатаму. На страна фактот што Западот е највиновен за војната во Украина, како што велат, на пример, Чомски, Кисинџер и Трамп. Да видиме како западната политика се позиционираше при оваа геополитичка касапница на две „игралишта“. Западот ѝ акна страшни санкции на Русија. Почна и не престанува, со ненормално многу оружје да ја вооружува Украина. И покрај фактот што Украина ја губи војната, Западот продолжува да вреска дека Русија мора да се фрли на колена, дека до мир може да се дојде само преку воена конфронтација, иако точно знае дека најголемата светска нуклеарна сила не може да се победи без планетата да отиде бестрага, ама упорно, до последниот Украинец, решен е да ја „брани“ Украина.
Од друга страна, Западот му даде поддршка на Израел по нападите на Хамас, кои, секако, се многу сомнителни имајќи ги предвид целта и очекуваните последици. Освен поддршка, Западот му испорача на Израел идентично многу оружје како и на Украина, па Израел тргна во војна со муабетот дека сите Палестинци се Хамас и почна да спроведува геноцид со каков што и самиот низ историјата се соочувал. Западот, одвреме-навреме, тивко дрдореше дека не е убаво, толку жестоко, да се истребуваат цивили. Ѓаволот ја однесе шегата, ама Западот уште се смешкаше. И кога дојде ужасната кулминација, почна „страшен“ притисок врз Израел, преточен во опасни резолуции на Обединетите нации. Барем да видовме санкции приближно силни како оние спрема Русија. Ништо од тоа. Ги воведоа поединечни држави како Словенија што Израел секако го потресе колку снегот што толку ретко паѓа во мртвата долина среде Калифорнија. Да, ама Британија и Франција ја признаа Палестина. Уф, страшен удар за израелската позиција! На ум ми паѓа една морбидна компарација како во нашата приказна кога Бугарија ни ја призна државата, ама не и народот. Ја признаа Палестина, ама ги признаа ли и Палестинците, кои може да ги снема додека Западот, до последен Украинец, војува против Русија?
Е па, ај ако не, Русјаков, да се свртиме кон Русија! Ете го и гласот на неуспешниот цинизам, одново сака да ме извади од суштината, како што Џани Инфантино, со непромислено глупав старт ја „извади од копачки“, кршејќи ѝ ги нозете на логиката.