Смртта на нацијата

Како умира една нација? На два начина. Постепено, а потоа одеднаш. Вообичаено, народот не е свесен дека нешто се случува. Сите што живееме за време на падот гледаме само мал дел од она што се случува и веројатно никогаш не би забележале дека тоа отстапува од вообичаеното. Ниту државите ниту нациите немаат генетски определен животен век. Ниту пак умираат брзо, освен ако не ги зафати катаклизмата на некоја голема војна. Дури и во такви екстремни случаи, обично има знаци на предупредување, кои се поочигледни наназад отколку во тоа време. Малкумина граѓани на нацијата што умира ги препознаваат знаците. Повеќето се премногу зафатени со обидот да го живеат својот живот, или да преживеат економски, што не е секогаш лесна задача. Ако смртта воопшто го окупира нивниот ум, тоа е во однос на самите себе, роднините или пријателите. Повеќето не можат да замислат смрт на еден народ. А знаците или симптомите ѝ претходат на смртта на нацијата. Сѐ започнува со економијата. Луѓето стануваат сѐ посиромашни и сѐ потешко го прехрануваат своето семејство. Некои од очај се свртуваат кон неетичко однесување, дури и криминал. Обичната пристојност опаѓа. Како треба да живеете сѐ повеќе одредуваат другите, а не вие самите. Луѓето ја напуштаат државата, се иселуваат таму каде што се нудат поголеми можности. Капиталот бега, луѓето копаат по нивните заштеди, се задолжуваат во обид да го одржат својот галопирачки надолен животен стандард. Бегањето на капиталот, реалниот и човечкиот, дополнително го намалува животниот стандард. Владините трошења се зголемуваат како средство за совладување на пријавените економски активности. Голем дел од зголеменото трошење е непродуктивен и контрапродуктивен. Како резултат на тоа се воведуваат дестимулации и нарушувања, што дополнително ја ослабува способноста на економијата да закрепне. Знаците на стагнација стануваат очигледни.

Економијата е првиот симптом на нацијата што умира. Вториот е политичкиот. Интересните групи, т.е. политички преферираните конституанти, создадени во добри времиња, не бараат помалку кога има помалку. Неможноста да се исполнат овие барања претставува закана за самото општество. На крајот се случуваат политички судири и граѓански немири. Во такви услови малку може да се направи да се промени забрзаното распаѓање на политичкиот систем. Конвулзиите во националната политика стануваат сѐ поголеми. Исцрпеност и безнадежност се причината зошто енергичните авторитарни решенија се нудат како посакувана алтернатива. Ако кон тоа го додадете обезличувањето на нацијата преку бришење на името, историјата и колективната меморија, државата и нацијата влегуваат во напредна состојба на политичко и морално гниење од кое не можат да се извлечат. Да се признае ова значи да се признае крајот на самата политика. И како што станува секој ден сѐ појасно дека нацијата е во процес на одумирање, вистинската заблуда е верувањето дека работите можат да продолжат како што се. Нацијата умира на недостоинствен начин. Нападната однадвор, а понекогаш одвнатре го губи она што ја прави карактеристична, посебна и единствена. Општеството станува сѐ повеќе поделено во однос на „креатори“ и „консументи“. Паразитите се множат како што кородира општеството.
Дали луѓето разбираат што се случува со нив и со нивната земја? Луѓето чувствуваат дека нешто не е во ред, иако можеби не можат да идентификуваат што би можело да биде тоа нешто. Малкумина може да ги проценат целосните последици од она што се случува. Многумина веруваат дека состојбата е привремено наместо долгорочно влошена. Како што прогресира падот, работите стануваат сѐ полоши. Државата и власта се ставаат во режим на негација, обидувајќи се да претстават дека работите не се толку лоши како што изгледаат. Вродената доверба во владата е она што го прави овој процес толку подмолен. Малкумина ја разбираат предаторската природа на државата. Кога цел живот ве учат да верувате дека државата е како голем брат што ќе се грижи за вас ако работите станат тешки, тоа верување е фундаментално за континуираната способност на државата да ограбува. Кога веќе нема што да ограбува, народот се буди. Само малку предоцна. Оваа конфузија и недоверба секогаш ѝ претходат на смртта на една нација.

Секако, ова е теоретското гледање на умирањето на нацијата. Она запишано во книгите. Вистинското е многу реално и болно. Ако може да го видите и да ги прочитате знаците кога се очигледни. Кога ни се пред очи. Сѐ друго значи замаглување и негирање. Игнорирање на реалноста. Кога моралната, социјалната и политичката слабост почнува да ги охрабрува вашите надворешни „пријатели“ и внатрешни непријатели, кога нацијата не може да се дефинира со идеал, цел или насока, смртта изгледа извесна. Затоа се прашувам: Која е цената на една нација? Очигледно има цена. Зависи од политиката и политичарите. И оние што живеат заблудени дека сѐ ќе биде во ред. А ништо не е во ред. Во заднината додека го пишувам текстот одекнуваат зборовите на една песна:
„Живеам во нација која се потпира на бизнис и криминал
А лидерите се политичари кои живеат во лага….
Да нѐ наречете земја на слободните е преценување…
Понекогаш насилно, отворете ги очите и видете…
Дури и валканите пари ја поддржуваат нашата економија
Но, претпоставувам дека тоа е начинот на кој треба да биде
Обединети стоиме на оваа земја и ги правиме сите злосторства
Соочени сме со нација која умира“.

Автор:Проф. Звонимир Јанкулоски