Сократ вели дека злото е незнаење, односно злото е негација на знаењето. Една од доминантните тези на фамозниот „О писменех“ на Црноризец Храбар е дека писмените читаат, а неписмените гатаат, т.е. писмените знаат, а неписмените претпоставуваат, што би рекол и митрополитот Методиј Златанов. Зарем тоа не е дијагнозата на нашето актуелно суштествување денес? Се гата на Фејсбук, на портали, гатаат новинарите, гатаат квазиинтелектуалците, квазиекспертите итн. Сѐ е во гатањето, поточно во фалење со незнаење: политиката, стопанството, судството, економијата, образованието. Сѐ е просто гатање или претпоставка, а не експертиза. Не случајно и меѓу најпопуларните (читај: најпрофитабилните) телевизиски и интернет-содржини се оние бизарни креатури што гатаат по телефон, што раскажуваат хороскопи, синхронизираните турски серии, оние реални шоуа итн.
Неписменоста привлекува неписменост. Простотијата привлекува простотија, а тоа нема никаква врска со каква диплома е маскирана. Ако го парафразираме Том Николс во неговата книга „Смртта на експертизата“, ќе воочиме зошто широката достапност на факултетското образование низ светот – парадоксално прави многу луѓе да мислат дека станале попаметни или експерти, а всушност стекнале само илузорно знаење, засилено со одреден степен на сомнителна вредност. Така е затоа што студентите стануваат ценети клиенти за купување дипломи, наместо ученици. Во вакви случаи, тие добиваат голема доза неоснована самодоверба, полна со незнаење; уште полошо, тие не развиваат навики за критичко расудување што би им овозможило да продолжат да учат и критички да размислуваат и оценуваат при градењето на колективната одговорност и самосвест. Од друга страна, средношколците и основците сакаме да ги направиме стока потребна на пазарот, односно фахидиоти или idiot savant, ограничени во неколку области – оти тоа се бара во моментот на пазарот. На пример, без етика и филозофија ќе немаме развивање на критички отворени умови, без логика нема ни логос – смисла.
Описменувањето што првенствено значи обогатување со слова, со логоси, со умови – ја полни ризницата на личноста, која, како што вели Евангелието, ниту молец и ’рѓа ја јадат ниту крадец ја поткопува и која е единствениот багаж што ќе го понесеме со нас во оној живот. Но кое читање и кое описменување!? Човек може да чита книги секој ден, но ништо да не разбира; да чита мотивациска литература (10 правила за подобар живот) или „Кодот на Да Винчи“; може катадневно да гледа филмови, ама тоа да бидат турски сапуници; наместо квалитетна музика, може да слуша поткасти за разни трачеви и девијантни појави. Затоа описменувањето е пред сѐ и над сѐ подвиг! Подвиг што не се ограничува на институционално апдејтирање или на некаква пигмалионовска методологија. Смислата на читањето не е ни во онаа наивна утописка желба да се запамети сето она што ќе се прочита, ниту во мегаломанската амбиција да се прочитаат сите книги на светот, целата Вавилонска библиотека според Борхес.
Најлоша категорија се полуобразованите, оние што имаат прочитано само некоја книга или формално поминале низ институционалното образование и знаат сѐ, односно „доволно писмени“. Мислам дека нема пофашистичка идеја од тоа да се биде доволен во нешто, вели о. Методиј Златанов. Доволно писмени! Што значи тоа? „Доволно писмени за да не лаеме? Денес, таквите се експерти за сѐ. Главниот белег на нашата епоха е смртта на експертизата. Секој знае сѐ и не му треба експерт“. Том Николс многу добро го иронизира ова за што зборуваме, кога пишува: „Ако мислите дека не ви треба никаков совет освен вашиот, веројатно сте еден од луѓето што ме инспирираа да ја напишам оваа книга“. Чинам, достапноста до информациите, а особено достапноста до „пишаниот збор“, кој многу и лесно и брзо се шири низ социјалните медиуми е главниот проблем. Зошто? Напишаниот збор е оружје, кое, за жал, преку својот профил на социјалните мрежи го поседува секој. Секој може да го изрази својот и така конструиран став, што, за жал, го смета за свој, па со „еден удар“ да отепа мнозина вистински експерти. Затоа што, како што веќе кажавме, неписменоста привлекува неписменост, простотијата – простотилак. Па кого ќе го слуша народот, таа аморфна маса!? Секако квазиекспертот. Во светот на простите, паметниот е будала.
Знаењето е сила, знаењето е моќ. Со оваа реченица Френсис Бекон го започнува проектот на модерната. Во ниту една сфера на животот, почнувајќи од развојот на модерното општество, не се полагало толкава надеж како во сферата на образованието. Денес сосема е променета парадигмата на Бекон. Незнаењето е сила, незнаењето е моќ! Зошто? Оти незнаењето, како и злото, лесно се здружува против знаењето и доброто. Со една демократизација на пишаниот збор, секако со развојот на интернетот, „паѓа во вода“ вистинската експертиза. И не само што паѓа во вода туку се губи во темните длабочини во океанот на незнаењето. Том Николс со право вели дека треба да бидеме загрижени. Основното знаење, вели тој, кај просечниот Американец сега е толку многу ниско што се симна од катот на „неинформирани“, продолжи стрмоглаво да паѓа до катот на „дезинформирани“ и сега, за многу кратко време, е на дното: „агресивно погрешно“ (не)знаење. Луѓето не веруваат само во глупави работи; тие, наместо да ги остават своите кривоверства, се гневат и активно се спротивставуваат на оние што знаат. Ова е нарцизам, поврзан со презир кон експертизата – како некој вид „воена“ вежба за самоактуализација или лечење на фрустрациите кај простата маса.
Во овој контекст, можеме да кажеме колку е погрешно тврдењето дека секој има право на свое мислење, или полукавото: дека за вкусовите не се разговара. Ако не разговараме за вкусовите, тогаш за што? Сметам дека баш за вкусовите треба да се разговара, оти тие се учат. Не може да се каже дека јас слушам турбофолк и тоа е мојот вкус, кога знаеме колку тоа е бесвкусно и погубно; или многу сакам психологија, а се читаат тривијални мотивациски книги.
Смртта на експертизата не е само отфрлање на постојното знаење. Тоа е фундаментално отфрлање на науката и неоснована релативизација на сѐ. Тоа се темелите на модерната цивилизација. Тоа е знак, како што еднаш уметничкиот критичар Роберт Хјуз ја опиша Америка од крајот на дваесеттиот век како хронично „скептична кон авторитетот“ и „плен на суеверие“. Да завршиме со еден цитат од книгата, „Смртта на експертизата“: „Нашиот културен и општествен живот е полн со предвремени погребувања на сè: срам, здрав разум, детство, добар вкус, писменост итн. Затоа, насушно нешто што ни треба на сите е доксологија за нештата што знаеме дека сѐ уште не се сосема мртви“. Во спротивно, антиинтелектуализмот (ќе) царува во спрега со меритоцидот (’убиство‘ на заслужните) и какистократијата“.
М-р Влатко Деловски
(Авторот е докторанд на Институтот за македонска литература)