Смртни гревови на медиумите

Новинарите во иднина ќе мора пред ад хок трибунали да одговараат еднакво како и политичарите, генералите и армиите за злосторства против човештвото, поради тоа што наместо да информираат објективно, ја заменија професијата со пропаганда, изјави и предвиде во визионерскиот говор Ноам Чомски на светската новинарска конференција одржана во Сеул (Јужна Кореја) во 2011 година. Тема стара и позната, но секогаш и одново актуелна.
Во својата беседа елоквентниот научник, филозоф и публицист ги нарече новинарите маринци – морнаричка пешадија, логистика и претходница на завојувачките армади.
„Колку што гледам, таму сме. Ја презедовме функцијата на институциите. Во името на својата апсолутна слобода и слободен избор, од ’примарни собирачи и толкувачи на информациите’, новинарите се трансформираат во активни ’учесници на динамичниот пазар на информации’, обвинуваат, судат и осудуваат по кратка постапка. Слободно ем демократски. По евроатлантски стандарди. А после? Е, после ќе плачеме дека не сме знаеле, дека нѐ злоупотребиле, нѐ лажеле. Аналогно, сме биле жртви“. Така говореше Ноам Чомски.
Според согледбите и анализите на теоретичарите на медиумите, во ерата на апсолутната медијализација, новинарите го губат приматот во процесот на собирање и креирање информации. Нивната улога од „примарни собирачи и толкувачи на информациите“ се менува. Тие се трансформираат во активни „учесници на динамичниот пазар на информации“. Доскорашната позиција на новинарството како носител на значајна општествена моќ, т.н. инсајдерската позиција кон политичките и економските моќници, сѐ повеќе слабее. Природно се намалува потребата од вмешателство на спин-мајстори, новинарски протежеа, агитатори – накратко посредници до вистината и информацијата. Овие функции и задачи политичките и комерцијалните субјекти ги префрлаат од традиционалните медиуми во специјализирани и лесно контролирани агенции за односи со јавноста или, пак, низ директна комуникација со јавноста, при што новинарите се поттурнати од своите привилегирани позиции. Нивната позиција е трансформирана во борба да станат прикриени политички или економски пиар-играчи.
Глобалните медиуми се вклучуваат во стратегиите на корпоративниот капитал и неговата транснационална експанзија, кој реалниот свет го третира како пазар и го допира виртуелно, создавајќи притоа безбедна дистанца од која безмилосно го експлоатира и владее. Сите умирања, безредија, конфликти се само дел од голема видеосимулација, која самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат со поддршка и стратегии на медиумите. Канали што 24 часа емитуваат вести, инстант вмрежени комуникациски платформи стануваат физичко продолжение на нашиот свет, простор во кој веќе се снаоѓаме и се движиме без напор. Во тој непрекинат тек, медиумски пандемониум, се драми и театар во кој сме и актери и гледалиште, и во кој сѐ помалку успеваме да разликуваме објект од слика или глетка. Денес и војните во најголем дел се одвиваат на небото, меѓу ѕвездите. За сите, освен за некои директни учесници во збиднувањата, како војната во Заливот, Египет, Авганистан, Сирија, во време сегашно Блискиот Исток, Украина се само некои во низата пропагандни алатки на моќните вмрежени пропагандни и ТВ-продукции. Во тие обреди слични на транс, во кои секојдневно свесно се вградуваме, крајна „возвишена“ цел е да се воспостави вид медиумска империја – хелиоцентричен онтолошки систем, каде што смислата не се врти повеќе околу нас, туку ние сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да се доближиме до дигитализираната бесконечност.

Згора на сето тоа, според маркетиншките анализи на политиките и силните корпорации, луѓето многу повеќе трошат во време на војни, катастрофи, скандали, несреќи.
Од ваквите гревови не е настрана ниту македонскиот новинар, чиј светоглед е трајно дефицитарен и дел од општиот галиматијас. Во Македонија се одвиваат ригидни процеси во целото општество, кои и тоа како се поврзани со работата во медиумската сфера и општото ниво на демократијата.
Во состојба на изострена медиумска војна, хиперпродукција на медиуми и новинари, поради големината на влогот и интересите, соодветни на големината на земјата, во дејноста никогаш не е докрај разјаснето што, кога и како може да се пласира како информација, при што е забележливо често отсуство на мерка за етичност. Во услови на докрај неизградена регулатива, правно издржани мерила и норми, дузина самопрогласени аналитичари, експерти, авторитети во име на вистината и истражувачкото објективно новинарство се впрегнати во создавањето конфузија и ниска магла. Тоа се поединци и групи журналисти и медиумски „авторитети“ впрегнати од политиките во медиумски пресметки, хистерични конвертити, набрзина остручени по кумровечки терк. Сето тоа заедно резултира со специфичен жанр на баналното новинарство, „таблоидизација на информирањето“, жолто новинарство, во кое движечка сила се поларизирањето и сензационализмот. Сето тоа има цел да креира интерес и вклученост на широката публика. Ваквиот сѐ поприсутен вид новинарство се фокусира на површност, брзина и шокирање, како техники за привлекување внимание и реакции, со смален интерес за балансираност, проникнување и барање решенија за проблемите.
Во не толку далечното минато постоеше софистициран систем на привилегии во одделни сфери од живеењето – од домување до школување, напредување во кариерите, вработување, облекување, летување…
Видни новинари, генерации раководен кадар во јавниот сервис и во Гутенберговата сфера во „независното и објективно“ новинарство беа само како на подготовки. По „блескавите кариери“ во дејноста беа произведувани во амбасадори, конзули, дипломатски службеници. Тоа беше награда за лојалноста и посветеноста. Таквиот тренд продолжи и во време на независноста и транзицијата и се прошири и во домицилното политичко дејствување и живеење. Видни новинарски пера и личности по успешните изборни циклуси беа прекомандувани во државните институции, како портпароли, шефови на партиски пропаганди, советници кај претседателот на државата.
Политичката пропаганда е многу курентна и податлива „стока“ за пласирање ставови и контраставови приспособени на политичката инклинација во медиумите. И секако, валоризацијата на тој медиумски напор се реализира преку матните „легални“ системи на коруптивна поддршка.
Оние што се колнат дека работат од алтруизам и чиста борба за вистина и демократија најверојатно ја сметаат јавноста за недоветна и наивна. Веќе сѐ е или политика или е длабоко поврзана со неа.
Оние „највредните, најагилните и најобјективните“ и во овие трендови се следни службеници во амбасади, конзулати, државни портпароли, шефови на партиски штабови, парламентарци, а некои ќе спечалат и понекоја акција од посттранзицискиот плен.
Но, и покрај сѐ, убеден сум дека постојат и други новинари, образовани и воспитани, кои навистина не сакаат да пишуваат и објавуваат секакви нешта и кои знаат дека тоа е погрешно. Тие го прават тоа само поради одредени околности и нездрави услови во дејноста со која се занимаваат. Нивниот повик, на кој се принудени јавно да испорачуваат содржини што јавноста ги сака, е да се натпреваруваат со другите новинари да го задоволат вулгарниот апетит на толпата. Оваа позиција е понижувачка за секој образован човек и јас не се сомневам дека повеќето од нив ја доживуваат мошне болно.

Аљоша Симјановски