Хиперминато
Социјализмот, како што нѐ учеа (неговите следбеници и денес го тврдат тоа), е најнапреден општествен систем и го има постулатот – секој според способностите, секому според вложениот труд – што, од друга страна е либерално-капиталистичка доктрина. Огромен респект за она што како општествена задача, по Втората светска војна (нашиот втор Илинден), се направи за и во Македонија. Требаше да се прескокнат и да се надоместат векови на социјален, инфраструктурен и индустриски развој. Но на маргините на тој севкупен гигантски напор, постоеја (значајни, а потоа и доминантни) моменти на непотизам (па и деспотизам), идеолошки чистки, неефикасно менаџирање на ресурсите, промашени инвестиции, злоупотреба на идеолошкото практикување на работничките права, персонални (семејни и клановски) злоупотреби. Така, наместо да го освои светот и да го подобри животот со подобра продуктивност, социјализмот како монистичко државно уредување (кај нас и во светот) ја изгуби довербата на народот, се самораспушти, ја изгуби битката со времето.
По повеќе од три децении од падот на Берлинскиот ѕид, повторното обединување на Германија и многубројни очигледни неонационалистички десни будења, еве и една интересна документарна трага од пред исто толку години, кон која ме поведе мојата професионална љубопитност. Тоа е приказната за богатото наоѓалиште во рудникот „Радуша“ во непосредна близина на Скопје.
Ќе се обидам да ви ја прераскажам, а имав и намера да направам и документарен проект /филм/ насловен „АРБАЈТ АРБАЈТ – ИБЕР АЛЕС“. Сиот тој напор и обид имаа цел да расветлат некои аспекти од транзицијата на општествениот капитал во услови на коренити промени што настанаа во земјите на некогашниот планско-економски социјалистички систем. Горниот и насловот на проектот не се со намера ниту да ја афирмираат ниту пак да иронизираат, туку се само драматуршки елемент што ќе ги поттикне и ќе ги воведе читателите во една документарна журналистичко-синеастичка сторија.
Во режисерската експликација е запишано… Оваа идеолошко-документарна економска авантура со работен наслов „АРБАЈТ АРБАЈТ – ИБЕР АЛЕС“ имаше цел да се фокусира на неколкуте фази на откопот во рудникот „Радуша“, во непосредна близина на Скопје. Имено, овој рудник од почетокот на својата експлоатација стопанисуваше во времиња и услови на различни економско-идеолошки системи. Период пред Втората светска војна, за време на војната во повоениот период и денес во услови на сложени макроекономски процеси. Во овој откоп се експлоатира реткиот метал хром, високоценет на светскиот пазар и тогаш… и денес.
Во својата историја рудникот „Радуша“ доживува неколку навистина ѕвездени периоди. Но и економски падови, во зависност од условите на идеолошко-економскиот систем во кој стопанисува. Па така, од периодот пред војната кога започнува неговата експлоатација, се неговите ѕвездени мигови, а тоа е периодот за време на Втората светска војна, кога Радуша е под окупација на Хитлеровиот Вермахт и кога од неговата утроба – ископ, се произведува мошне квалитетен хром со кој се зацврстуваат легурите на топовите што ги произведува „Круп“, како и другите тешки оружја на германската армија. Потоа следува периодот по војната во кој на овој објект работат над 3.500 луѓе И така сѐ до 1972 г. кога овој индустриски објект ја започнува својата надолна линија.
Сите овие фази на овој рудник коиндицираат во извесна смисла и со фазите на развојот на комунистичките системи, планското стопанство, што недвосмислено укажува на економската неефикасност, на доцните етапи на неговиот економски развој.
Пред извесно време во окната на европски и светски познатиот рудник „Радуша“ започнува експлоатација на шампињони, во малата акумулација од времето на германската окупација кафезно се одгледуваат пастрмки (златни и обични), а малку понастрана и калифорниски црви, кои заедно сочинуваат таканаречен затворен систем. И така сѐ започнува и завршува со „црвци“ на овој локалитет на кој Бог му подарил изобилство, но луѓето вплеткани во неизвесни историско-општествени услови толку знаат и толку можат, толку им е дозволено.
Поаѓајќи од една неофицијална историска анализа во која се тврди дека Втората светска војна „благодарение“ на хромот од Радуша траела една година повеќе, па сѐ до денешните шампињони, калифорниски пастрмки и црвци, се заокружува тезата за контроверзиите и логиката на капитализмот како фундамент на човечката егзистенција и неговата идеолошко-економска оправданост и третман.
Па така, и идејата на документарниот проект „АРБАЈТ, АРБАЈТ – ИБЕР АЛЕС“ беше сагата на овој рудник да се подигне на степен на глобална матафора за вечната потрага и обиди за прераспределба на ресурси, нови крстоносни воени обиди, подемот и неуспехот на одредени идеолошко-геополитички системи и намери, што во извесна смисла пластично се отсликува и на случајот на овој мајдан.
И денес на оваа локација можат да се видат делови од рудникот, окна, сепарација, подземна река, остатоци од старата германска населба, бункери, а во архивите, фотографии и друга документација. Но и кафези, окна со шампињони и легла на калифорниски црви…
И за крај, овој текст е потсетување, само скромен обид низ една киностетичка оптика да се проследи трансформацијата на капиталот во неколку различни историски идеолошки системи и степени на економски развој за да ја промовира неговата логика како суштина.
Аљоша Симјановски