Случајот „Мишко Ралев“ и неразумноста на СДСМ

Секое чудо за три дена, професорот Мишко Ралев за помалку. Овој фризерски карактеристично бушав популарен архитект, од прв кандидат за градоначалник на Скопје, во волшебни околности, прекуноќ, реши да станува прв асистент на идниот градоначалник. Неверојатен пресврт со веројатен епилог. Пресвртот не е обичен зашто станува збор за премин во служба од една во друга партија, од СДСМ кон ВМРО–ДПМНЕ, две до крв непријателски настроени политички организации. И што Ралев, како стар скопјанец и како архитект, беше на чело на критичарите што ја исмеваа идеолошко–историската архитектура на најнационалната македонска партија, практично вообличена низ проектот познат како „Скопје 2014“. Гледајќи од стручен аспект, Ралев, своевремено, овој градежен потфат го означи како вирус што удира на животот на Скопје и на нашиот национален идентитет. А ВМРО е особено чувствителна кога се споменува идентитетот.
Постапката на професорот, сериозен човек со признаена кариера зад себе, поранешен декан на Факултетот за архитектура и дизајн, експретседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), е на прв поглед наивна, детинеста, повеќе емотивна одошто рационална. Но и како таква може да се земе како парадигма за случувањата во валканата политика, за партиските сурови кадровски комбинации, за личните чувства на политичките актери, за испреплетените меѓучовечки односи, за политичката етика и за градењето на општествените односи во државата.
Најверојатно чувствувајќи се измамено од ветувањата за градоначалничка кандидатура од СДСМ, затоа што е избран друг кандидат, Ралев се решава на емотивен чекор како знак на незадоволство, на разочараност, на измаменост, дури и на пониженост. Тоа можеби не е соодветна политичка реакција, но човечка секако. Социјалдемократскиот сојуз отсекогаш покажува динамична, континуирана способност да ги уништува своите надежни и лојални кадри. Од Бранко Црвенковски, преку Радмила Шеќеринска, до Зоран Заев. Секој од нив има свои масовни гробишта на кадрите. Изиграа, изневерија, измамија, упропастија, елиминираа, политички ликвидираа, социјално осиромашија илјадници членови и симпатизери, верни партиски припадници и гласачи. Мишко Ралев е еден од нив, најверојатно не и последниот, особено што СДС од ништо не извлекува поука. По секој пораз, следува уште потежок.

Преминот од СДСМ во штабот на кандидатот Орце Георгиевски сигурно не може да биде сфатен како пребег на Ралев од едната во другата партија. Би било рамно на мозочно, медицинско чудо некој човек, кој било, за 24 часа, од верен сдсмовец да се претвори во убеден и жив вмровец во идеолошка, политичка, историска, духовна или каква било друга смисла. И обратно, не можете да најдете некој од ВМРО што освен за некое големо ветување, за големи пари или за друга понуда што не се одбива, би станал член на СДСМ. Тоа е јасна македонска ситуација. Ралев, со сите негови недоследности и конспирации, се понуди (или прифати) како стручњак, не како партиски човек. Тоа оние од СДСМ не го разбираат, што не го разбирале никогаш.
Всушност, случајот „Ралев“ може да биде алката што недостига во македонската политика и општество. А тоа е соработката меѓу двете најголеми партии, особено во кадровската политика, која наместо државна, израсна во џиновско октоподски партиска. И едната и другата партија кога се на власт играат безмалку на сѐ или ништо при кадровското формирање на институциите. Од министер до курир, од директор до кафеготвачка мора да бидат од владејачката партија. Оние од другата партија веднаш стануваат службеници, граѓани од втор ред. Како потврда за кажаното не мора да се цитира несфатливата, антимозочна, канибалистичка јавна изјава на Зоран Заев: „Ќе јадеме живи луѓе“.
Поканата Ралев да биде дел од новиот скопски тим што ќе се грижи за главниот град сигурно не значи дека ВМРО ќе ја менува стратегијата на доминантен приоритет на своите кадри – од министер до курир. Иако многу се зборува за департизација на администрацијата, за помала партизација на граѓаните, засега ништо не се менува. Речиси сите претседатели на државата, па и оние на Владата, претераната партизација ја посочувале како еден од главните проблеми во државата, ниту еден пример не покажува дека е надмината мртвата точка. И сегашниот премиер Христијан Мицкоски во изборната кампања ветуваше дека ќе покаже широчина во прифаќање стручњаци и авторитети од други партии да ѝ помогнат на Македонија, но нема такви знаци во неговата владејачка структура.

Името на професорот Мишко Ралев не беше извлечено од шеширот на Социјалдемократскиот сојуз, не доби улога ниту на зајак ниту на бел гулаб. Таму картите се измешаа, му врзаа свилена марама и, наместо аплауз, доби колено врз вратот. Дали тоа беше среќна или несреќна одлука ќе покаже времето, иако тоа не секогаш е најдобриот судија. Партијата на која сѐ уште ѝ припаѓа пилатовски симна секаква вина од себеси, не пролеа крокодилски солзи за него. Ќе продолжи по патот на кој секогаш била, пат што значи ставање рампа на сите попаметни, поспособни, поперспективни. Таму нема место за оние чии дела ќе ги задоволат не само сегашните туку и идните генерации.
Ќе видиме што ќе направи, ако во меѓувреме не се случи нешто непредвидено, архитектот од старо скопско семејство за својот роден град во својство на советник на идниот најверојатен скопски градоначалник. Што ќе направи за Скопје да стане град по мера на човекот, хуман град што треба да ги почувствува и желбата и потребата на секојдневниот човек, на оној човек што е всушност тука, кој живее и кој на одреден начин е фатен во некаква урбанистичка, инфраструктурна, животна стапица.
Како што беше во скутот на СДСМ, сега во скутот на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе се најде среде машинерија што голта сѐ и прашање е дали оттаму ќе излезе неоштетен наместо оштетен, каков што излезе од СДСМ. Сигурно нема да го напушти идеалот да го менува Скопје, но прашање е колку ќе има моќ да го стори тоа.

[email protected]