Настани, симболи, алузии
Во Америка борба водат слонот и магарето. Оваа навидум шеговита претстава може да биде метафорички опис на политичките предизвици и случувања во Соединетите Американски Држави, каде што во тек е претседателска изборна кампања во која се натпреваруваат Доналд Трамп од Републиканската партија и Камала Харис од Демократската. На сите упатени во политичките околности во светот сигурно им е познато дека изборната битка во САД речиси два века се води меѓу два политички блока, меѓу две партии симболично претставени со животни. Меѓу слонот што е симбол (маскота, амблем, заштитен знак, лого) на републиканците и магарето што е симбол на демократите.
Иако анималистичките симболи не биле од суштинско значење во ниту едни избори, занимливо е да се знае како дошло до тоа овие две животни да претставуваат цели партии. Сѐ започнало со една навреда во 1828 година кога Ендру Џексон станал седми по ред претседател на државата. Неговите опозициски противници отворено, во лице, му викале дека е магаре и така го нарекувале. Имало основа за тоа зашто бил познат по својата тврдоглавост, инает и упорност. Наместо да се налути на тие навреди, тој решил да се пошегува сметајќи дека така ќе им ја затвори устата на противниците.
При втората претседателска кандидатура на еден пропаганден изборен материјал, на голем број плакати, се претставил себеси како магаре. За чудо, со тој прекар и со таква кампања се изборил и за втор мандат што го додржал до крај. Џексон, по кавгите со својата дотогашна партија, се одделил од неа и ја основал Демократската партија, најнапред како фракција, а до денес како една од двете најсилни американски партии.
Иако ликот на магарето бил употребен во 1828 година, со партијата бил поврзан четириесетина години подоцна. Тогаш магарето станало нејзин симбол. Тој чин не го направил некој политичар, туку карикатуристот Томас Наст, кога во весник објавил карикатура во која магаре клоца мртов лав, поврзувајќи го асоцијативно цртежот со пресметката меѓу демократите и републиканците. Јавноста во магарето ги препознала демократите, а и самите демократи си прифатиле така да бидат обележувани. Така останало до денес.
Истиот карикатурист кумувал и на симболот на Републиканската партија, кога, неколку години подоцна, објавил карикатура со слон на чиј грб пишувало „републикански гласови“. На цртежот слонот се наоѓал на работ и само што не паднал во јама во која вриеле инфлацијата, хаосот, долговите и другите државни мачни состојби. Во тој период во американското новинарство и публицистика, политичките карикатури биле многу популарни. Карикатурите во најголем дел биле сурови прикажувајќи ги противниците како свињи, лисици, творови (животни што смрдат), волци и други животни истакнувајќи ги нивните негативни особини или навики. Така, слонот од карикатурите влегол во историјата на Републиканската партија.
Со текот на годините и двете партии сѐ почесто почнале да ги користат како свои симболи, присвојувајќи ги особините што им одговарале. Републиканците го сметаат магарето за тврдоглаво, глупаво и смешно животно, додека демократите велат дека магарето е скромно, интелигентно и храбро. Демократите слонот го сметаат за тромав и глуп, а републиканците за достоинствен, силен и паметен. Со тие симболи понекогаш и се ословуваат и во актуелните изборни кампањи, без некој да се лути или навредува. Таквиот начин на обраќање во предизборни кампањи се смета за најнормална работа, не како клевета, ширење омраза или потценување на противникот.
Од американскиот политички речник во нашиот се „преселени“ и јастреби и гулаби. И овие птичји изрази водат потекло од почетокот на 19 век кога јастреби биле наречени припадниците на фракцијата во американскиот Конгрес што се залагале за неминовна војна против Велика Британија, војна што започнала во 1812 година и завршила со американска победа. Гулабите биле за поблаги решенија, за решенија преку преговори, без губење човечки животи. До денеска зборот „јастреб“ во политичко значење се користи за членови на некоја организација, партија или држава што јавно се залагаат за непопустливост, за примена на насилство, радикални мерки, вклучувајќи и воени акции за остварување на целите и интересите. Наспроти нив се „гулабите“, кои се залагаат за мирно решавање на споровите, за компромисни решенија. И едните и другите денес може да се препознаат во секоја држава, во секоја партија, не само за воени или политички туку и за обични прашања. Во партиски рамки за јастреби се сметаат „војниците“ и „верниците“ на партијата.
И животните од басните, од бајките, од поговорките си наоѓаат свое место во политичкиот јазик, често употребувани и во политичките пресметки, изговорени или како солена шега или како навреда. Така што за некој политичар ќе чуете дека е плашлив како зајак, за друг дека се перчи како паун, за трет дека е итра лисица, а за некој искусен се вели стар волк. Понатаму, некој е како ветрушка, друг политичка ајкула, некој верен како куче, друг полтрон како пудлица. Некој како ној што ја држи главата во песок, друг пресметан како змија што не ги покажува нозете. Некој многу се петели, па потоа завршува на буниште.
Во македонската повеќепартиска реалност, по осамостојувањето на државата, ретко која партија, од стотиците формирани, одбра животно да биде нејзин симбол. Највпечатлив, ако не и единствен, е примерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој за свој заштитен знак го одбра лавот. Лавот, крал на животните, е симбол на силата, на највисоката власт, на Сонцето и златото. Како таков тој фигурира на престоли уште од најстарите кралства, од престолот на царот Соломон, до тронот на најпознатиот источен мудрец Буда. Го има на знамиња и на грбови на држави, до разни организации и фирми од разни видови.