Морам да реагирам, бидејќи и јас, како и секој од вас, имам доза на вина за тоа што се случи во Кочани. Се чувствувам како оние од расказот „Водач“ на Р. Домановиќ, каде што водачот беше слеп, а сите го следеа мислејќи дека така треба, тој најдобро си ја знае работата и кај и да е ќе ги изведе на правиот пат. Иако сите знаеме дека патот што на овој начин и по овие принципи го одиме како општество во последните 30 години нѐ носи кон бездна, сѐ уште мислиме дека така треба, кај и да е ќе стигнеме до светлата иднина.
Трагедијата е поголема ако се има предвид дека и нашите претходници биле исто лажени дека патуваат кон светла иднина, тогаш кон комунизам, каде што секој ќе работи колку може, а ќе добива колку му треба. Зарем ние навистина сме толку податлив народ за некои слепци постојано да нѐ влечат за нос. Зарем не гледаме дека сме влезени во длабока декаденција, а тоа е последната фаза пред распаѓање. Зарем сѐ уште некому не му е јасно дека веќе станавме режим на олигархијата, за нас решаваат неколку моќни, екстремно богати слепци. Закони има, ама тие за нив и нивните поданици не значат ништо, туку важат само за сиромаштијата и обичниот народ. Со други зборови, станавме картел-држава, а тоа што се случи во Кочани е само станица на патот до бездната.
Убеден сум дека сите, без исклучок, ќе се согласат дека Кочани е плод на сето претходно кажано или, поедноставено, плод на корумпираниот систем. Но се прашува ли некој кога и како дојдовме до тоа, до толку корумпиран систем и до негување такви вредности што го афирмираат злото и ја развиваат декаденцијата што нѐ доведе до последниот чекор пред бездната. Се прашува ли некој како одеднаш парите и профитот станаа главна и единствена цел за секого. Како тоа деца од дваесетина години возат толку скапи коли какви што ретко ќе видите и по улиците на еден Рим? Како тоа Скопје од модерен, нов, најпростран и најзелен град во Европа стана најотровен и град речиси без животен простор, а по валканица, градежна прашина и отпад се мери со Калкута, Њу Делхи, Карачи итн.? Зошто само неколку битанги да можат да градат згради и со тоа на брза лента да станат милионери? Истото тоа сега му го прават и на Охрид, единствената светска вредност што ја имаме. Се прашува ли некој како и зошто ни се распаѓаат институции и системи што се развивале повеќе од сто години, како на пример железницата и поштата. Зошто школството пропаѓа, при што во школските програми се обезвреднуваат токму тие предмети што треба од децата да ги направат хумани, образовани и културни битија (историја, географија, филозофија, етика и логика)? Зошто, наместо како некогаш да се афирмираат воншколски активности (драмски, музички, литературни, спортски секции и клубови), младите се оставени да се навлекуваат на т.н. забави и журки со алкохол, дрога, проституција, коцкање и слично? Секако тие не се виновни за тоа, децата едноставно не знаат за други вредности, идоли не им се повеќе успешните уметници, музичари, спортисти… туку оние што безглаво возат џипови „порше“ и спортски БМВ по Партизанска и оние што можат да им понудат пари и скапи брендови.
Тоа што се случи во Кочани е незапамтена трагедија на овие балкански простори, и тоа во мирно време, во кое постојано и од секаде, и од внатре и од надвор, слушаме за истите работи, со кои колку ли само чиновничиња од Европа дојдоа кај нас да нѐ просветлуваат повторувајќи ги истите три напамет научени реченици: демократски вредности, човекови слободи и владеење на правото, понекогаш додавајќи и медиумски слободи. Во суштина, кај нас не постои ниту една од овие темелни вредности на западната цивилизација.
Демократија нема во земја каде што други фактори (било од надвор или од внатре), а не волјата на народот решаваат кој ќе биде власт и ќе управува со развојот и иднината, каде што поголеми фактори во носењето крупни политички одлуки се некаквиси граѓански здруженија што немаат никаков политички легитимитет отколку, на пример, народниот референдум.
Човекови права и слободи не барај таму каде што самото живеење е отровно (еколошки) и каде што компетентноста и способноста се мерат од некомпетентни а моќни политички фактори.
За владеењето на правото и слободата на медиумите не вреди да се трошат зборови бидејки и турскиот кадија повеќе држел до правичност од нашиот правен систем.
Каква врска има ова со Кочани – според мене, има клучна, бидејќи овие три-четири елементи го сочинуваат системот во кој живееме, а кој за сите е нефункционален и корумпиран, а токму тој и таков систем е главната причина за тоа што се случи во Кочани. Во оваа смисла се наметнува прашањето зошто овие основни вредности што ни ги нуди западната цивилизација, толку агресивно пропагирани, сепак не наоѓаат плодна почва кај нас. Можеби затоа што културно и не припаѓаме таму. Сигурно не сме дел од источната цивилизација, но многу нешта од Западот сепак ни се туѓи. Помислил ли некој на тоа.
Заборавивме ли дека со векови и милениуми сме развивале и негувале други вредности како: хуманост, достоинство, образ и многу други традиционални вредности (социјален живот, брак, фамилија, лојалност, гостопримство и слично). Сите овие вредности ние сакавме одеднаш да ги избришеме и да ги прифатиме оние принципи на т.н. неолиберална, за некои глобалистичка, а за мене сатанистичка култура. Сатанистичка, бидејќи тие вредности, базирани само на правење профит и пара, нѐ носат директно до судбината на Содом и Гомора, иако не верувам дека нив Господ ги казнил бидејќи не се држеле до божјите закони. Исто така, не верувам дека моќната Римска Империја ја уништиле вандалите или пропаста на микенската цивилизација била предизвикана од воени продори од надвор. Сите тие сами се растуриле од внатре, ги изела декаденцијата, која продуцирала социјални немири, безредие и хаос.
Некој ќе каже дека во истата декаденција е влезена и денешната западна цивилизација. Арно ама Америка и Европа нема да пропаднат бидејќи сѐ уште имаат голема економска моќ, јак правен систем и други механизми за да можат да се одбранат. Така се одбранија од сидата, а од ковидот дури направија и профит. Ние не го можеме тоа. Кочани треба да ни биде последната лекција, пред последниот чекор. Ако продолжиме по истиот пат и не се вратиме на старите проверени вредности, се знае каде ќе завршиме, ќе бидеме среќни ако завршиме како депонија и црна дупка на Европа, каде што ќе ги фрлаат нивните септички содржини.
Болката од Кочани никогаш нема да се залечи, како и срамот од својата држава што го чувствуваат сите граѓани на Македонија. Барем државата и народот конечно да прогледаат и Господ да ни е на помош.
Проф. д-р Драги Митревски