Скопскиот земјотрес и спасот на картотеката од Блаже Конески

Текстов што денес им го приложувам на читателите врти низ мојата глава триесетина години. Дали од некоја лична скромност или од моја ирационална тврдоглавост никогаш досега не бев нашол сила да го напишам и објавам. Сигурно имало и некој трет необјаснив фактор што ме спречувал, не ми давал охрабрување да го сторам тоа. Најверојатно земјотресот од овие денови ми го има растресено мозокот. А станува збор за односот меѓу професорот Блаже Конески и мојот стрико Димитар Колемишевски-Тени (од грчкото име Демостени), како и за спасувањето на картотеката на македонскиот јазик за време на катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година. Блаже тогаш имал 42 години, Тени 44. Не е ова сторија од типот „спасување на војникот Рајан“, но е една стојна белешка од земјотресната и вкупната историја на македонскиот јазик.
Картотека е збирка на систематизирани и по азбучен ред подредени картони со оcновни податоци за предметите од некоја збирка, за книги во библиотека и слично. За време на земјотресот, Картотеката на македонскиот јазик имала стотици илјади единици. Денес содржи околу пет милиони ливчиња, јазични записи, стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно непроценливо богатство.
Овие записи со изворни македонски зборови и изрази, дури од периодот на 14 и 15 век, внимателно се собирани и чувани со особена грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин македонски јазик, со цел да се зачуваат неговата автентичност и традиција. Грижливо и посветено собирани со децении на терен од соработниците на професорот Конески и од Институтот за македонски јазик, од голем број истражувачи, студенти и вљубеници во јазикот. Тоа е патриотизам манифестиран со дела, заштита на македонскиот идентитет и зачувување на јазичното духовно богатство за идните генерации.
По овој долг увод следува приказната.
Кога ги почнав студиите по југословенски книжевности и македонски јазик на Универзитетот во Скопје, еден ден го прашав стрико ми Димитар Колемишевски-Тени дали го познава Блажета Конески, омилениот професор меѓу студентите и истакнат писател во македонската литература. Стрико ми со мала насмевка ми одговори дека се познаници и пријатели, дека одвреме-навреме се гледаат во Клубот на пратениците и ништо повеќе. Одговорот го примив со извесно разочарување зашто очекував да чујам нешто повеќе за творецот чија поезија ја читав и на која ѝ се восхитував.
Дваесетина години подоцна, една вечер, кога на Конески му се претставив со име и презиме, веднаш ме праша што сум му на Тени. Откако му кажав дека сум му внук од постариот брат, благо ме потстегна под рамото, се насмевна со неговата легендарна насмевка и ми кажа дека со чичко ми биле пријатели што ги поврзуваат неколку животни приказни. Во незаборавен спомен биле деновите од скопскиот земјотрес. При една друга средба со него и неговата верна колешка, професорката Вера Стојчевска Антиќ (со потекло од Ресен), ми вети дека ќе ми подари книга во која ја опишува нивната постземјотресна средба. Честа ми беше укажана лично. Со негов потпис и кратка посвета ми ја врачи книгата со наслов „Дневник по многу години“. Притоа ми обрна внимание дека во текстот со наслов „Во земјотресот“ ќе можам да прочитам дел од тие спомени.

На 26 јули 1963 година, денот кога се случил скопскиот земјотрес, професорот Блаже Конески се наоѓал на одмор во Словенија, во Полјанска Долина, во мал хотел во селото Турија. Таму почнал да го пишува учебникот по историја на македонскиот јазик. Дури околу пладне во хотелот му ја соопштиле веста за катастрофата. Квечерината го фатил првиот воз од Љубљана и наредната ноќ веќе бил во Скопје.
Утредента претпладне пошол во Клубот на пратениците, надевајќи се дека таму најлесно ќе се вклучи во новата ситуација. Бавчата била претворена во центар на републичките установи. Под секое дрво било сместено по едно министерство. Го сретнал одговорниот за републичката просвета и го прашал што треба да прави, да помогне. Овој погрешно разбрал дека бара некоја привилегија, па отсечно му одговорил: „Секој треба сам да се снаоѓа“.
– За своја среќа, во бавчата на Клубот го сретнав Тени Колемишевски одговорен за внатрешни работи на градот – пишува Конески. „Кај си сместен Блаже“, ме праша тој. Јас му објаснив. Тени ми рече дека е најдобро да се јавам кај него во градскиот штаб на помошното игралиште кај стадионот. Ја искористив таа понуда и уште тоа попладне се сместив во еден мал шатор, само за еден човек, во непосредно соседство на Тени. Тука се решаваа дневните потреби на тешко повредениот град.
По два-три поминати дена, главната грижа на Конески била да се пренесе негде на сигурно место Картотеката на речникот на македонскиот јазик, врз кој се работело веќе десетина години. Картотеката се наоѓала во семинарот на универзитетската зграда спроти хотелот „Гранд“ – Скопје. Зградата била оштетена, се чувствувал страв дека некој нов посилен удар може да ја урне, а со неа да го закопа и речникот.
„Пак ми помогна Тени“, пишува Конески. „Тој договори материјалот да го прими архивот во Титов Велес и обезбеди голем џип за превоз. Картонските кутии ги пренесувавме една по една, јас и двајца-тројца мои колеги од семинарот. Влегувавме и излегувавме во зградата, стравот од затворен простор се беше веќе вгнездил во мене. Слабите удари беа чести. Сепак сѐ се заврши среќно. Седнав во џипот и се упатив во Велес. Ми олесни на душата кога најпосле ја видов сместена картотеката“.
Блаже очекувал во тој круг од шатори да биде сместен повеќе денови. Но Универзитетот донел одлука да се оформи посебен камп во Автокоманда и таму да се сместуваат професори. Пред заминување му се заблагодарил на Тени за гостопримство.
Професорот додава на овие настани и еден друг од една година подоцна. Имено, кога во 1964 година се поведе акцијата против девијациите во органите за внатрешни работи, Тени, како висок полициски функционер на УДБА, беше на удар на некои луѓе од културата. Блаже би застанал зад него и ако е потребно ќе го потврди позитивниот придонес на Тени во културата „на секое место и пред секого“.
+ + +
Текстов што погоре го читавте сигурно ќе биде посиромашен ако не се каже дека по иницијатива и со залагање на поранешната министерка за култура Ирена Стефоска овој богат архивски материјал е преработен во дигитална форма, со што е зачуван и заштитен додека траат светот и векот. Проектот се реализира во годината кога се одбележуваа 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков. За директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, ова е историски момент за Институтот, затоа што на овој начин ексцерпираните материјали со кои се полни картотеките конечно се дигитализирани и овековечени.