Во очекување на скорашните локални избори ми навираат мноштво сеќавања за Скопје. Не сум стар скопјанец за да се гордеам со градот. Него го запознавав како студент дојден од Ресен, како тазе вработен новинар во весникот „Нова Македонија“ и како негов жител еве веќе 58 години. Уште две рамно 60, никако доволни години за да можам да го носам ореолот на „стар скопјанец“. Кога дојдов на факултет за сите луѓе што ги гледав низ Скопје сѐ си мислев дека се родени скопјани, дека дојденци сме само ние илјадници што се туткавме во бараките на тогашните студентски населби. Со текот на времето сфаќав дека таа демографска слика во мојата глава е погрешна, за денес да бидам убеден дека, всушност, Скопје е окупирано од скопјани што не се родени во Скопје.
Во зимата 1971 година ме примија на конкурс за новинар во весникот „Нова Македонија“. Место – приправник во Скопска, што значи во градската рубрика, таму каде што сите млади и новопримени, во принцип, треба да го печат занаетот. Приправник ти е нешто како чирак и калфа, само што не мора „да му носи бурек на газдата“.
Нормално дека во скопската рубрика доминираа скопските теми. Тоа не е чудно. Чудно е што и денес, по толку години, неколку теми се исти, на истиот список на проблеми во градот. Поминати се 55 години, а ништо не е променето. Едната „горлива“ тема е автобускиот сообраќај во градот. Верувале или не, ако некој ги отвори весниците од тоа време, речиси во секој број ќе сретне текстови за нерешените прашања со градскиот превоз.
Немање автобуси, доцнење на автобусите, расипани автобуси, долго чекање на станиците, малку сообраќајни линии, проблеми со ноќните врски во населбите. Некултурни и нервозни возачи, уште понекултурни патници, инциденти во автобусите, тепачки меѓу патници. Постојани финансиски и други загуби на ГСП (сега ЈСП), лоша управа, неспособни директори, сите овие зборови беа содржани во наслови од текстови што се нижеа од ден на ден. На проблемот со автобусите се додаваа и уличните „шпицови“ односно создавањето колони од возила во утринските часови кога се оди на работа и попладне при враќањето. Тогаш метежите беа долгоминутни, возачите нервозни, доцнењата на работа многу чести.
Таквите текстови беа покарактеристични за зимата, заедно со проблемите со парното греење. Немаше почеток на сезона а да нема голем број жалби и поплаки на адреса на „Топлификација“. Слично беше и во текот на целата сезона проследена со вечната дискусија – при кои температури треба да „пуштаат“ парно, а кога да нѐ греат. Попусти беа официјалните објаснувања што речиси никој не ги разбираше, а беа толку испреплетени со топло-ладни денови и Целзиусови степени што никој не можеше да им го фати крајот.
Тие беа таканаречените главни зимски теми. Од летните беше водата. Иако тогашно Скопје беше една третина помало и по население и по градби, водата за пиење неколку лета со ред беше крупен проблем. Особено за оние куќи градени на рид или за згради со повеќе катови, иако тогаш на Водно немаше палати што вредат милиони, ниту пак градот имаше зграда повисока од 15-20 ката. „Водовод“ често лиферуваше апели за штедење вода, скопската рубрика пишуваше дека водата се краде, дека се користи за наводнување дворови и ниви и дека ниту еден апел не дава плод. Уште тогаш е напишано дека ако Скопје продолжи да се урбанизира со исто темпо (напишано 1971–1972), тогаш ниту уште еден извор како Рашче нема да биде доволен.
Водата по малку стануваше и политички проблем, што може да се заклучи по фактот што „Нова Македонија“ објавуваше политички коментари на втората страница за сериозните последици од нештедењето вода. А да не заборавиме дека тоа беше време на комунизам-социјализам, кога државата и партијата имаа право и должност да се грижат и за водата. И Рашче беше под строга државна контрола. Денес весниците немаат класични рубрики, но речиси нема портал што ова лето не информираше за ниските количества вода и неможноста Скопје да ги задоволи сите потреби и покрај проширените водни капацитети. Што би рекле „иста мета, исто растојание“, иако времињата се драстично сменети, сега владеат „некои други клинци“.
Крајот на август и почетокот на септември беа резервирани за основците, за средношколците и за студентите. Најгорлив проблем беше студентското сместување во трите студентски населби – Стив Наумов во Автокоманда, Педагошка во Карпош и Медицинар до Медицинскиот факултет. Денес жива е, навистина жива, само населбата во Автокоманда, проширена и надградена, другите две одамна не постојат. Кон нив беа додавани и студентските домови – „Кузман“ во Центар и „Гоце Делчев “во Тафталиџе, тогаш нов, со првопримени студенти – главно постари и апсолвенти. Домовите беа за побогатите, а Автокоманда, највеселата населба, за најсиромашните студенти. Само оние што поминале низ голготата знаат какви борби се воделе за да се обезбеди студентско легло, евтино и пристојно, ако соба со четворица е пристојно место за студирање и живеење. При тоа сместување веќе можеа да се видат првите знаци на употреба на врски, првите појави на мито и корупција. Ситна, но опасна.
Ги одвоив овие три пункта важни за животот во главниот град колку поради нивната важност толку и од потребата да укажам дека во овие градски проблеми нема некои поголеми промени. И пред избори да се потсетиме каде би требало да се насочат новоизбраните градоначалници, кои во предизборниот период раскажуваат бајки, а не ја гледаат нечистотијата пред својот двор. Не да се откажат од мегаломански проекти, туку прво да ги завршат, да ги решат оние проблеми со кои граѓаните се судираат секојдневно и низ кои им се загорчува нормалниот живот.
Иако, рака на срце, никако не може да се каже дека во Скопје застанало времето. Скопје се развиваше пред нашите очи, носејќи ги со себе сите предности и мани. Незаборавни се успесите на Драгољуб Ставрев и Благој Попов како градоначалници на постземјотресно Скопје во еднопартискиот систем. Свежи и живи сведоци се достигнувањата на Трифун Костовски и на Коце Трајановски, како што сме сведоци за градските неугодности со Данела Арсовска, актуелна градоначалничка.
Скопје ќе го градат нови луѓе, нови извори на партиска, политичка, финансиска и друга моќ. Старите живеат со спомените и со добрите намери дека градот во кој не мора да се родени ќе има убава иднина заради иднината на нивните деца и внуци, родени на скопска почва. Град што го погодиле неколку силни земјотреси, град што издржал десетина различни окупации, од римско до турско, од српско до бугарско, град што не мора да го носи ореолот на феникс, заслужува добри луѓе на негово чело и добра судбина.