Празници и празнувања. Декември и јануари се полни со прослави. Од практични причини, кај нас во минатото зимата со снегот и виулиците била можност за дружење и опуштање од тешките работни активности низ планината, во шумата и на полето. Но сега е поинаку. Се истресоа џебови, се испразнија сметки, картички и какви се не инструменти за плаќање и на она што треба и на она што е луксуз – аздислак и сурупучлок.
Од утре повеќе нема пиење ниту трупање прекумерни количества храна. Ова се нашите заклетви ден по празнувањето. Така до следното славење, а ние можеме да се пофалиме и со државни празници, но и со низата верски празнувања. Убаво е да се слави и притоа да се чувствуваме ведри и расположени, но сѐ да биде со мера, која токму во тие мигови ни е далечна. Згора на можностите што сега ги нудат трговските мрежи и моловите од кои требало – не требало, излегуваме со полна торба. Веројатно тоа се должи на дел од системот што го живееме познат како пазарно општество или капитализам, кое дава можности да се силиме повеќе отколку што ни трпи џебот. Потоа цела година „тепај си главата “.
Таму некаде на исток, е првиот пристан на бродот именуван како Нова година. Веднаш во утринските вести на електронските медиуми ќе биде означена Кирибати или Тунгару или Гилбертови Острови, како сакате, островската држава во Тихи Океан составена од 33 атоли. Таа држава населена од микронезиски доселеници од Тонга, Самоа и Фиџи, како и домородно население, својата независност ја добила во далечната 1979 година од Обединетото Кралство.
Е, таму далеку од нас, тие жители први на Земјината топка ја дочекуваат Нова година славејќи ја со раскошни огномети и атрактивни веселби на амбиенталната животна сцена. Убаво е кога има веселба, насмеани лица и кога лошите намери и мисли се потиснати на периферијата од умот.
По Кирибати, раскошните огномети се селат во Сиднеј и преостанатите градови на Австралија, која Нова година ја слави во безмалку летни горештини. Чинот на прославата и нејзина кулминација е на платото пред величественото здание на сиднејската опера. Понатаму, коработ Нова година минува преку целата Земјина топка сѐ до западните страни. Притоа се полни со честитки, убави желби, копнежи и пораки за мир и напредок. На тој начин, препораките за „поправен“ статус Нова година ги презема од годината на заминување. Се разбира, разочарувањата ќе стасаат отпосле ако не се одбегнат и ако ни се повторуваат. Но убаво е да се живее во надеж и со надеж.
Ја нарекуваат најлуда ноќ. Веројатно со право. Трешти на сите страни. Пиротехниката е водечка сила на прославите. Едноставно, таа доминира со раскошни огномети и со пиротехника, која излудува. Што им требаше на Кинезите да ги откријат барутот и триковите за волшебни огномети? Кутрите животни, кои дотогаш мирно талкале по сокаците и централните делови на градовите, не знаат кој крај да го фатат бидејќи нивните сетила повеќекратно посилно ги примаат татнежите од кои се тресе почвата.
Во таа еуфорија подзабораваме на оние кутри луѓе што „прославуваат“ во друштво со врвна воена техника што ја ора земјата, ги урива зградите и ги уништува животите на сите оние што се нашле во котлите на смртта. Да и таму трешти, молска во сите бои како ѕуница и сето тоа подгреано од циничниот и зајадлив здив на Арес, најомразениот меѓу божествата на Олимп. Тој рогобатен господин од антиката, бил син на Хера, која го родила без машко семе. Којзнае, можеби затоа бил суров до лудило. Или, исто му се фаќа дури и да е роден нормално? Арес си е Арес и тој е постојано придружник на малите Ареси од елитната структура на човечкиот род, кои се обидуваат да станат божји суштества преку моќта на огненото оружје. Навистина е чудно колку галеријата на антички и други божества и богови носат човечки атрибути. Случајност, нели?
Никој од оние жители на земјата што слават и беснеат во најлудата ноќ на таа прекрасна амбиентална сцена на забавата и разонодата, веројатно немал можност да лежи во ров полн со вода, со снег, а неретко и со измет. Да трепери дури и ако е сместен во некоја од болниците или во импровизиран лазарет врз кои не треба и не смее да се стрела со смртоносни оружја, да гледа во небото осветлено како ден во очекување на мир што е блиску, а толку далеку.
Ретко кој од оние што се радуваат, се уверил во вистината колку тежи една крупна детска солза, почувствувал безнадежност, загуба на најмили. Ретко кој од нив се проколнувал себеси и ја посакувал смртта како спасение бидејќи на страдањата, маките и неизвесноста не им се гледа крајот. А светот, слободниот свет што во минатото се докажа со своите антивоени демонстрации (Виетнам) против ордите на Арес и против војната и воените дејствија низ светот, сега слави и мудро молчи за воените крвнини. Едноставно како да е под анестезија. Глас не му се слуша. За жал, светот е нем пред сите овие страдања.
Убаво е што ја пречекавме 2025 година со насмевки на усните и со ведри лица. Нека ни е среќна на сите што се будиме без страшниот звук на авио и хеликоптерски мотори над главите, без шрапнели и дронови, кои се гласници на смртта, без чувство на загуба на блиските и на другарот од ровот и со зачувани надежи и насмевки на усните. Но никогаш не треба да забораваме на оние во пеколните огништа. Велат дека сѐ додека не ја почувствуваме лично воената трагедија, која пустоши, останува да си мислиме дека војната и смртта им се случува само на оние таму… еј, далеку од нас!
Но ајде да заборавиме за миг на лошите работи, па да се обидеме да поттикнеме позитивна енергија, која ќе ни донесе убави мигови, која ќе придонесе војните и страдањата да запрат, која ќе нѐ натера да мислиме едни на други како на луѓе и суштества од иста рода и порода.
Иако имав напишано за доктрината на американскиот претседател Џејмс Монро, повторно ќе потсетам на неа со оглед на тоа дека е мошне актуелна. Господинот иден претседател Доналд Т., за кого сметам дека е исклучително духовит човек, понуди опција за присоединување на Канада, Панама и Гренланд. За првите две, ѓене – ѓене бидејќи се на американските континенти. Но Гренланд е Данска, Гренланд ѝ припаѓа на Европа, која патем е близок сојузник на САД.
Со Монроовата доктрина американската политика ѝ се спротивставува на колонијалната политика на европските сили. Во една пригода, Монро му се обраќа писмено на Конгресот и ги потенцира трите начела што треба да бидат испочитувани:
1. Да се забрани понатамошна колонизација на двете Америки од страна на европските колонизатори;
2. Забрана за мешање во внатрешните работи на американските држави;
3. Изјава со која САД се откажуваат од какво било мешање во европските работи и нивното економско дејствување.
Со оваа доктрина требало да биде сотрена во корен намерата на големите сили да интервенираат на туѓи територии. Но дали е така? Се надевам дека разумот ќе надвладее за светлините на јавната сцена на животот и забавата да ја почувствуваат и оние што сега минуваат низ голгота.
Љубомир Јованоски