Сите сме виновни

Некои политичари, навидум доблесно, ќе признаат дека штетниот наратив потекнува токму од нив (на патот кон освојување на политичкиот, но и севкупниот јавен простор), а медиумите само се трансмитери на „злото“. Претставниците на медиумите уште подоблесно ќе признаат дека тие имаат „дел“ од вината за интоксиксикацијата на јавниот дискурс, но мораат да постапат така поради зачувување на автентичноста на кажаното, но и поради гледаност, читаност или капиталната зависност на медиумскиот простор. Сомневањето околу вината за токсичниот говор се пренасочува и кон професионалните ПР-комуникатори, кои, наводно тие, им го сугерираат наративот на своите клиенти на патот кон остварување на целта

Говорот на омраза во секојдневната комуникација со еуфемистички вокабулар насловен како „Штетниот наратив во политиката и медиумите“ повторно, сосема оправдано, неодамна најде свое место на дебатната маса на медиумските експерти, политичарите, ПР-практичарите, вистинољупците и сета заинтересирана јавност.
Но, во старт да ја расчистиме дилемата. Говорот на омраза како иницијална капсула на предизвикување негативни емоции, потоа негативно поведение и конечно пандемиско труење на свеста и јавноста, постоел, постои и ќе постои. Не е ниту скорашна измислица на актуелниот момент, ниту некоја придобивка на современиот сајбер-простор, кој отвори сосема нови полиња и простор за комуникација. Значи има историско паметење, што би рекле, откако постои зборот и векот. За моќта и опасноста на говорот (зборот) свое мислење имале уште софистите, но и Сократ (штетата од манипулативниот говор) и Платон (зборовите како алатки што можат да водат во вистина или во зло, ако се користат без морал), но, сепак, мислата „зборот е родно место на секое зло“ му се припишува на Сигмунд Фројд, таткото на психоанализата, што во старт нѐ упатува не на тоа каде е прапочетокот туку во кој домен треба да „копаме“ ако сакаме да го искорениме ова сега веќе навистина пандемиско зло (темната страна на душата, свеста и говорот).
Ваквиот неприфатлив наратив доби најнова актуелност особено по говорот на претседателот на најмоќната економија Доналд Трамп дека, парафразирано, „лидери на многу земји од светот, по воведувањето на царините, му се јавувале и му го бакнувале… „долниот дел од грбот“ со цел да издејствуваат директни преговори за стекнување поповолна фискална позиција на еден од најголемите пазари во светот.
И додека кај нас сѐ уште се води дебата околу тоа кој прв почна со штетниот наратив, дали се тоа политичарите (во своите политички кампањи или властодржно или опозициско секојдневие) или медиумите, кои некритички и автентично го пренесуваат нивниот вокабулар, некои дури и потпалувајќи го уште повеќе, светот веќе одамна отиде во „комуникација 2.0“, каде што некој трет го регулира или ќе го регулира овој негативен феномен.

Некои политичари, навидум доблесно, ќе признаат дека штетниот наратив потекнува токму од нив (на патот кон освојување на политичкиот, но и севкупниот јавен простор), а медиумите се само трансмитери на „злото“. Претставниците на медиумите уште подоблесно ќе признаат дека тие имаат „дел“ од вината за интоксиксикацијата на јавниот дискурс, но мораат така да постапат поради зачувување на автентичноста на кажаното, но и поради гледаност, читаност или капиталната зависност на медиумскиот простор. Сомневањето околу вината за токсичниот говор се пренасочува и кон професионалните ПР-комуникатори, кои, наводно тие, им го сугерираат наративот на своите клиенти на патот кон остварување на целта. Притоа, случајно или не, се подзаборава кој е нарачател и кој ги плаќа тие ПР-услуги и за која цел. Ако агенциите за односи со јавност се вистинската адреса, проблемот со затруениот јавен дискурс е решлив. Само треба да им ги скратиме услугите. Со тој јазик – не, благодарам. Но, не е така. Точно и да не постои ниту една ПР-куќа, сведоци сме дека самите политички партии имаат свои комуникациски центри, или во интернет-просторот познати како „ботови“ или сајбер-герила, па слободно можат да креираат, за свои потреби, каква сакаат комуникациска култура или наратив.
Целата ова заплетканција или „Гордиев јазол“ недвосмислено води кон заклучокот: Сите сме виновни и никој не е виновен, што упростено значи – „решение нема“! Тоа ни е!
Но, дали е баш така? И почнуваат да се истураат куп решенија, реални, апстрактни, конзервативни или напредни. Па, треба: да се реформираме во нашата свест, во образованието, во домашното воспитување, во законодавството, во казнената политика, во етиката… Сето тоа држи. Можеме, но ако сакаме. На опасностите од штетните наративи и говорот на омраза одамна се укажува. Во сега веќе конзервативните или попознати како традиционални медиуми (печатените, телевизијата, радиото) во старт имаше етички норми, кои никогаш не смееја да се пречекорат. Пред повеќе децении на самиот „влез“ во НИП-от на младите новинари им се укажуваше на аксиомата при стапнувањето во пишаниот свет дека: новинарите немаат само улога да информираат туку и да едуцираат со писменоста, високите јазични стандарди, веродостојноста на информациите.

Читателот треба да се почитува. Сепак, тоа е минато свршено време и медиумскиот простор не само што се видоизмени, од традиционални во социјални медиуми, кој за среќа, но и за жал, освен што отвори нов виртуелен (слободен) простор за комуникација и влијание, наметна и свој вокабулар, кој не секогаш е пристоен во рамките на основните етички норми, туку и тоа како е суспектен и штетен. Е, токму тој простор, преку онлајн медиумите и социјалните мрежи е „бојното поле“ каде што најмногу треба да се дејствува. Закони и етички правила има. Внимателните следачи, па дури и креатори на тие нови медиуми навремено укажуваа на потребата за регулирање на овој простор, па се носеа и некои PIPA и AKTA правила (во САД, Европа), но и тие станаа недоволни, минато…
Отсекогаш сум верувала во моќта на технологијата, особено во придобивките од високата технологија. Ако веќе говориме за комуникација 2.0 или наративот во сајбер-просторот, кој најчесто се зема за пример каде егзистира штетниот наратив, или самиот тој е акцелератор на штетен наратив што бил скриен во потсвеста на некои негови корисници, можеби не е отповеќе токму тука да се најде и одговорот на дилемите. Кога веќе живееме и сме водени од алгоритми, во време кога ВИ (вештачката интелигенција) „гази“ во севкупното живеење, можеби тука лежи решението. Во самата основа на функционирањето на ВИ, алгоритмите се прецизни чекори или правила што се следат за да се реши некој проблем. Тука се подразбира машинското учење – учење податоци, препознавање шаблони, донесување одлуки и автоматизација на задачи. Значи доволно е само да се вметнат „неколку неетички секвенци, зборови (шаблони)“ што се токсични за комуникацискиот простор и автоматски да се блокираат и отстранат од јавниот дискурс. Не, тоа не е обичен „блок“! Тоа е детоксикација на јавниот дискурс.

Виолета Цветковска