Триесетти април е Меѓународниот ден на џезот – уметност што ги обединува заедниците, училиштата, уметниците и ентузијастите низ светот, уметност што ја слави културната разновидност, промовира мир и меѓукултурен дијалог, поттикнува и ја истакнува слободата на изразување.
Спроти 30 април – денот на џезот, но и во времиња кога во фокусот на вниманието на јавноста се политички жешки теми, шпекулации, конфронтации, озборувања, турбуленции, постојат теми за потсетувања на кои секогаш можеме да се навратиме, особен вид мали духовни енклави, деконтаминирани и исчистени од дневнополитички кичерај, војни, несреќи, лажни револуционери, гнасен јазик – либертинаж, говор на омраза, простотилак. Тоа се мали духовни островца на кои секогаш одново можеме да се засолниме, потсетиме и да се навратиме на врвиците на нормалноста. Таков еден волшебен остров се вонвременските песни на легендарните „Битлси“, трајна инспирации и секогаш благороден поттик за еден вид ничеовско вечно враќање. „Отспротива хроматскиот универзум“ – концерт за крупен план и пијано е наслов на проектот од пред дваесетина години на кој ќе се навратиме и потсетиме.
На обвивката на албумот „Free Jazz“ (1960 год.) на Орнет Колмен, што се смета за едно од најважните случувања во музичката авангарда на минатиот век, е репродукцијата на сликата „Бела светлина“, дело на прочуениот американски апстрактен експресионист Џексон Полок, и уште тогаш во теоретските назнаки се посочува паралелата меѓу џезот и апстрактното сликарство.
Историјата на џез-музиката, делот на т.н. интуитивна почетна фаза, кореспондира со појавата на ликовната апстракција на почетокот на минатиот век. Кандински во својот прочуен трактат „За духовното во уметноста“ ќе го промовира методот на дефигурација, како основа за продор во суштината на објектите, предмет на ликовната сензација.
„Пред себе имам објект – дрво, но се обидувам да не сликам по диктат на она што го гледам“, навидум ексцентрично ќе постулира Кандински. „Се ослободувам од лисјата, гранките, стеблото и продирам во суштината“. Резултат, „Првиот апстрактен акварел“ (1907), мигот важен, достоинствен. Првата ликовна апстракција, вовед во една нова епоха, на неограничените со форма визии и артистички ресурси, каде што формата се третира како глагол, а не како именка, во извесен смисла е и обид да се открие еден неверојатен емотивен слој на модерниот сензибилитет под површината. Временски и методолошки овој тренд на ликовна експресија кореспондира со појавата на новите музички бранувања. Интуитивниот џез, кој најпрвин се појавува како музика на бекстејџ (пред официјалните настапи, обично како загревање на талентираните музичари) на американската сцена, како тренд со артистички потенцијал, најпрвин третиран како ентертејмент жанр, брзо е забележан од софистицираните интелектуално-естетски кругови, кои во овој вид музика ќе ја насетат силата со артистичка предиспозиција и естетска сугестија, при што ќе ја подигнат на пиедесталот на модерна уметност што ќе го обележи минатото столетие.
Иако ликовната апстракција се гради како резултат на дефигурацијата, што во извесна смисла претставува методолошка одредница на овие и слични трендови, – современиот џез ја детронизира хармонската прогресија и се насочува кон внатрешниот скриен интензитет на мелодиската експресија. Притоа се отвора широк, буквално непрегледен, простор на музичката имагинација, интеракција и одрази на современиот сензибилитет.
„Отспротива хроматскиот универзум“, концерт за пијано и крупен план, е проект на 21 век, но не во банална реторичка смисла, туку како еден вид резиме хибрид и потреба на континуитетот на човечкиот дух креатор и катализатор на цивилизацискиот од.
Совршените песни на „Битлси“ ја обележаа втората половина на минатиот век и во услови на глобалниот медиумски бим со право го заслужија епитетот културно историско наследство на светот. Прочуените рефрени Michelle, Across the Universe, Strawberes Fields Forever, When I’m 64, Yesterday… доживуваат стотици нови изведби и модификации.
Многу од овие песни ги знаев, мелодиски, хармонски и исполнував, но никогаш докрај не ги разбрав текстовите и стиховите. Во една пригода во времињата на дружба и соработка со Горан Стефановски во филмската и телевизиската дејност бев пријатно изненаден од гестот на Горан, вљубеник и голем почитувач на „Битлси“. На една наша средба ми донесе и подари десетици преводи на македонски од песни на легендарната англиска група. Последен пат се сретнавме на кејот на Вардар кај тезгите со стари книги, плочи – винили. Средба на која го поканив на проектот „Концерт за клавир и крупен план“ насловен „Отспротива хроматскиот универзум“ во мај 2002…
Проектот „Отспротива хроматскиот универзум“ беше обид да се продре во длабочините под совршенството на музичките форми на неповторливите песни на „Битлси“ за да се откријат внатрешниот интензитет и емоционалност што се „заробени“ во лавиринтите на хармонската прогресија и да се претстават во вид на пијанистичка натструктура, движејќи ги низ непрегледните простори на хроматскиот универзум.
Директен пренос на крупен план, мултискрин-проекција – инсталација на истакнат македонски ликовен уметник беше вториот елемент на овој динамичен хепенинг. Крупен план – затоа што тоа е една од најважните структурни одредници на кинематографскиот израз, што, исто така, се појавува и вградува во филмот (подоцна и во масмедиумскиот амбиент) некаде во ист временски период како ликовната и музичката апстракција.
И како што Пабло Пикасо, Жорж Брак… декомпонираат во ликовната постапка при портретирањето, во проектот „Отспротива хроматскиот универзум“ крупниот план (портретот) на уметникот сликар е предмет на ликовно-медиумска декомпозиција и елемент од кој е создадена сценографија-инсталација. Елементите на трансмисија од екстериерот и вклучување во глобалниот броткаст (директно вклучување во топ 10 – ентертејмент програм на националниот канал) и телевизиската реализација на проектот, ја создадоа онаа димензија на временска и просторна истодобност што е можна единствено како функција на глобалната масмедиумска инфраструктура, сублимирајќи ги и пресоздавајќи ги реалните содржини во т.н. хиперстварност.
Првото издание на овој проект се случи на 20 мај 2002 год. во Музејот на градот Скопје. Пијано – марка „бесендорф империјал“. Музичка изведба – (јас) Аљоша Симјановски, објект на директниот пренос Мирослав Масин. На концертот перформанс, Горан дојде со класата студенти од ФДУ. При средбата пред случувањето ме поздрави и охрабри со зборовите што ги запаметив: „Ова ми делува необично, софистицирано, интересно…“. Подоцна во тонското студио М2 во МРТ на темата „Битлси во хроматскиот универзум“ со Гоце Мицанов –саксофон и Зоран Павловски – контрабас го снимивме истоимениот материјал, кој е објавен во неколку примероци. Се надевам дека ќе уживате и во иднина со овој проект низ возбудливиот и непрегледен простор на хроматскиот универзум. Тоа денес ни го овозможува семоќниот интернет – за оние што имаат желба и трпение, еве го линкот со неколку продолженија –https://www.youtube.com/watch?v=-4fUo3-wCI4