Сиот тој џез

Септември, октомври.. златна есен… во Скопје, време на фестивали и голем број културни збиднувања, можност да се здивне малку од плуралните дневнополитички теми и фрустрации и да се освежи и разбранува нашата до здодевност банална реалност. Октомври е и месецот на долгогодишна заемна љубов и почит што трае и која ги допира и нашите простори низ престижниот и квалитетен „Скопски џез-фестивал“, на кој во текот на изминатите четири децении допатува и се појави и отсвири сѐ што е денес вредно во светот на џезот.
Современиот џез и ликовната апстракција ја детронизираат формата???
Артистичко-филозофската наклоност кон слободата и деконструкција на востановените совршени патерни на европските хармонски текови и форми се основната постапка на т.н. фри џез концепт, кој во последниве половина век е широка рамка на уметничкиот музички експеримент, перформансот и ред други обиди на уметничкото дејствување.
На обвивката на албумот „Free Jaaz“ од 1960 год. на Орнет Колмен, што се смета за еден од најважните случувања во музичката авангарда на минатиот век, е репродукцијата на сликата Бела светлина, дело на прочуениот американски апстрактен експресионист Џексон Полок. И уште тогаш во теоретските назнаки се посочува паралелата меѓу џезот и апстрактното сликарство.
Историјата на џез-музиката, делот на т.н. интуитивна почетна фаза, кореспондира со појавата на ликовната апстракција на почетокот на минатиот век. Кандински во својот прочуен трактат „За духовното во уметноста“ ќе го промовира методот на дефигурација, како основа за пробив во суштината на објектите, предмет на ликовната сензација
„Пред себе имам објект – дрво, но се обидувам да сликам не по диктат на она што го гледам“, на изглед ексцентрично ќе постулира Кандински… Се ослободувам од лисјата, гранките, стеблото и се пробивам во суштината. Резултат, „Првиот апстрактен акварел“ од 1907 г., мигот, важен, достоинствен. Првата ликовна апстракција, вовед во една нова епоха, на неограничените со форма визии и артистички ресурси каде што формата се третира како глагол, а не како именка, во извесна смисла е и обид да се открие еден неверојатен емотивен слој на модерниот сензибилитет под површината. Временски и методолошки овој тренд на ликовна експресија кореспондира со појавата на новите музички бранувања.

Интуитивниот џез најпрвин се појавува како музика во бекстејџ, обично како загревање на талентираните музичари пред официјалните настапи. На американската сцена, како тренд со артистички потенцијал, најпрвин третиран како ентертејнмент жанр, бргу е забележана од софистицираните интелектуално естетските кругови, кои во овој вид музика ќе ја насетат силата со артистичка предиспозиција и естетска сугестија, при што ќе ја подигнат на пиедесталот на модерна уметност што ќе го обележи минатото столетие.
И ако ликовната апстракција се создава како резултат на дефигурацијата што во извесна смисла претставува методолошка одредница на овие и слични трендови, современиот џез ја детронизира хармонската прогресија и се насочува кон внатрешниот скриен интензитет на подмелодиската експресија, при што отвора широк, буквално непрегледен простор на музичката имагинација, интеракција и израз на современиот сензибилитет.
Убав пример во кој се уверија и над петстотини верни поклоници, упорни слушатели на музичкиот концепт, на настапот на „Сесил Тејлор саунд вижн оркестра“ во Универзалната сала во Скопје, на концертот одржан пред години во рамките на „Скопскиот џез-фестивал“, што е уште една силна потврда на зрелоста на концептот што повеќе од триесет години упорно го негуваше и презентираше еден од водечките светски џез-пијанисти, суптилен и рафиниран американски арт-репрезент.
Музика ослободена од клишеата, која во поглед на музичката апстракција подразбира и отвора неверојатни перспективи во хроматскиот универзум, во вистинска смисла на зборот уметност на џезот.
Во чест и слава на светскиот пијанистички гуру со мојот колега и пријател инж. Илија Таневски одговоривме со проект, пијанистичка реплика во негов стил каде што пијаното го третирав перкусионо, а музичката содржина како глагол. Трислојна видеоанимација насловена „На Сесил од Македонија“. Проектот му беше подарен лично на рака зад сцената за време на „Скопскиот џез-фестивал“.

Автор: Аљоша Симјановски