Симболи на бурмата

Милијарди луѓе низ светот носат бурми, вид прстен, венчален или свршенички. Бурмата не е само накит, украс или амајлија, туку има сосема други значења. Се носи како знак на сојуз, на завет, на заедница. Таа е знак на доброволно давање жртва во име на заедничка судбина. Симболична врска на господар и роб, но не во упростена смисла жената да му биде роб на мажот, туку секој од сопружниците да му стане господар и роб на другиот. Кружната форма на прстенот самата по себе претставува целост, без почеток и крај.
Бурмата се смета за најстаро обележје на бракот. Според хроничарите, таа датира од Стариот Египет, уште од 9 век пред нашата ера, според некои извори. Кругот на прстенот го претставувал симболот на богот на Сонцето, симболот на вечноста. Затоа го обликувале во прстен, односно во бурма како залог за вечна љубов и долготраен заеднички живот. Отворот на средината од прстенот се сметал за капија што води до колку познати, толку и непознати настани и случувања што ги носи животот.
Во тие верувања да ѝ се дарува прстен на жена значело давање завет на вечна и бесмртна љубов. Уште од тоа египетско, фараонско, време потекнувал обичајот за размена на прстени при венчавањето. На венчалните церемонии богат накит и прстење носеле само жените. Тие луксузи и церемонии сме ги гледале во историски американски и италијански филмови, особено во оние што за сценарио ги имале животот и љубовните авантури на кралицата Клеопатра египетска, наводно припадничка на династијата на Птолемееви, поколение на Птолемеј, еден од генералите на Александар Македонски. Таа била толку силна и популарна владетелка што успеела да заведе двајца славни римски владетели – Цезар и Марко Антониј. За неа пишувале Плутарх, Хорациј, Проперциј, Вергилиј дури и Шекспир.
Бурмата како симбол на љубовта и вечноста е раширена речиси кај сите култури. Била обичај и кај Римјаните, кои ѝ дале поинакво значење, не толку романтично како во модерниве времиња. Кај нив имала значење на сопственост.

Жената била своина на мажот, со дарувањето на прстенот се потврдувало сопствеништвото на мажот над жената. Се смета дека од Римјаните потекнува и обичајот за гравирање. Античките Грци верувале дека бурмата се носи за да го заштити бракот меѓу двајца луѓе, претставувала некаква гаранција на припадност и верност.
Како што може да се прочита во некои книги, христијаните почнале да ги употребуваат прстените во церемониите при венчавањето во 9 век, поточно 860 година по Христа. Венчалните бурми изгледале поинаку, со друг дизајн, биле украсувани со лебеди, со лири или споени раце, немале божја симболика. Црквата долго време се опирала и го осудувала таквиот изглед. Славниот теолог Климент Александриски им советувал на христијаните од свое време на бурмата да имаат слика на гулабица, риба или котва.
Дури во тринаесеттиот век, свршеничкиот прстен почнал да го добива денешниот изглед и да биде симбол на единството меѓу срцето и душата. Тогаш е воведен обичајот бурмата да се носи на прстот до малиот прст, на десната рака кај православните, а на левата кај католиците. Исто така од тоа време бил воведен обичајот бурмата да ја носат двата пола, и жената и мажот. Дотогаш ја носеа само жените. Со тој чин прстенот стана симбол што покажува дека пред Господ сите луѓе се еднакви.
Но дека еднаквоста е само изговор покажува самиот развој на прстените. Најнапред биле правени од трска, од треви, од папирус. Подоцна од кожа, од камен, од разни метали. Од 19 век од злато, денес од најретки метали и со дијаманти што вредат милиони долари. Историскиот развој на дизајнот, изгледот и изработката на прстените ги покажува нивото на социјалната нерамноправност, на материјалниот и општествениот статус на личноста.

Врз основа на изгледот на прстенот можеле веднаш да заклучат на кој сталеж му припаѓа тој што го носи. Најбогатите носеле од благородни метали додека сиромашните изработени од глина, стакло или бронза. Римјаните им забранувале носење прстени на робовите. Само амбасадори, конзули и сенатори смееле да носат златни прстени, народот само железни. Златен прстен можел да носи само оној што ќе докажел дека е богат, а таа оцена ја оверувал самиот владетел лично.
Ако човек се потруди, може да најаде низ книгите низа легенди и приказни за прстените, особено за прстени изработени од жад во кинеската култура. Во легендите бележити се прстените на Прометеј и на царот Соломон. Откако Херакле го ослободил Прометеја од карпата на која бил прикован, Прометеј мора да носи железна бурма со вметнато камче како сеќавање на кавкаската карпа. Според легендата, целата мудрост на царот Соломон доаѓала од прстенот што го носел. Масонските друштва имаат свои прстени по кои се препознаваат на која ложа ѝ припаѓаат. Уште од најстари времиња соколарот му става прстен на соколот, кој од тој момент лови само за него, го препознава единствено својот господар.

[email protected]