Со утринско кафе го читам Русјаков: вели имало денови кога било песна да се напише колумна. Ние, долгогодишните колумнисти, знаеме дека има и такви, ама има и сушни денови. Денови кога се чувствуваш како спржена земја среде лето, а понекогаш и како пеплиште по пожарна стихија. Искрено, иако ќе ја напишам оваа колумна (штом веќе сум седнала), кај мене владее повторно она чувство на бесполезност. Исто како кога Балашевиќ пееше дека „со песна не можеш да го спасиш светот “, така и јас се мислам: кому му дошло до колумни, особено во овој период. Наместо да си земам/дадам годишен одмор, јас по навика ви се обраќам (вам, на редовната публика што ме чита, иако одамна знае дека сме на иста бранова должина). А по социјалните мрежи (ако е тоа некаков индикатор за интересот на јавноста) „поплава“ од објави за донации за лекување, пофалби за пожарникарите и среќни фотографии од плажите.
Пишувам по инерција, но со желба да додадам барем трошка ново на веќе кажаното. Ова е тема што нема да ги допре оние заштитени со „сто дена“. Немам намера да им берам гајле на Американците, кои ја гледаат смртта на демократијата на сопственото тло (толку зло нанесоа низ цел свет што сега немаат право на разбирање или сожалување, или барем јас нема да им ги дадам). Нема да ви кажувам ништо ни за „европската влада“ на чело со старо-новата Фрау Урсула Геноцид, која тукушто осудена од Европскиот суд за правда во врска со нетранспарентната набавка на вакцините, сепак остана со дигната глава. Ако ви речам да го преслушате/прочитате неверојатниот говор на Лавров за време на преземањето на претседателството на Русија со Советот за безбедност на ООН, ќе ми залепите етикета. Бидејќи вам поважно ви е КОЈ зборува одошто ШТО зборува. Кога пишувам за децата во Газа, велите дека (јас!?!) сум претерала, ве „гњавам“ со непријатни теми од октомври 2023 година до денес. Всушност, поради тоа си добив претставка од Скопје квир-центарот за ширење дискриминација и нетрпеливост пред Комисијата за антидискриминација. Јас сум лошата, а веројатно виновни се и оние дечиња што како кутриња лижат капки вода од валкани црева по камповите и некако преживуваат +50 Целзиусови степени во шатори, без вода и храна. Живееме во светот на Орвел, во кој војната е мир, а мирот е војна. Да не беше така, сега барем ќе се оддадеше почит за напорот на Виктор Орбан што за неколку дена разговараше директно со засегнатите страни во руско-украинскиот судир. Меѓународниот суд издаде налог за апсење на Нетанјаху, а тој ќе зборува пред американскиот Конгрес. Не, не, ова е толку налудничаво и наопаку поставено што е тешко и да се објасни. А тешко е и да се следи од позиција на македонски граѓанин сардисан од сите страни, притегнат од реални проблеми и ситни злоби, што веќе губи интерес за светот и за себе како дел од човештвото.
Штом е така, тогаш да си пишувам јас за она што ми е најлесно: за фолирањето во високото образование. Ако за нешто ми е драго во составот на новата влада, тоа е што на чело на Министерството за образование и наука застана универзитетска професорка. Од интервјуата досега разбрав дека приоритет се состојбите во основното и средното образование. Со право!
Бидејќи, како ќе го насадиш, така и ќе расте… Еднаква грижа е нужна и за децата и за нивните наставници. Бидејќи цел професионален живот го минав во високото образование, тоа е она што најдобро го знам и со кое живеам додека за кратко време не заминам во пензија. Секогаш сум велела дека ако младите не се подготвени во претходните степени од образование кога ќе стапнат на универзитет, ние не сме супермени да им ги пополниме сите празнини во образованието, а ниту да им вдахнеме мотивација за учење. Но веројатноста да ги најдете оние фолиранти (што ги спомнувам во насловот) е многу поголема во нашите кругови отколку во пониските степени. И не е само до фолирањето, глумењето научници со високи научни постигнувања, туку и до онаа постојана миграција од политика во наука и, обратно, од наука во политика. Впрочем, на чело на државата во моментов се токму професори (иако оваа колумна нема ништо поврзано со нив како конкретни личности). Она што ги одликува професорите е нужно и голема доза на суета, гордост, па дури и ароганција. Не дај боже некому да му кажеш дека е за „до Табановце“ или дека не знае ниту еден светски јазик, а има објавено трудови во меѓународни списанија! Ех, да, и критика тешко примаме, а не сакаме да учиме од подобрите. Ако сум на нешто алергична, тоа се тие лажни величини – а, за жал, животот го минав меѓу такви, само генерациски се менуваат, а крушка под крушка паѓа. Затоа никако ни да пркнеме и да се афирмираме. Има моменти кога од забава почнувам да ги проверувам квалитетите со кои се фалат оние на значајни позиции (не ми треба ни комисија за евалуација, ни за квалитет, па дури ни софтвер за да им ги откријам плагијатите и преводите од Гугл транслејт). Едноставно, доволно е да појдете на страницата на Scopus и да почнете да внесувате имиња на извикани професори. И чудесии ќе најдете! Настрана што огромен број од нив воопшто и не фигурираат таму, едноставно ги нема, што значи и дека штанцаат трудови заради избор во звања или од некаква амбиција да се први во селото, иако градот не слушнал за нив. Но, повремено ќе наидете на најголемите фолиранти. Слушав интервју на колега професор (кој сврти крукче од колумнист со соодветни политички ставови до политичар, амбасадор, па професор) и од навика почнав да го „скенирам“. Пријатно ме изненадува што не само што го има туку е и со одреден солиден резултат (коефициент на цитираност). Почнувам да му ги листам трудовите со фактор на влијание (фамозниот импакт-фактор) и има што да видам. Освен еден или два труда блиски до областа во која предава (од општествените науки), ќе видите дека човекот е генијалец! Има трудови од менаџмент во спортот до лекување дијабетес! Сестран бил човекот! Финтата е едноставна: се прави она фамозно „јас тебе, ти мене“, се допишуваат коавтори без оглед на профилот или придонесот во истражувањето, ама сите заедно нижат „поени“.
Во таквите групировки најчесто еден или двајца се „магарињата“ што носат вода на свадбата, а другите само се прикачуваат на нивниот труд (каков е заемниот интерес не знам, но може да се погоди). Се изнасмеав во себе онака горчливо. Ми текна на еден мој брилијантен студент, кој во рамките на активностите на една младинска организација сака да придонесе за воведување вистински критериуми меѓу професорите (од кои е очигледно разочаран). Ме консултираше дали е добро ако поднесат предлог за промена на Законот за високо образование во насока на воведување повисоки критериуми за избор, селекција и напредување на професорите, па ми текна на овие генијалциве, кои и на тоа ќе најдат „дупка во закон“. Му реков дека дури и да се смени законот, промените нема да важат ретроактивно, па така сите сегашни професори се раат (повеќе од 90 отсто се редовни професори, со заслуги или без нив). Поважно ми се чини прашањето на привлекување нови, млади и брилијантни кадри што ќе ја создадат новата академска елита (во најдоброто значење на зборот), кои ќе бидат одлични професори, истражувачи што ќе бидат почитувани надвор и кои ќе можат да нè поврзат и афирмираат. И најважно од сè, професори што ќе инспирираат не со статистички и фејкерски резултати, туку со посветеност и знаење, критичка мисла и отвореност и кон студентите и кон светот. Што да правиме со академските фолиранти што се веќе длабоко вгнездени по раководни позиции или се пензионери зад кои се влечка незаслужена аура дека се некакви величини? Искрено, не знам. Топ не ги бие. Во и со секоја власт, а најмногу среде една хипокритична академска средина, главното мото е „да не се замериш со другиот“ и да си ги прикриваш траговите (ти мене војводо, јас тебе сердаре). Единствена утеха е дека таквите се „прочитани“ од нивните студенти, кои уште пред да дипломираат знаат дека ќе бегаат од тука за идните степени на образование. Тие не сакаат празноглави импровизатори и автори на трудови од кои не можеш ништо да научиш. Но тука некаде почнува да се гледа последицата од ваквата состојба: одливот на мозоци не е случаен. Тие што се надарени и високоинтелигентни, способни, кои се стремат кон височини што нивните професори не можат да ги сонуваат, си го наоѓаат патот кон надвор. И нека им е со среќа. Не знам дали министерката и Владата ќе имаат сила да го спроведат ветувањето за строга евалуација и евентуално одземање акредитации на високообразовни институции што штанцаат дипломи и се водени од фолиранти. Искрено, се сомневам, бидејќи сите се изврзани меѓу себе како „свински црева“, што со непотизам, што по партиска или коалициска врска. Оној што ќе го пресече Гордиевиот јазол треба навистина да ги има силата и храброста не на Александар, туку на неговиот учител Аристотел или, пак, на пријателот на Одисеј, Ментор.
Вака-така, ја напишав и оваа колумна, која малкумина ќе ја прочитаат, ама мнозина ќе налути и навреди, бидејќи ќе се препознаат.