Што и како ќе правиме понатаму?

Црни облаци се надвиснаа над Македонија. Тешко и брутално пред нашите очи беше поразена невиноста, која скапо ја плати цената за секоја негрижа, за секоја наша небрежност и несовесност. Беззаконието си ги зеде своите жртви. Во неговите безмилосни канџи паднаа нашите деца. Не постојат соодветни зборови со кои ќе можеме да ја изразиме нашата тага, да ги опишеме сиот оној јад и чемер што како тешко бреме ги притиснаа нашите души. Не постојат ниту зборови на утеха и сочувство што ќе ја намалат болката на родителите на починатите деца или ќе ги преврзат повредите на сите настрадани при оваа страшна несреќа и трагедија. Не постои човек, ниту човечка сила што ќе може да ги зацели овие крвави и длабоки рани. Единствено Бог може да ја осмисли секоја наша слабост и недоумица, да даде утеха во секој наш неуспех, во секоја наша овоземна мака и тешкотија. Бог ќе ги прими и овие души во Своите пазуви, ќе го прегрне со Својата благодат секој родител, секој страдалник, секој загубеник. Идното сеопшто воскресение, на кое се надева секој христијанин, ќе ја израмни секоја нерамнина, ќе ја устрои секоја правда, зашто преку Христос беше победена смртта, преку Неговата жртва се зацари животот и со вечност беше овенчан човекот, чија природа преку Богочовекот заседна од десната страна на Живототдавецот во Неговото Небесно Царство. Македонија тажи и сочувствува. Сите нас маката нè обедини. Немаше човек, без разлика на неговата етничка или верска припадност, кој не се понуди себеси и своето за помош во ова страшна, тешка и невидена трагедија. Деновиве солидарноста и човечноста триумфираа на сите полиња. И сега, кога веќе полека се напластуваат деновите со својата неодминлива нафака, и кога правиме еден мал отклон од овој ужас и катастрофа што сите нè снајде и засегна, време е да си го поставиме прашањето: што и како ќе правиме понатаму?
Сите сме сложни околу една работа, а тоа е: ова никогаш повеќе не смее да ни се повтори! За да ја постигнеме оваа цел, ќе мора сите ние лично да придонесеме, ќе мора делотворно и посветено да работиме при креирањето едни нормални и праведни општествени услови, кои за свој темел и основа ќе го имаат почитувањето на законот, бидејќи само така ќе може да се оствари секоја правда. Ова е старо и древно библиско начело, кое до ден-денеска ја нема загубено својата вредност. Заеднички заклучок е дека Македонија како држава и покрај тоа што има закони, сепак тие во многу случаи нејзе ѝ служат како декор, како некаква форма што треба да постои, но на која и не треба многу да ѝ се обрнува внимание.

Овој ментален склоп што сите ние, повеќе или помалку, си го имаме усвоено, еднаш засекогаш треба да биде расформиран и отстранет од нашите глави. Законот треба да се почитува, тој треба да се спроведе, бидејќи тој во основа е предвиден за наше добро. Законот не е стока со која може да се тргува. Неговото непочитување, избегнување или заобиколување носи со себе страшни опасности, кои демнат и чекаат погоден момент за да ја распуштат својата разорна и пеколна моќ. Настапи време кога секој поединец ќе мора да даде свој придонес во интерес на општото добро. Ќе мора да почнеме од почеток, од малите нешта, од простите работи, од тоа каде го фрламе отпадокот, со која брзина возиме во населено место, престигнуваме ли непрописно, пропуштаме ли пешак на пешачки премин, му пречиме ли на другиот со нашата врева, паркираме ли по тротоарите, даваме ли предност во сообраќајот, ги почитуваме ли туѓото време, туѓиот простор, туѓите пари, фаќаме ли ургенции за сè и сешто, поседуваме ли ние квалитет и стручност за некоја работа или, пак, ни е важна само нашата лична, неоснована и себична амбиција. Ако овие работи ги пазиме и постепено ги исправаме, тогаш ќе му помогнеме на системот да проработи и профункционира. Тоа е толку просто и едноставно. Доволно е само да бидеме искрени спрема себеси. Не е проблем толку системот со неговите многубројни закони, проблемот се крие во нашата непочит и во нашите лични погрешни постапки, кои самиот систем го блокираат, кои неговите тркала и валјаци не само што не ги подмачкуваат, туку и ги оставаат да чкрипат и ’рѓосуваат во долгогодишен дефект и заборав. Системот ќе мора да се ослободи и да дејствува и говори во име на јавноста, во име на сеопштиот интерес. Системот истовремено мора да пази да не биде нахранет со нереални, непотребни и погубни закони. Не смее црното да го смета за бело, болното за здраво, гревот за некаква доблест, загубата за некаква материјална придобивка. Тогаш ќе нема никаков поттик, ќе нема ниту напредок, ниту некаков долгорочен успех. Системот, на пример, не може да одобри изградба на десетици казина и уште толку обложувачници во центарот на градот, покрај основните и средни училишта, а во исто време да очекува дека ќе создаде високосвесна и здрава нација. И на неук човек му е сосема јасно дека недомаќинлукот носи распад на личноста, а со тоа и на семејството. Преку стотици заложни куќи и фирми за брзи кредити, не се поведуваат економските процеси, туку се озаконува лихварството. Која мафија во светот му донела на некое општество прогрес и благосостојба? Не може со закон да се претвори мажот во жена, а жената во маж, и потоа да се очекува дека ќе имаме светла иднина. Системот мора, преку своите механизми, пред сè да ја заштити личноста, да ѝ овозможи секаков духовен развој и напредок. Системот и сите негови чинители, ќе мора да му служат на животот, а не да ѝ кадат на смртта. Само на тој начин системот ќе биде делотворен и исполнителен.

Инаку, сите бевме непосредни сведоци на несебичната предаденост и борбата за живот на нашите здравствени работници при оваа болна несреќа во Кочани, за што сме им бескрајно благодарни, но, сепак, време е да се прашаме: во какви услови работат тие? Какви се реалноста и околностите на болничките одделенија и во здравствените домови? Кога последен пат изградивме болница? Свесни ли сме дека болничките згради се стари повеќе од педесет години, дека некои од нив се изградени дури за време на Втората светска војна? Пред системот стојат многу предизвици, многу голема, напластена и незавршена работа, со која тој ќе треба посветено и бескомпромисно да се справи во блиската иднина. За волја на вистината, праведно е да кажеме дека надлежните државни институции, обвинителството, полицијата, здравството, сите оние што успешно се справуваа со настанатата криза, реагираа брзо и организирано. За пофалба е и нивната решителност да се истера работата докрај.

Затоа и заслужуваат да добијат поддршка, да истраат и да го фатат добриот ветер, кој дува од волјата на народот, па да го насочат бродот на државата во безбедно и сигурно пристаниште. Сега им падна во наследство тие да ја наводенат сувата земја, а потоа и до корен да ја ископаат, да ги искастрат и подврзат кревките ластари на лозјето, кое во иднина сите нас ќе нè награди со добар и обилен плод. Ако постапуваат така, грозјето нема да биде кисело, нема да ги скомина ни нашите заби, а не дај Боже ниту забите на нашите деца.
Нека нè чува Господ сите во праведност и единомислие. Нека им даде мир и спокојство на родителите што предвреме ги погребаа своите чеда. Нека ги насели нивните души во вечните рајски населби. На болните нека им подари брзо закрепнување од повредите и долгорочно и крепко здравје. Нека ја чува и пази нашата татковина Македонија од разни поделби, несреќи и непогоди. Нека го утврди македонскиот народ и сите други народи во секое добро, нека го умудрува секој човек со Своите спасоносни повелби и напатствија.