Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (8)
- Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме осмото продолжение
Има позитивен тренд на зголемување на учеството на учениците во стручното образование (во учебната 2023/2024 година 67,3 отсто од сите ученици во средно образование), но програмите за стручно образование сѐ уште не се препознаваат како прв избор од страна на голем дел од учениците и нивните родители. Ова се должи на несистематската промоција на стручното образование и обука (СОО) како квалитетна и перспективна образовна патека, ограниченото систематско и професионално кариерно советување во основните и средните училишта и на недоволната информираност за можностите за стручното образование. Ова го потврдуваат и двегодишните и тригодишните програми во СОО, кои покажуваат значајна неатрактивност кај учениците. Според податоците за учебната 2024/2025 година, само 19,7 отсто од новозапишаните ученици во стручното образование се определиле за тригодишните програми. Ова значи дека 67 проценти од учениците во средното стручно образование избираат четиригодишни програми, што укажува на ниска перцепција за вредноста и перспективата на пократките образовни патеки. Причините за оваа неатрактивност вклучуваат перцепции за ограничени можности за понатамошно образование, ниска информираност за можностите за вработување, како и перцепција дека овие програми водат кон ниско квалификувани работни места без можности за напредување. За надминување на овој предизвик, потребни се целосна ревизија на содржината и промоција на двегодишните и тригодишните програми, со активно вклучување на индустријата и локалните заедници, јакнење на системите за кариерно насочување, мотивирање на учениците, односно треба да се размислува и во насока на воведување на „чиракувањето“ како дел од дуалното образование, што би било со цел подобро практично оспособување на учениците. ЕУ-пактот за вештини нагласува потреба од повеќе квалификации и флексибилни патеки за учење, но иствремено инсистира на минимум тригодишни програми за да се обезбедат квалитет и можност за надградување.
• Според податоците на Министерството за образование и наука во 2025/2026 година за дуалното образование во Република Македонија, од учениците што се запишале во прва година (69,68 отсто), 3.762 ученици се запишале во дуалното образование. Во 2025 година, од вкупно 41.987 (податоци на МОН) ученици во СОО, 11.744 се во дуално образование, со реализација на учењето преку работа во повеќе од 700 компании. Овој модел овозможува стекнување практични вештини во реална работна средина што значително ја подобрува вработливоста на учениците, а за компаниите дава можност за директна вклученост во креирањето програми и учество во образованието на младите. За потребите на овој модел, беа реализирани обуки за ментори што ќе работат со учениците во компаниите и 1.200 вработени во компаниите се стекнале со сертификат за ментори. Во училиштата, за зајакнување на соработката со компаниите се сертифицирани над 80 координатори за практично образование (податоци од МОН). Учениците што се дел од дуалното образование добиваат финансиски надоместоци за време на практичната обука, што претставува стимул за нивно активно учество и мотивација. Надоместокот варира во зависност од компанијата и бројот на часови. Значи, потребно е дополнително да се развијат механизми и програми за поддршка што ќе ја поттикнат мотивацијата, преку квалитетот на практичното образование, иновативни методи на учење, можности за кариера, вклученоста во атрактивни компании и поддршка на малите и средните компании.
• Со интернационализацијата на СОО, нашата држава е вклучена на платформата „Ворлдскилс Јуроп“ (WorldSkills Europe), најголемата европска платформа за извонредност во вештини и стручно образование. Преку членството во „Ворлдскилс Јуроп“, Македонија станува дел од 34 земји што вложуваат во стручни вештини, младинска едукација и конкурентност на трудовите пазари. Платформата им овозможува на младите да се натпреваруваат на европски и светски нивоа, но и на институциите да го унапредат квалитетот на стручното образование преку размена на искуства, политики и практики. Исто така, учениците од стручното образование и обука можат да бидат ангажирани за сезонска или повремена работа во дозволените сектори (најчесто земјоделство и угостителство) ако ги исполнуваат условите за засновање работен однос според општите прописи, во согласност со новиот Закон за работно ангажирање на лица, усвоен во мај 2025 година, кој ќе се применува од 1 јануари 2026 година.
• Податоците од МОН покажуваат дека има позитивен тренд на раст на бројот на женски ученици во стручното образование, достигнувајќи до 48 отсто во учебната 2024/2025 година. Забележителен е порастот на учество на девојчиња во техничките профили, особено во области како електротехника, машинство и информатика, што се позитивни промени во родовата структура на СОО… Демографските трендови покажуваат стареење на населението и иселување на младите – над 20.000 годишно ја напуштаат земјата – што директно влијае врз бројот на ученици. Иако СОО бележи раст, тоа сѐ уште не е прв избор за многу млади. Родовиот јаз сѐ уште е присутен во некои технички профили, каде што само 12 отсто од учениците се девојчиња. Младинската невработеност изнесува 23,6 проценти, а НЕЕТ-популацијата (млади што не се во образование, вработување или обука) надминува 20 отсто, што е значително над европскиот просек.
• И покрај одредени мерки за поддршка, инклузијата на ранливи групи во СОО останува ограничена. Особено се забележува ограничен пристап за ученици од рурални средини, поради географски, економски и инфраструктурни бариери, недоволна интеграција на ученици од ромската заедница и покрај постојните програми за поддршка и стипендирање. Според резултатите од консултативниот прашалник за подготовка на Националната стратегија за образование 2026-2032, на прашањето „Како може да се подобри пристапот до квалитетно стручно образование, особено за ученици од рурални и маргинализирани средини?“ испитаниците најчесто предложиле: финансиска поддршка (стипендии, превоз, оброци) – 31 отсто, обезбедување бесплатен интернет и технолошка опрема за учениците – 15 отсто, како и менторство и индивидуализирана поддршка – 14 отсто. Овие наоди укажуваат на потребата од системски мерки што ќе ги намалат економските и инфраструктурните бариери, ќе обезбедат дигитална инклузија и ќе поттикнат развој на програма за психо-социјална и академска поддршка. Кога станува збор за учениците со попреченост, непостоењето на механизам за соодветна поддршка на учениците при изведувањето на практичната настава, вклученоста, но и достапноста на СОО се уште еден предизвик на кој овој нацрт на стратегијата треба да даде одговор.
Преку програмата „Еразмус+“, над 1.200 ученици и наставници учествувале во мобилноста во 2024 година, а Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) финансирал седум проекти за модернизација на опрема и наставни програми. Сето ова придонесува кон зголемување на квалитетот и релевантноста на образованието. Иако МОН со поддршка од Светската банката (Проектот за поддршка на развојот на вештини и иновации) и проекти финансирани од ЕУ овозможи опремување на многу стручни училишта, инфраструктурата е недоволна – 40 отсто од училишта немаат лаборатории или работилници или опремата е постара од една деценија. Застарената техничка опрема, недоволно функционалните работилници и ограничените материјални ресурси директно влијаат врз квалитетот на практичната настава, можноста за реална симулација на работни процеси и усогласеноста со современите технолошки стандарди и барања на пазарот на трудот.
Од подготвувачите на нацртот на Националната стратегија за образование (НСО) 2026-2032, на 10 септември 2025 година, бил отворен онлајн прашалник за консултации. Прашалникот бил достапен за сите засегнати страни – наставен кадар, ученици, родители/старатели, стручни служби, институции, работодавци, бизнис-здруженија и невладин сектор – со цел обезбедување транспарентност и инклузивност во процесот на креирање на стратегијата. Пристигнале 2.730 сугестии, кои претставуваат значаен придонес за подобрување на квалитетот на образовните политики. Анализата на одговорите покажала дека најчесто истакнати приоритети се: подобра опременост на училиштата и работилниците – 16 отсто, модерни и практични наставни програми – 20 отсто, повеќе практична настава и учење преку работа (дуално образование) – 21 отсто. Резултатите укажуваат на силна потреба од инвестиции во инфраструктурата, ревизија на наставните програми и засилување на моделите за учење преку работа, како клучни предуслови за модернизација на образовниот систем и зголемување на неговата релевантност.
Што се констатира?
Се констатира дека процентот на општообразовни и стручни предмети во Стручното образование и обука доминира теоретската настава и е над 60 отсто, а во исто време поголемиот број процедури го отежнуваат брзото приспособување на програмите со потребите на пазарот на трудот. Карактеристично е и тоа што во системот на СОО се соочуваат со ограничени можности за континуирано професионално усовршување, особено во области што се клучни за модерното работно опкружување, како што се дигиталните технологии и зелените вештини. Така, само 35 проценти од наставниците имаат обука за дигитални вештини, а помалку од 20 проценти се обучени за зелени технологии. Во Македонија недостига функционален систем за сертификација и акредитација на ментори, што го отежнува нивното формално признавање и интеграција во процесот на учење преку работа. Ова влијае на квалитетот на практичната обука во компаниите, мотивираноста на индустриските партнери да се вклучат во образовниот процес, како и усогласеноста со европските стандарди за обука на обучувачи и ментори во компаниите. За надминување на овие предизвици, потребно е да се воспостават национални програми за обука, дообука, поддршка и сертификација на ментори, стимулативни механизми за професионален развој на наставници, како и партнерства меѓу индустријата и високообразовни институции за трансфер на знаење и вештини.
• Воведување на системот за следење на резултатите и исходите – ЕМИСВЕТ, кој е во пилот-фаза во 15 училишта, со планирана национална имплементација до крајот на 2026 година. Оваа платформа, како дел од дигиталната трансформација на СОО, има цел да обезбеди системско следење на податоците за ученици, наставници, компании и за процесот на практична обука. Без функционален систем за податоци, тешко е да се планира, да се евалуира и да се подобрува образовната политика, што го прави ЕМИСВЕТ – клучен инструмент за управување со квалитетот.
Човечките ресурси во Центарот за развој на стручното образование и обуки
Неповолна е состојбата со човечки ресурси во Центарот за развој на СОО, што сериозно влијае на обезбедувањето и контролата на квалитетот во стручното образование. Оваа слабост ја нагласува потребата за следење и подобрување на програмите. Треба да се напомени дека од страна на подготвувачите на Националната стратегија за образование 2026-2032, на прашањето „Кои механизми треба да се вклучат за да се обезбедат квалитет и релевантност на стручните програми?“, испитаниците најчесто предложиле: редовна настава и повратни информации од ученици – 15 отсто, засилена практична настава 17 отсто, и учење преку работа (дуално образование) – 18 отсто. Овие наоди потврдуваат дека квалитетот на програмите не зависи само од нивната содржина туку и од динамични механизми за континуирано следење, активна вклученост на учениците и интеграција на реални работни искуства во наставниот процес. И покрај сѐ, СОО останува надежен механизам за трансформација. Со вистински инвестиции, со јасна визија и со ангажман на сите засегнати страни, СОО може да стане прв избор за младите и да биде патот кон достоинствена работа, личен развој и економска стабилност.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор
продолжува






























