Што би му кажал на Мицкоски

Да имам, а немам, некој пријател од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ би му кажал некои искуства од моето педесетгодишно професионално новинарско занимање. Да сум му искрен пријател, а не сум му ни познаник на Христијан Мицкоски, претседателот на Владата и партијата, исто така би му рекол некои работи што тие околу него не можат, не смеат или се плашат да му ги кажат од ред причини. Со некои добронамерни укажувања не претендирам на поголем памет туку на искуствени сознанија стекнати од следењето на политичкиот живот во Македонија, директно и индиректно, посредно и непосредно. Поточно во две различни Македонии – минатата социјалистичка и сегашнава капиталистичка што се одзива на името Северна Република Македонија.
Она што сакам да го речам се однесува на криминалот и корупцијата во нашата држава и за најавената борба за нивно намалување, ако веќе не може да стане збор за елиминирање. Моето основно сознание е: ако ВМРО–ДПМНЕ не го совлада криминалот, криминалот ќе го совлада ВМРО-ДПМНЕ. Ако Мицкоски не го победи криминалот, криминалот ќе го победи Мицкоски. И ќе го урне како што ги урна тројцата претседатели на влади, негови претходници.
Треба, барем на почетокот на мандатот, да му се верува на Мицкоски дека борбата со криминалот и корупцијата ќе биде одлучна, силна и бескомпромисна. Сосема е точно дека без да победи во таа борба Македонија не може да биде нормална и развиена држава, не може да има подобри услови и подобар стандард на граѓаните. Тие императиви, таквите ветувања претседателот на ВМРО, како водач на тогаш опозициска партија ги форсираше во изборната кампања. Несомнено дека тој пропаганден ориентир даде плод. Поставувајќи го како еден од главните столбови во свеста на гласачите му ја донесе убедливата победа. По освојувањето на власта борбата против криминалното и коруптивно зло ја вклучи во објавените десет принципи врз кои ќе се засноваат владината политика и неговото лидерство.
Премиерот и неговите ресорни министри уште неседнати во кабинетите зборуваа за криминали од епски размери. Како што е познато, епот е литературна творба во стихови во која се опишани нечии херојски дела или значајни историски настани. Аналогијата би нѐ водела кон „хероите“ на македонскиот епски криминал и нивно изведување пред лицето на правдата. Во спротивно, ако почне нивно прикривање, амнестирање и договарање заради „виши интереси“, наводниот епски криминал би останал во дел од митовите, легендите, народните приказни и од кажување на врапците.

Таков стил на пресметка со криминалот и корупцијата ветуваше и претходникот Зоран Заев. Да не заборавиме, тој, меѓу другото, ветуваше поставување дигитално броило на кое ќе бидат објавувани вратените пари што ги краделе тие пред него, од владата на Груевски. Никој жив не го виде броилото на Триумфалната капија во Скопје, ниту пак некој од криминалците ги врати парите. Груевски е азилант во Унгарија, а Заев го гледаат во Струмица, загубен меѓу совеста и неизвесноста. И двајцата ја почнаа премиерската функција блескаво, но ја завршија несреќно и неславно.
Веќе е познато дека по поминати сто дена, Владата не стигна до дувлото, не допре до центарот на големите финансиски злоупотреби, не чачна ништо од епските криминали. Стоте дена се навистина малку време, но во нив наместо афери и скандали, видовме и гледаме фестивал на министерски и директорски ниски страсти, на малограѓански оговарања, на ситни кодошења, на антиевропски постапки, кои се далеку од законите и принципите на добро владеење.
Ако има некој искрен пријател до Мицкоски, ќе му каже дека не може да бидат епски криминал хулахопките на министерката за култура и меракот да спие во хотелска соба за 300 евра. Купувале и ќе купуваат министрите и други овластени со државни картички бидејќи тоа е одлука на самата влада. Како што имаат дипломатски пасоши така имаат и картички. Друго е да се има контрола дали се прекршуваат дозволените лимити. Ова сигурно не се криминали од таканаречените епски размери, овие припаѓаат на хаику-поезија.
Некој од ВМРО објави дека Пендаровски рекол, па одрекол околу канцеларијата. И Маричиќ сакал да се вози со авион до Ниш, ама не се возел. Што е тука незаконски? Што е нелегално? Можеби е неморално, но не е нелегално. Зошто поранешниот претседател се става на столбот на срамот кога законски му е овозможено да има кабинет и неколкумина вработени и е оправдано да го бара тоа и да го добие. При ваквите објави е забележливо дека владините и партиските претставници само навестуваат, прашуваат, а ништо не докажуваат. Власта не е да прашува, да инсинуира и да наклеветува, власта е избрана да решава!
Граѓаните очекуваат нешто друго, поинакво, не наседнуваат веќе на наивни приказни и цинични трачеви. Чекаат ветувањата да бидат исполнети. Не мора да им се држат лекции за вештачка интелигенција кога имаат природна што некој сака отворено да им ја повредува, потценува и злоупотребува. Очекуваат да бидат откриени и процесирани големите криминали, перењето пари, оштетувањата на државниот буџет, да има докажување на индициите за „милиони што ги вртеле членови на СДСМ и на ДУИ“, вклучувајќи ги и нивните тендерашки ортаци. Чекаат одговори за милијардите потрошени за недовршени или непочнати патишта, за аферите со лотарија и игрите на среќа, за давање државни земјишта без или за малку пари.
Ништо ќе нема од бизнисот ако не се расчујат криминалите и корупцијата во правосудниот систем, кај судиите, обвинителите, кај ДДВ-то, во болниците, кај административните дејности во кои има луѓе што не одат на работа ако немаат во план да земат мито. И кај градоначалниците, секако. Освен за поранешните, клучно ќе биде како власта ќе се однесува со криминалот во сопствените редови, со сегашните на високи и на ниски позиции. Не ќе може Мицкоски да ги чисти туѓите дворови ако сопствениот му биде извалкан.

Ако не добијат епилог тие и многу други афери за кои знаат и врапчињата, тешко ѝ се пишува на Владата, уште потешко на Македонија како општество и како држава. А уличните врапци пеат дека имало сигнали за наводни средби на власта со Али Ахмети и со Зоран Заев за евентуални договори околу отворање или затворање крупни криминогени дела што се случувале во периодот кога двајцата биле коалициска власт. На премиерот ќе треба некој искрен пријател да му обрне внимание дека доколку таквите врапчешки гласови се блиску до вистината тогаш вистината сѐ повеќе ќе бега од премиерот.
За крај да повторам нешто што напишав на почетокот: ако ВМРО-ДПМНЕ не го совлада криминалот, криминалот ќе го совлада ВМРО-ДПМНЕ. Ако Мицкоски не го победи криминалот, криминалот ќе го победи Мицкоски…


Решителна порака на премиерот на Македонија при посетата на Фондот за здравство:

Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава, само се изживуваат со нас!

„Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава. Само се изживуваат со нас“, рече Христијан Мицкоски при посетата на Фондот за здравство во разговорот со новинарите.
– Се испраќа лоша порака кон македонските граѓани затоа што како држава имаме поминато многу откако го почнавме патот кон полноправно членство во ЕУ. Многу работи кои никој не ги направил, а ние ги направивме, а немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Го делам впечатокот со огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не, благодарам. Тоа не се европски вредности – рече Мицкоски.

[email protected]