Нема држава во светот, нема владејачки систем, нема режим во кој не дејствува петтата колона. Самиот збор „колона“ не претставува нешто значајно и битно, најмалку нешто опасно. Описно, колона е редица од луѓе, животни, предмети, автомобили што се движат еден по друг во долга истегната линија, или војници и полицајци во движење, еден по друг, на определено растојание. Но ако таа е петта колона, тогаш станува збор за нешто сосема друго.
Според речници и енциклопедии, со „петта колона“ се именува организација или организирана група луѓе, движење или партија, што работат, што дејствуваат однатре во некоја држава, законски и незаконски, во полза на непријателот. Тоа обично се прави преку пропаганда, шпионажа, давање искривиколчени информации, преку саботажи или разни диверзии (не мора само физички), со цел да слабеат одбранбената моќ и единството на државата. Со тој израз се именуваат соработници на странски служби и платеници што работат против својата земја, не само на воено-политички туку и на економски и на секој друг план. Петтоколонашите најчесто се прикриени непријатели во сопствените редови, таканаречени внатрешни непријатели.
Според ревносните проследувачи, петтоколонаштвото денес има целосно нов облик. Политиколози, социолози, филозофи, правници и експерти од други струки од некои земји во последнава деценија сѐ повеќе зборуваат за таканаречената „шеста колона“, која ја оценуваат за многу полукава ѕверка. Ако петтата колона ја сочинувале главно полуилегалци или илегалци, во шестата се лица што дејствуваат на јавна сцена. Нејзините современи припадници работат не за интереси или поинакви визии за иднината на својата земјата, не поради различни идеолошки убедувања, туку за пари или за трошки поданичка власт, обично за политичка агенда на странски држави.
Во најново време некои земји таквите активности ги именуваат како активности на „длабоката држава“.Тој термин сега на големо се употребува во Соединетите Американски Држави од новиот претседател Доналд Трамп, директно обвинувајќи ја претходната администрација, вклучувајќи ги и активностите на фондациите на Џорџ Сорос и на УСАИД. Не е исклучено во процесот на преиспитување на нивното учество во длабоката држава да биде допрена и Македонија, каде што без сомнение може да се најдат такви политички врски и материјални сведоштва.
Шестата колона не се граѓани што само различно мислат туку имаат и најлоши намери. Оправданото растечко незадоволство од општествените и економските состојби тие го користат за предизвикување метеж, работат на измени на уставниот поредок или на подривање на легалните власти, работат на фалсификување избори, придонесуваат за затрујување на атмосферата во државата. Под знамето на демократијата и слободата на говорот внесуваат збрки, подготвуваат пучеви и применуваат разни други форми на политичко и економско разнебитување на сопствената држава.
Шестоколонашите не се класични предавници на државата и нацијата, како што на традиционален начин се опишани петтоколонашите, во учебниците и енциклопедиите. Оние од шестата колона се јавни личности, водачи на невладини организации, на фондови и фондации снабдувани со странски пари, кои работите ги вршат многу посуптилно и поинтелигентно. Според толкувачите, идеологијата на шестата колона е ништење на сѐ што е национално, нејзините припадници националното го сметаат за примитивно, го напаѓаат патриотизмот и се срамат од него.
Велат дека петтата колона е одамна прочитана книга. Шестата не е. Неа ја сметаат многу поопасна затоа што изигрува режимска жртва, се жали на онеправданост, на задушување на човековите слободи и права. Притоа игра дволично и дрско, не ѝ е туѓа ниту една лага, ниту еден спин. Ако петтата колона во принцип е илегална, полускриена и непознаница, шестата е јавна, настапува отворено, обилно ги користи медиумите.
Таа, меѓу другото, се организира и во таканаречениот цивилен печат, обилно финансиран од странски пари, како и во многуте електронски весници и телевизии, исто така помагани од разни странски фондации, наводно загрижени за демократијата и слободата на медиумите во соодветни земји. Во таквите услови има доста луѓе што се избирани, има и кои самите се нудат, да бидат меѓу јавачите што застануваат на нејзино чело. Се разбира, за многу добри пари. Накратко: шестата колона ја споредуваат со змија во пазувите на државата.
Ете така пишува во речниците, енциклопедиите и во некои нови анализи и студии правени во одредени држави, особено во поранешните југословенски републики, кои, од разни причини, но и поради дејствувањето на петтата и шестата колона, долго време се во транзиција и никако не може да застанат на нозе. Во тие земји, секако, спаѓа и Македонија, поточно уште една од поранешните југословенски републики.
Поимот „петта колона“, како што споменавме на почетокот, е воен термин. Самиот израз потекнува од Шпанската граѓанска војна, а прв го употребил генералот Емилио Молана, кој му служел на диктаторот Франциско Франко. Генералот објаснувал дека Мадрид ќе го заземе со четири вооружени колони што се наоѓале околу градот, но со голема помош на петтата колона, која ја сочинувале симпатизерите на Франко во самиот главен град.
„Имам четири колони што се движат кон Мадрид, а петтата е во градот и само чека сигнал да ни се придружи“, наводно рекол Молана.
Во текот на Втората светска војна петта колона биле нарекувани оние што соработувале со окупаторот и оние што, дејствувајќи однатре, ја подривале одбраната на сопствената земја. И во македонската историја за време на окупацијата и по ослободувањето, соработниците на бугарскиот фашистички окупатор, меѓу другото, биле именувани како петтоколонаши.