Сенки

Вредности

Одиш во Париз и сакаш да ја одмолчиш радоста со некого… Не сметаш дека си особено приврзан кон местото и никогаш не си претерувал во восхитот при опишувањето на Градот на Светлината и уметноста и љубовта и така натаму и така натаму. Но ќе ти се случат необични појави и навистина е полезно навреме да бидат опишани. Ќе ја видиш Хулиа, ќе ја видиш Кармен,ќе го видиш Рафаел и Михелангел, ќе го видиш Пако, ќе ја видиш истата средба на истото место, и сето тоа ќе се случува непосредно, веднаш пред тебе: истите силни мириси, сјајни очи, коси?!
Ќе ти пречи непрецизната фокусна оддалеченост во погледите…
Не преземај ништо!!!
Обиди се да ја задржиш возбудата до полезна граница…
Потоа… еднаш, некогаш, додека ја исполнуваш секојдневноста поради која те испратија таму, разранувајќи ја дланката од една сецесиска ограда, од капиларите ќе ти бликне одговорот: Времето воопшто не застанало и нема фантоми.
Градот само го одзрачува хармоничниот допир на просторот со почит одгледуван низ времето – истите врски, облици, густини и волумени предизвикуваат исти собори, односи, дружења, движења и присутност кај минувачите, жителите, граѓаните и посетителите.
И кога сето тоа го набљудуваш низ призмата на твојата сенка на младоста, која кристализира кон асимптотско совршенство, станува многу јасен напливот на моќни чувства што возвишуваат до треперлива состојба.
Церебрална екстаза.

Се случува при слични навраќања во веќе доживеани простори.
Археолошки ископ во сегашноста… присуство на Ноуменот…
Нејасно е дали има технологија за напорот што следува.
Треба да се пречекори прагот на соништата.
21-22.12.1982

Одиш во Битола. Повеќекратно си врзан за местото и понекогаш претеруваш и така натаму и така натаму. Со години врвиш по патот за Охрид и онаму кај Црн Мост, туку ќе се појави ридот. Германски гробишта. Вознемирува… Чуму му е на архитектот криењето на врвот со кружна камена ѕидина?! Во 100 отсто избор на архитектонски решенија за градби на врв на возвишенија, проектантите одбираат нагласување на врвот со вертикала… Овој (кој ли е овој) го пресекол со дебела ламела! А да се качиш веќе еднаш!? Види… можеби ќе стане јасно.
Во подножјето на ридот нема проектирана патека! Тешко може да се открие и некоја козја! Како може да се дозволи ваков проект? Сепак, ене една. Се качуваш по стрмнината, природно погледот е ограничен на косата козја врвица. Кога зазбивтан стасуваш на врвот, додека го нормализираш дишењето, погледнуваш наоколу и се вџашуваш: Го нема никаде кружниот ѕид!!! Питома ледина и на јужната страна изѕидана камена порта, закосена како трапез, идентична на портите од времето на древниот Имхотеп?! Да не си се искачил на некој соседен рид следејќи ја козјата врвица низ високите грмушки? Види, на порталот има отвор, прилега како да е димензиониран за куче или за џуџе?! Приближи се. Оптичка измама: вратата е мала 80/210, како за спална соба, но функционална за посета, богато изведена во флорални мотиви, мајсторски изведби во ковано железо. Нема рачка! Како да се влезе… Рано е наутро, на небото редовно јато цируси и синило, звукот на ’рѓосаните шарки го вознемири заспаниот град… Скриј се во внатрешноста, спокој од сив гранит, монолит од сив гранит 1914-1918 и некаква музика, длабинска, молитвена, фагот, контрафагот, хорна, контрабас, оргули, пасија…
Од каде? Како? Во оваа резонантна кутија не е предвидено вештачко осветлување… и градското собрание немало потреба да постави кабел за електрично напојување. Во оваа просторија има само по три пушкарници на обата ѕида во правец на Драгоро и поставени се високо над 6 метри од подот? Како писки на кларинет…
На јужната страна има порта. Светлина…
Излегуваш надвор: Се наоѓаш во кружниот ѕид!!! Сепак си на вистинскиот рид!
Спокој. Во совршенството на кругот – градина од само една смрека која бавно ползи, замрзната во растењето. Одвнатре ѕидовите на градината се толку високи што не може да се види ни врвот на Баба. Те привлекува стадото цируси. Застануваш, набљудуваш… Одеднаш оваа арка запловува. Морето на небото е вознемирено. Облаците пловат кон исток. Земјотрес!? Или церебрална екстаза… Се случува при слични навраќања во веќе доживеани простори. Ќе треба да се пречекори прагот на соништата… 23-24.12.1978
..и сега, кога ќе погледнам од страна, си мислам: Види што излезе, а само сакав да не останам покусо од она мало множество Македонци што напати се револтираат кога исчезнуваат археолошките локалитети во име на „посветлата иднина“ и „добрососедските односи“.
И мислам: Што вредат и ЕУ и НАТО ако немаш минато…