Настани, симболи, алузии
Ликовниот уметник Ставре (Крсте) Димитров, познат по акронимот Стадим, не пропушта да ми се јави на секој црковен или државен празник. Мал или голем, сеедно. Често, преку Вибер, и во обични денови ми праќа пријатни утрински пораки или универзални мудрости проследени со акварели или фотографии со разни мотиви. Последната беше со бујно цвеќе во заднина и со животен совет што гласи: „Во секој нов ден најди причина за радост и насмевки. Добро утро!“
Во овој случај, а не е само овој, прашањето е дали Стадим ми е пријател, другар, колега, комшија, познаник или случаен почитувач што ги чита моите текстови? Зашто такво нешто може да очекуваш само од некој што навистина ти е близок по чувство, а ниту ти е род, ниту сват, ниту пак некој со кого разменуваш секојдневни пораки, паметни, духовити или простачко глупави.
А кој е Стадим и од каде потекнува таа вибер-врска? Ставре Димитров е успешен академски сликар, со цела ризница од дела. Роден е во 1941 година во селото Росен, Леринско, Грција. Селото сега го носи името Ситарија. Од 1955 година, живеел во Ташкент, Узбекистан, каде што во 1972 година завршил Академија за ликовна уметност. Член е на Здружението на ликовни уметници на Узбекистан и почесен член на Академијата на науки и ликовни уметности на Узбекистан. Член е на ДЛУМ од 1986 година. Самостојни изложби имал во: Рига, Талин, Омск, Ташкент, а учествувал на голем број групни изложби, колонии и манифестации. Акварели, портрети (ги има насликано сите архиепископи на МПЦ), големи платна во возобновената куќа на Христо Татарчев во Ресен. Сликари му се сопругата, синот, внуката и внукот, не случајно ја добиле почеста да ги препознаваат како припадници на „династијата Стадим“.
Како се запознавме? Во средината на седумдесеттите години од минатиот век, точно по дваесет години поминати во СССР, неговата втора татковина, Ставре се врати во Република Македонија. Го примија на работа во весникот „Нова Македонија“ на местото технички уредник, кое е резервирано за ликовни уметници и графичари. Тој од Росен, јас од Ресен, најверојатно таа асоцијација беше еден од елементите на каква-таква послободна комуникација. Јас млад љубопитен новинар, тој дете бегалец од Граѓанската војна во Грција и дојденец од Советскиот Сојуз, моќна земја, две теми, две истории и географии што нудеа обилност на заинтересираност. И за воспоставување некаква блискост што трае до денес, без да имаме односи на меѓусебно „давање-земање“.
Стадим е дел од историјата на весникот „Нова Македонија“. Заедно со Фиљо Чолакоски и Зоран Лазаревски како технички, ликовно-графички уредници, имаат планирано илјадници броеви, неброени страници, разни прилози, додатоци и слични содржини во весникот.
Суштинското прашање е дали Стадим и јас, што се познаваме долго, сме пријатели, особено што тој ми праќа убави пораки, а јас се јавувам главно говорно? Одговорот би бил уште поинтересен ако се знае дека ние двајца не сме се виделе, лице в лице, долги години. Ќе се препознаеме сигурно иако Стадим е цели седум години постар од мене. Ако се гледа по фотографиите, засега, добро се одржуваме и двајцата, иако надворешниот изглед понекогаш може да дава лажна слика.
Значи, треба да се објасни што е всушност пријателството! Уште од дамнина многубројни филозофи настојувале да го дефинираат тој поим, таа состојба на духот. Според дефиницијата на Википедија, „пријателството е позитивен однос меѓу двајца или меѓу повеќе луѓе што чувствуваат меѓусебна симпатија и доверба“. Во Речникот на македонскиот јазик пријателство е „заемен однос на љубов, почит и доверба“.
Но дали секогаш оние што се блиску до нас или околу нас се навистина наши пријатели или само се преправаат дека ни се? Дали ни се пријатели оние со кои сме опкружени секојдневно? Во голем број случаи излегува дека не се. Според некои толкувања, има три вида пријателства: од дружељубивост, од доброљубивост и од користољубивост. Многумина знаат дека луѓето ги врзуваат интересите, но кај што има интереси, ретко има искрени пријателства. Пријателството постои само меѓу чесни луѓе, така говореле филозофите што и ден-денес се цитирани во многу книги.
Низ вековите многу поети пееле за пријателството кревајќи го на височина рамна со страсната љубов, голем број филозофи пишувале книги за да ја откријат тајната за зближување меѓу луѓето.
Античките филозофи и поети кажувале дека нашиот непријател не е најопасниот противник. Вистински непријатели често се оние што ни се преправаат дека ни се верни пријатели. Лажниот пријател е најлошиот и најопасен човек во нашата околина. Тој е поподол и поопасен бидејќи ги знае и полесно ни ги наоѓа слабите точки и се служи со нашите слабости, а не со неговата сила. Од непријателот понекогаш можеш да направиш добар другар, но од лажниот пријател не е можно да се направи искрен пријател. Питагора е првиот што рекол дека нашиот пријател е нашето второ јас и дека пријателството ги зближува не само луѓето туку и општеството, државата, чиновништвото, војската, сите раси и народи. Иронијата е што и покрај многуте пријатели, на крајот од животот умрел во сиромаштија, гладен, осамен и заборавен.
Аристотел, учителот на Александар Македонски, и самиот развил теорија за пријателството и за тоа дека човекот е општествено животно што не може да живее без дружење со други луѓе. Сепак, запаметена е една негова максима со која почнувал многу говори. Таа гласи: „Драги мои пријатели, знајте дека не постои пријател на светот“.
Сенека, политичкиот советник на лудиот цар Нерон, сметал дека пријателствата се неопходни во животот, но вистинските пријателства се ретки. Некој друг, песимистички настроен, пресметал дека на светот има добри луѓе и пријатели само толку колку да се наполни еден брод. Не повеќе. Позната е фразата „Секој овчар знае колку кози и овци има, но човекот никогаш не може да знае колку пријатели или непријатели има“.
Римските хроничари уште своевремено оцениле дека на колку поголеми функции се наоѓаат луѓето, толку поголеми се нивните непријателства и дека политичарите кога ќе дојдат на власт најпрвин ги изневеруваат луѓето што дотогаш им биле блиски пријатели.
Уште од пред Христа е познато дека пријателството меѓу луѓето тешко се одржува и тешко трае до крајот на животот. За разидување меѓу двајца пријатели и тогаш и денес е доволно тие да се поделат во разни политички кланови и партии, за кралот или против него, кој е во право за нешто, кој е во криво. Но, сепак, како најголема опасност по пријателството се парите и славата. Човек може да се лути, може и да се одлути, пријателот некогаш простува, ама парата и славата не простуваат.
И така дојдовме до крајот. Со Стадим ни трае пријателството затоа што сме немале што еден на друг да си згрешиме, што не сме собирале или делеле, не сме биле конкуренција на работа, не сме се здружиле да го уриваме кралот, не сме си рекле ниту збор што личи на навреда, ниту пак сме имале однос на претпоставен и подреден. Можеби и затоа што не сум му направил нешто добро, некоја голема помош или услуга. Во психологијата е позната препораката човек повеќе да се чува од оние на кои им направил нешто добро одошто од оние со кои не бил во добри односи.