Секој човек си има свој ангел, а не е и без ѓавол

Ако случајно или со намера во Речникот на македонскиот јазик ги побарате зборовите ангел и ѓавол, ќе се уверите дека објаснувањето и толкувањето за ангелите е мошне скудно, а за ѓаволите доста поопширно, со грст народни поговорки. Ако се суди само по тој факт, може да се заклучи дека во македонската говорна традиција, како и во игрите со судбината на македонскиот народ, поголемо влијание имале ѓаволите отколку ангелите. Поговорката „ѓаволот ни ора ни копа само на зло мисли и ги учи луѓето да се караат‘‘ како да станува национален амблем за означување на состојбите што овој народ ги поминал низ историјата.
Како да им е влезен некој ѓавол на политичари, на партии, на народи и народности, на професори, на доктори, на судии и обвинители, на сликари и музичари, на комшии, како да се пикнал некој ѓавол меѓу другари, роднини, браќа и сестри. Реченицата „не сме ние ангели“ често може да се чуе во говори на некои од лидерите кога сакаат да си ги оправдаат сопствените грешки, но никој досега не ја употребил фразата „не сме ние ѓаволи“, од страв да не си ја признае вистината. Што се однесува до нас, Македонците, може да речеме дека ние не сме ѓаволи, ама си ја имаме поговорката „сиромав човек, жив ѓавол“.

Во сите големи религии, но и во сите суеверија, се зборува за ангели и ѓаволи. Илјадници приказни усно раскажани или напишани, од најстари времиња до денес. Ангелите се претставени, главно, како натприродни и бестелесни суштества со лебедови крилја, кои не јадат и не пијат, насликани со сончеви ореоли околу главите. Во потеклото на самиот збор, ангелот примарно е гласник (оној што носи вест, порака), а истовремено има значење и на чувар, заштитник, спасител. Позната е и изреката „не убивајте го гласникот и кога носи лоши вести“, што во „превод“ значи: справете се со тој што тие лоши вести ги создава, а не со тој што ги соопштува.
Во христијанството има повеќе теории за бројот на ангелите. Иако останува непознат, сепак станува збор за големи бројки, кои одат до збирот од множењето на десет илјади пати по десет илјади пати. Според една теорија, колку што има луѓе на светот толку има и ангели. По тие верувања секој жив човек има по еден свој ангел заштитник, учител и чувар, кој го следи низ животот и управува со неговите дела. Според друга теорија, колку што има ѕвезди на небото толку има ангели.
Ако се прифати како точно тврдењето дека зад секој човек стои по еден ангел, иронијата е во тоа што човекот најчесто не го препознава него, иако му е во близината, се вртка околу него, пред него или зад него, но не знае кога и како да му се обрати за помош, поради што му се случува несреќа или лоша судбина.
Во православните цркви и манастири ангелите може да се видат насликани на фреските и на иконите, по чие сликарство Македонија е позната во светот. Според небесната хиерархија, односно според големината и значењето на функциите и титулите, се делат на серафими, херувими, архангели и други, да не ги редиме другите помалку познати и помалку застапени во нашата вера.

Од седумте ангели архангели кај нас, најголема почит уживаат архангел Михаил, кого го нарекуваат нивни поглавар (началник и војвода), Гаврил и Рафаил. Тие најчесто се слават како заштитници и патрони на држави, на градови, села и семејства, а обемно се користат и како лични имиња или изведени презимиња. Во „цивилниот“ дел на Македонија најраширен е ликот на архангел Гаврил „позајмен“ од фреска во црквата „Свети Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново. Тој е доминантен симбол на книжната пара од 50 денари. Гаврил е гласникот што ѝ ја соопштил благата вест на Дева Марија дека ќе затрудни и ќе го роди Исус.
Спротивно од белиот ангел е црниот ѓавол, чија фама исто така живее во сите религии и во многу народни верувања. Како што зад секој човек стои еден ангел така од другата страна стои еден ѓавол. Ѓаволот излегува од пеколот каде што живее, тој е олицетворение на злото, тој е оној зол дух што во приказните им ги носи сите несреќи на луѓето. Не секое зло доаѓа од ѓаволот, но без него ќе го нема злото.
Според некои теории, ѓаволот всушност бил вреден ангел, но незадоволен од статусот што го имал во хиерархијата, поради што не бил унапреден во повисок чин, станал злобно суштество што се побунило против системот и водачот. Поради бунтовноста и лошите постапки, бил избркан од рајот во пеколот. Опишуван е со повеќе имиња: Сатана (сотона) што значи „противник“, Ѓавол што значи „клеветник“, Змија што во библиска смисла значи „измамник“, а познат е по називите враг, натемаго, искушувач, лажливец, демон, лукавиот, Нечастивиот, Асмодеј, Белзебуб, Луцифер, Мефистофел. Во исламот се нарекува Иблис или Шејтан, дјал, чорт, враг, бес.

Македонскиот збор ѓавол, односно дјавол, веројатно потекнува од грчкиот збор „диаволос“, со примарно значење на клеветник, оној што ги наклеветува другите околу себе. Тој им се противи и лажно ги обвинува луѓето што не му служат нему. Ѓаволот ги симболизира сите сили што ја нарушуваат, затемнуваат, ја ослабуваат свеста на човекот и ја туркаат кон непознатото и неизвесното. Неговата улога е да го лиши човекот од добрите дела, да го потчини под своја власт, да му ги „скрши крилјата“ и да го остави без сила кога сака да оствари некое дело, да постигне некој успех.

Во народното верување ѓаволот се појавува во различни облици, кои варираат од човечка форма до некое реално или имагинарно животно. Она што е најважно и на што предупредуваат теолозите е што ѓаволот е симбол на злото и тогаш кога е облечен како пристоен господин и шета меѓу луѓето, затоа тешко се препознава. Велат, не е битен изгледот, зашто ѓаволот е хермафродит, што значи и маж и жена, ѓавол и ѓаволица, и џентлемен и џелат истовремено, во зависност од потребата. Не е случајна поговорката „да не влезе ѓаволот во човекот“.
Верувањето дека се крие во човечкото лице и тело си нашло свое место и во поговорки што кажуваат дека „ѓаолот и во чоек се препраат коа да сакат“ или „ѓаволот стига насекаде, ѓаволот не спијат, ѓаволот е многу јак, шета по ден и мрак, не се смее ниту сонце кога грее, ѓаволот пријател нема, ако се добериш друго ти спрема‘‘. Во таа смисла позната е и поговорката „кој со ѓаволот тикви сади, од глава му се удираат, главата ја губи“.

Тој како внесувач на неслога, работите ги враќа кон безредие, поделба и распаѓање, не само на физички туку и на морален план. Од тие причини, најверојатно, произлегла и поговорката „ѓаолот ни орат ни копат, само гледат пакост да напрајт, само ги учит луѓето да се нејќат, само љуѓе скарвит“.

[email protected]