Жозеп Борел
Во јули 1995 година беше напишано едно од најтемните поглавја на модерната европска историја. Над 8.300 момчиња и мажи беа систематски убиени и закопани во масовни гробници во ридовите околу градот Сребреница. Денес, 29 години подоцна, 14 од тие жртви, кои неодамна беа идентификувани, ќе бидат погребани во спомен-гробницата Сребреница-Поточари. За нивните семејства и најблиските, долгиот и болен период на неизвесност конечно завршува.
Сребреница останува длабока лузна во историјата на Европа. Неуспехот да се спречи овој геноцид е товар што продолжуваме да го носиме. И Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата недвосмислено го дефинираа ова злосторство како геноцид.
Ветивме дека никогаш нема да ги заборавиме – ниту жртвите ниту вечната болка на нивните семејства и нивните најблиски. Сеќавањето на нив нè тера да работиме секој ден за да се осигуриме дека во свет во кој мирот е сè покревок, историјата нема да се повтори. Со прогласувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година, Генералното собрание на Обединетите нации го издигна значењето на оваа трагедија и надвор од Европа.
Сепак, вознемирувачката тенденција за негирање опстојува во Босна и Херцеговина и во целиот регион. Секое негирање на овој геноцид е длабока навреда за правдата и пречка за помирување. ЕУ има јасен став: не може да има место за негирање геноцид, за историски ревизионизам или за величање воени злосторници во општества што ги ценат вистината и правдата.
Помирувањето е одговорност на сите. Тоа не е апстрактна цел: тоа мора да биде секојдневна практика што навлегува во политиката, во образованието и во сите делови од секојдневниот живот. Особено улогата на политичките лидери во регионот е да ја отфрлат реториката на поделби и активно да промовираат помирување. Ова бара признавање на историските факти, чествување на жртвите и негување култура на мир и соработка.
Во март, лидерите на земјите членки на ЕУ одлучија да ги отворат преговорите за пристапување во ЕУ со Босна и Херцеговина. Почетокот на ова патување кон членство во ЕУ носи обновена надеж за политичка стабилност, економски раст и подобра иднина за граѓаните на БиХ. Тоа ја нагласува посветеноста на ЕУ да ја поддржи Босна и Херцеговина во воспоставувањето функционална демократска држава и општество каде што преовладуваат плурализмот, правдата и човечкото достоинство.
Покажавме дека тоа е можно: самата ЕУ се роди за да донесе мир и помирување на европскиот континент долго поделен со крвави братоубиствени војни. Ова не би било можно без прифаќање на утврдените историски факти и посветеност да се изградат институции способни да обезбедат траен мир.
Геноцидот во Сребреница е јасен потсетник за тоа што може да се случи кога омразата ќе се разузди и промовира од политичките елити. Наша заедничка должност е да се погрижиме ова сеќавање да служи како моќен потсетник за последиците од таквата омраза и нетрпеливост. Наша заедничка должност е да се погрижиме овие злосторства никогаш повеќе да не се повторат. Европската Унија стои со Босна и Херцеговина во овој потфат.
Авторот е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност