Македонија по референдумот од 8 септември 1991 година тргна по својот пат форматирајќи ја и зацврстувајќи ја независноста, ја почна транзицијата, која сѐ уште трае, го избра членството во Унијата како главна политичка и општествена цел
Во јули и август 1991 година бев неформален член на едно мешовито тело за организирање и спроведување на референдумот за целосно осамостојување на Македонија, односно одделување од дотогашната сојузна, федеративна, социјалистичка држава Југославија. Телото го сочинуваа претставници на владата на чело со Никола Кљусев, нејзин претседател, неколкумина министри, пратеници, претставници на партии и владини понисокорангирани службеници. Присуствуваа и безгласни претставници на некои помали партии, повеќето како декор за поддршка и покритие за раѓањето на демократскиот плурализам.
Во својство на тогашен генерален директор на НИП „Нова Македонија“, бев повикуван да слушам што треба по тоа важно прашање да прават изданијата на куќата, а истовремено да бидам критикуван за тоа што не ги слушам на начин и во обем како што тие посакуваа. Весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“ беа на посебен тапет. Новите власти, сметајќи ги за комунистички и антивмровски настроени, бараа начини и се обидуваа да ги преземат и НИП-от и весниците, за што се залагаше посебно Блаже Ристовски, а како извршител се наметнуваше министерот за информации Мартин Тренески. Тогашната влада не го оствари тој план, ја загуби таа битка иако применуваше и антидемократски средства.
Присуствував на две средби во Скопје одржани во старото седиште на владата (зградата до Инвалидски дом) и на една во претседателската вила крај Охридско Езеро. На широката тркалезна маса во Скопје седев меѓу министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков и пратеникот Фаик Абди, а еднаш до министерот за одбрана Ристо Дамјановски. До кого сум седел во Охрид сум заборавил, но се сеќавам дека тоа беше поголем собир, на кој присуствуваа и директорите и главните уредници на повеќето медиуми.
Средбите (работните состаноци) само навидум беа мирни, иако насекаде се чувствуваше наелектризирана атмосфера. Стануваше збор за многу сериозен потфат, полн со непознаници. Владата, и самата уплашена од предизвиците и неизвесностите, знаеше што сака да направи, но не знаеше како да го направи тоа. Бидејќи повеќето од присутните министри немаа политичко искуство зад себе, се ширеа една внатрешна нервоза и воочлива нетрпеливост меѓу оние што горешто беа на страната за оддржување на референдумот и оние што беа скептици, односно беа на мислење да не се избрзува со тој чин. Кљусев, зацрвенет во лицето, беше особено енергичен, но не многу трпелив кон различните мислења што укажуваа на потреба од толерантност, рамноправност и меѓусебно почитување.
Главната ударна сила на тоа тело, покрај Никола Кљусев, беа потпретседателот на владата Блаже Ристовски и министрите Јордан Мијалков (внатрешни работи), Ѓорѓи Наумов (правда), Александар Лепавцов (урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија), Ѓорѓи Ефремов (наука) и Илија Андонов–Ченто (без ресор, син на Методија Андонов-Ченто).
Според тогашните раширени мислења во јавноста, оваа група на министри не извираше од првите редови на ВМРО-ДПМНЕ, но беше избрана во владата по предлог на таа партија. Некои од нив го носеа бремето на „стари вмровци, дури и бугараши“. Министрите предложени од СДСМ на Бранко Црвенковски и од либералите на Стојан Андов во (од) ова тело или не беа повикувани или беа ставани на маргините, на не толку важни „столчиња“.
Наброениот министерски состав бегаше како од оган од бившите кадри, новите отворено мразеа сѐ што било поврзано со комунистичкото владеење, иако повеќето од нив и самите беа членови на Сојузот на комунистите.
Во таква констелација не им се даваше широк простор ниту некое поголемо значење и на другите актуелни политички личности, како што беа Васил Тупурковски, Петар Гошев, Тито Петковски, Киро Поповски, ниту пак на некој што бил во претходните еднопартиски влади. Треба да се верува дека некои од нив одржуваа врски со претседателот Глигоров, но кај владата на Кљусев не беа добредојдени гости, ниту прифаќани како добронамерни советници.
Мене особен впечаток ми оставаа ангажираноста и жестокоста во настапите и содржината на говорите на Ратка Димитрова, тогашна координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа одлична виолинистка, професорка на Факултетот за музичка уметност, тогаш на 50-годишна возраст, беше моторот на партијата на овие средби. Димитрова, осоколена што и сопругот Димитар Димитров беше министер за образование, учествуваше со пламени дискусии, кои присутните ги слушаа со внимание и ги прифаќаа без збор. По нејзините настапи, секоја дебата со неа или нејзините ставови беше сосекувана уште пред да почне. Имав лично чувство дека таа е страв и трепет во партијата, во некоја смисла посилна и посигурна дури и од неприкосновените Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски.
Во прилог на моите тврдења искажани погоре говори сликата на прославата одржана на скопскиот плоштад вечерта на 8 септември, на која забележливо се гледаат присуството и егазлтираноста на владините претставници што ги набројав. Таа слика е дополнета и со фрагменти од пред Собранието, каде што се вие оро, а орото го води токму Димитрова, веејќи го во раката државното знаме. На бината не беа ниту Стојан ниту Бранко, ниту пак некои угледни политички, културни или спортски лица познати во Македонија.
Сепак, како што поминува времето, сѐ повеќе мислам дека покрај претседателот Киро Глигоров, кој беше главниот политички иницијатор и креатор на поважните збиднувања, еден од поважните луѓе околу референдумот за осамостојување беше Блаже Ристовски, потпретседател на владата. Можеби е претерано да се рече дека беше духовниот фанфар на тој чин, но тој беше оној што го диктираше набојот за електризирање на атмосферата во салата и надвор од неа. Употребувајќи ја силината на позицијата што ја имаше и богатата реторика што ја поседуваше, колку што внесуваше патетика толку носеше и пораки на застрашување. Од она што Кљусев го кажуваше во неколку жалопојни или славопојни реченици, изговорени наизменично, Блаже правеше цела драма.
Не мора да биде точно, но се имаше чувството дека научникот Ристовски сакаше да го компензира она што го изгуби како политичка персонална надеж за највисоката позиција во државата. Имено, во почетните месеци по основањето на ВМРО-ДПМНЕ, Ристовски, не без основа, се спомнуваше за најсериозен кандидат за функцијата претседател на државата, потоа за претседател на владата, за на крајот, како утешна награда, да го добие потпретседателското место во владата. Нему цело време во кариерата му пречеа петната во дел од биографијата проследена од раните млади години со судењето за „противнародна дејност и создавање терористичка и бандитска група“, за што имаше лежано и шестмесечен затвор. Ристовски беше свесен дека има подебело удбашко досие, кое подоцна му беше предадено во раце. Сличен биографски, голооточки дел, имаше и Кљусев, но тоа беше умешно прикривано.
Ќе остане забележано дека партијата на Албанците (ПДП) не сакаше да учествува во разговорите за референдумот. Тие повикаа на бојкот, тврдејќи дека Албанците се обесправен народ. Глигоров и владата на Кљусев го земаа тој факт како отежнувачка околност за референдумот, но не го сметаа за сериозна опасност ниту од партијата ниту од заканите од претседателот на партијата Невзат Халили, подоцна водач на таканаречената Албанска републиканска армија Илирида.
Не може да се рече дека македонскиот дел од раководството на државата го потценуваше албанскиот политички фактор, иако имаше и такви тенденции и расположенија. Сепак се процени дека референдумот може да се „истурка“ и без тоа учество, не без конкретни претпоставки дека тоа ќе биде една од опашките што ќе се влечат во државата подолго време. Секако, треба да се нагласи дека во првите години на независноста кај добар дел од јавноста, а особено кај партијата ВМРО–ДПМНЕ доминантно преовладуваше антиалбанско расположение, дури и желба за „поткастрување на канџите на Орелот“ (Љубиша Георгиевски) за „гасни комори и конечна пресметка со Шиптарите“ за да се знае кој е кој во државата.
Одвојувањето од Југославија носеше голем број ризици, дотолку повеќе што сѐ уште беше неизвесно што ќе биде со неа. Словенија и Хрватска веќе имаа донесено одлуки за одвојување, но забуна внесуваше ставот на Европската заедница, сега под името Европска Унија. Присутни беа заканите од Србија под Милошевиќ, заканите на генералите на Југословенската армија, интригите од Грција и Бугарија, затворените граници, внатрешната ровка ситуација, збунетоста на граѓаните да не дојде до војна и слично.
Вреди да се споменат и неспособноста на западноевропските земји да ја решат југословенската криза, нивната превртливост и лицемерност. Настојувајќи да се најде мирно решение, на 27 август таа година Европската заедница ја донесе Декларацијата за Југославија. Со Декларацијата се гарантираше неповредливост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на употребата на сила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции. Ништо од тоа не се оствари.
Само ден пред македонскиот референдум, на 7 септември, ЕЗ во Хаг организираше Мировна конференција за Југославија, која пропадна уште пред да почне. Тој ден може да се означи и како ден на дефинитивниот распад на југословенската федеративна држава. Денот потоа, 8 септември, е денот на конечното осамостојување на Република Македонија, „држава на македонскиот народ и на сите граѓани“ што живеат во неа. Така гласеше најраширената дефиниција.
Македонија по референдумот од 8 септември 1991 година тргна по својот пат, форматирајќи ја и зацврстувајќи ја независноста, ја почна транзицијата, која сѐ уште трае, го избра членството во Унијата како главна политичка и општествена цел. Претседателот Глигоров со низа тактички потези ја зацврсти својата позиција и остана девет години на власт, преживувајќи и атентат. ВМРО-ДПМНЕ, тогаш најмногубројната, најсилна, најмоќна партија, носач на многуте промени во Македонија, долго време остана само револуционерна. Трпејќи потоа низа кадровски промени, смена на лидери, минувајќи низ скандали и лоши години на власт, вршеше трансформации што ја донесоа до убедлив успех на последните собраниски избори.