Кога последен пат размислувавте за човековите права? И, воопшто, дали некој размислува за правата во оваа држава. Вообичаено, човековите права се почесто спомнувани во прекршувањето отколку во почитувањето – со други зборови, главно размислуваме за човековите права кога тие се прекршени.
Одамна, кога читаме или слушаме за прекршување на човековите права, па дури и лично го набљудуваме, престанавме да се прашуваме каде е меѓународната заедница. Каде се меѓународното право и заштитата на човековите права? Каде е граѓанскиот сектор? Очигледно никаде. Исчезнаа, како што полека исчезнува меѓународната архитектура за човекови права. Лицемерството и неуспехот на човештвото да се обединат околу доследно применетите човекови права и универзалните вредности го разголеа системот неподобен за справување со глобалните кризи. Како што ќе забележи „Амнести интернешнл“ во својот извештај за состојбата со човековите права за 2022/2023: состојбата на човековите права во светот откри дека „двојните стандарди и несоодветните одговори на прекршувањето на човековите права што се случуваат низ светот поттикнуваат неказнивост и нестабилност. Бесрамните двојни стандарди го отвораат патот за натамошни злоупотреби“.
Бара помалку лицемерство, помалку цинизам и поконзистентна, принципиелна и амбициозна акција од сите држави за промовирање и заштита на сите права. Оваа организација само ја потврди состојбата со човековите права во светот што со години ја еродира довербата во структурите воспоставени да ги надгледуваат операционализацијата и толкувањето на договорите за човекови права, како резултат на нивната политизација, елитистичката и империјалистичка компонента во нивната универзалност, неефикасност во заштитата на најранливите и неспособни и соодветност во справувањето со предизвиците што произлегуваат од нееднаквоста.
Ние одамна го знаеме тоа. Заканите за меѓународната рамка за права се појавуваат од три нови насоки: зголемена геополитичка конкуренција со нови сили чии ставови за државниот суверенитет се во спротивност со обврските за човековите права; подем на ксенофобични и популистички домашни движења; и ширење на технологиите за надзор. Сепак, главен проблем останува циничната трговија на светските лидери со обврските за човековите права и одговорноста за прекршителите на човековите права во замена за навидум краткорочни политички победи. Човековите права денес постојат во парадоксална ситуација: тие се длабоко вградени во мултилатералниот систем, но уживаат мала одржлива поддршка од големите и моќни држави.
Дали во Македонија остана воопшто некој да се грижи за човековите права? Искрено, не верувам веќе. Гледам како власта си е комотна и како ги исфрли човековите права од својот политички наратив. И како, по сѐ што ни се случуваше со оваа власт во последниве седум години, да не западнете во песимистичко расположение: бесмислено е да бараме во ваква растурена држава признавање, почитување и заштита на човековите права. Tешко е да се избегне заклучокот дека владaта продолжува неказнето да ги прекршува човековите права. Па, така, лесно е секој да стане или прекршител на човековите права или човек чии човекови права се прекршени. Оди потоа да не паднеш во расположение да не се грижиш, не знаеш, не си свесен, па дури и самосвесен за човековите права. А токму тоа го чекаше власта: злоупотребата на односите моќ-контрола за неа стана едноставно прашање на време – започна во оној момент кога престанавме да се грижиме и откако го изгубивме сочувството за другите човечки суштества. Кога правдата на толпата се претвори во гола одмазда и уличен линч. Овие очигледни недоследности ја поткопаа релевантноста на човековите права во македонската држава, демонтирајќи ја расправата за човековите права на политички евтини разговори, наспроти меѓународниот сет на норми на кои земјата мора да одговори. Централниот проблем со правото за човекови права кај нас е тоа што безнадежно е двосмислено. И токму тоа ѝ овозможи на владата да рационализира речиси сè што прави, не грижејќи се за правата што ги прекршува. Ваквата кусогледа политика ги третира човековите права како пречка за владеењето, уривајќи го во правото минималниот праг на достоинство што сите го заслужуваме, без оглед на околностите на нашето раѓање – нашата земја, соседство, родители, раса или религија. Неуспехот да се побара одговорност од власта за прекршување на човековите права испраќа јасна порака до автократите: правото не е важно. И власта си е комотна со тоа. Зошто не би била.
Се изнаслушавме за Македонија како успешна приказна во регионот на Балканот. А, сега се чини дека е на прагот на колапс. Консолидацијата на моќта на оваа власт низ репресија против опозицијата и критичката мисла во државата, премолчена од меѓународната заедница, денес е катализатор на падот на државата, во чија срцевина лежи историја на брутално и бескрупулозно непочитување на човековите права. Реално, неконтролираната корупција и економската нестабилност се токму производ на длабоката ерозија на човековите права, со навидум рамнодушната помош и поддршка од власта. Очигледно, идеалот на човековите права е недостижен во ваква држава денес. Власта се погрижи за селективно, политизирано спроведување на законите и политиките за човекови права во остварување една цел: да остане на власт по секоја цена. Затоа, доста ни е од лицемерна власт, која веќе и не ги крие своите авторитарни пориви – по цена на човековите права. И, секако, нашата слобода.
Проф. Звонимир Јанкулоски