Во 2013 година, Стопанската комора јасно порача дека воведувањето на дуалното образование е најефикасен начин за решавање на проблемот за обезбедување адекватна работна сила преку интеграција на образованието и обука во процесот на обезбедување стручни знаења, развој на вештини и компетенции со вклучување на ученикот во работните процеси на реално работно место и преку зајакната врска меѓу образовните институции и реалниот сектор
Образование по мера на стопанството/бизнисот (2)
Дуалното образование опфаќа: 66 средни стручни училишта, 259 дуални паралелки, 4.171 ученик, 600 компании и 78 квалификации. Класичното стручно со практична настава опфаќа 73 средни стручни училишта, со 7.684 ученици. Но тоа што денес како процес е реалност започна во 2007 година, кога Стопанската комора на Македонија детектираше дека недостигот од стручен кадар претставува сериозен проблем за бизнис-заедницата и стопанството и се одразува на продуктивноста и развојот на компаниите, што има големо влијание на нивната извозна дејност и конкурентност на домашниот и на меѓународниот пазар. Причината ја детектираше во неусогласеноста на понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот како резултат на брзиот раст на техниката и модернизација на технолошките процеси, но и во ригидната структура на образовниот систем, кој не може да се менува во согласност со пазарната динамика и брзо да одговори на потребите на пазарот. Затоа, уште од тогаш започна системски да ја третира оваа проблематика и го стави образованието во приоритетите на своето работење.
Во 2013 година, комората јасно порача дека воведувањето на дуалното образование е најефикасен начин за решавање на проблемот за обезбедување адекватна работна сила преку интеграција на образованието и обука во процесот на обезбедување стручни знаења, развој на вештини и компетенции со вклучување на ученикот во работните процеси на реално работно место и преку зајакната врска помеѓу образовните институции и реалниот сектор.
Воведувањето на овој процес, комората го поддржа со активности насочени кон промена на начинот на размислување за потребата од ваков модел на образование, демистифицирање на поимот „работа кај работодавец“ и втемелување на дуалните принципи на образование во средното стручно oобразование преку наизменично учење: и соодветна комбинација на теоријата во училиштето и на праксата на реално работно место во компанијата.
Во 2014 година, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, учествуваше на конференцијата под наслов „Дуалното образование – знаење за иднината“ во организација на Стопанската комора и Министерството за образование на Србија, на која Мартин Кноп, директорот на Делегацијата на Германската комора истакнал дека „Стопанската комора на Србија (СКС) треба да се занимава и со дуалното образование, од кое сите немаат директна корист, но ако се гледа пошироко, сите имаат корист од добро образувана работна сила, бидејќи тоа би привлекло повеќе инвестиции во земјата“. Преку примерот на продавачот на автомобили, кој се чудел зошто би плаќал за да го поттикне извозот, се јавува друга состојба, а тоа е, подобрување на економијата, од која ќе профитира и тој, бидејќи кога луѓето имаат повеќе пари, ќе купуваат автомобили. Според Мартин Кноп, стопанските комори се разликуваат од приватните здруженија бидејќи се занимаваат со работи што не се директно корисни за секого, но се многу важни за економијата.
Ова беше причината Стопанската комора на Македонија позасилено да работи на воведувањето на дуалниот модел на образование, иако тоа е долгорочен процес, потребни се сериозни реформски зафати за модернизација на стручното образование и обука и вклучување на голем број чинители за негова имплементација. Сепак, заедно со компаниите, членки, и другите чинители се посветивме на креирање над 350 стандарди на занимања, над 100 квалификации и 85 образовни програми и програмски документи, а посебно главен мотив ни беше поддршката на компаниите за реализацијата на практичната обука на учениците во нивните организации.

Дуалниот модел на образование – како пилот-проект
Позитивната промена и реализацијата на дуалниот модел на образование започнаа во 2017 година како пилот-проект и се плод на меѓусебната соработка на ЕТУЦ „Михајло Пупин“ – Скопје и компанијата АД „ЕВН Македонија“ со 20 ученика во една паралелка. Следната година уште неколку компании се вклучија во процесот самите да го подготвуваат кадарот според нови програми, дизајнирани за нивните потреби, а тоа се: „Дрекслер Маер“ – Кавадарци, „Костал“, „ОДВ електрик“ и „Леарница ЛТХ“ од Охрид и „Маркард“ од Велес и други, со тенденција на растење на бројката на вклучени компании во следните години.
Во 2018 година, комората, тргнувајќи од својот пристап на анализи, бараше подигање на квалитетот на практичната настава и реализација на флексибилни наставни програми, каде што бизнис-секторот ќе има зајакната улога во образовниот процес.
Во 2019 година на трибината „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, која ја организираше м-р Наташа Јаневска од СКМ, комората ја постави целта за зголемување на бројот на запишани ученици во стручното образование и обука од тогашните 61 отсто на 70 отсто, бараше бизнис-заедницата да учествува во креирањето на уписната политика, законско регулирање на дуалното образование и зголемување на средства од буџетот за финансирање на образованието на 5 отсто.
Долгорочната визија на комората за создавање стручен кадар ја согледа потребата од обучени и искусни лица внатре во компанијата за да ги водат учениците во реализацијата на практичната обука кај работодавците и да им ги пренесуваат нивните знаења и вештини. Во таа насока, комората организираше тридневни обуки за ментори и до денес сертифицираше 1.312 ментори. Истовремено, комисија од комората вршеше проверка на компаниите за нивната подготвеност за реализација на практичната обука на учениците за соодветната квалификација (простор, опрема, алати) и досега процесот на верификација го поминале 192 компании, со тенденција бројот да расте, поради тоа што расте и свеста кај компаниите за вклучување на учениците за реализација на практичната обука.
(продолжува утре: Системско уредување на дуалното образование)
Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветен инспектор во пензија