Деновиве наполнив 77. Нема никаква симболика во тие две споени седумки. Сѐ е чиста реалност. Старост. Некој рекол – да не беа бројките немаше да знаеме колку години имаме. Години што не се за фанфари. Години когa некои работи уште не си ги дозавршил, а нови не можеш да почнеш. При крај се страниците на животниот роман, а во сечиј живот се крие барем по еден ненапишан роман. Човекот во тие години е како дрвјата, како јаболкниците во Преспа или костените на Водно: лисјата паѓаат, но повторно не разлистуваат. Не на толку гранки и не во толкав број. Колку постари толку поголи.
Според еден индекс на просечен животен век во светски рамки, објавен од Обединетите нации, македонските граѓани живеат во просек 75,26 години. За мажите одделно таа бројка е 73,1 години, а жените во просек живеат 77,47 години. За споредба, посочени се и податоци од истражувања и статистика на Светската банка. Според оваа листа, просечниот животен век на Македонците е 74 години, на Македонките – 78 години, вкупен просек 76 години.
Горенаведената статистика направена за 2023 година може да ја потврдам лично. Во мојата зграда со педесетина стана поголемиот дел од машките комшии живеат на друго место, на оној свет. Значи, не само во мојата зграда туку и во цела Република Македонија, жените ја држат во живот статистиката, подолго го црпат пензискиот фонд, подолго гласаат за владата, повеќе време од мажите ја чуваат државата. Жените владеат со третата македонска доба.
Значи сега со моите години сум ја надживеал државната статистика. Исто и брат ми Јанку, мојот постар близнак. За сите други административни работи статистиката ме држи цврсто прегрнат, особено за областите каде што нешто треба да се плати, односно преплати. Таа статистика покажува дека многу млади живеат на сметка на старите иако старите луѓе не се иднина, тие се судбина.
Среќа е што нашата доба (не влада) е релативно поправедна од некои дамнешни времиња и народи, кои ги бркале старите луѓе од дома, ги каменувале како вештери и вампири, иако поединечни инцидентни случаи покажуваат дека тие обичаи не се сосема искоренети, дури и кај нас и сега.
Но што се 77 години старост ако легендите од родословот на библиските патријарси кажуваат дека Адам, првиот човек, живеел деветстотини и триесет години, а синот Сит му се родил кога имал двесте и триесет. Матусала (Метузалем), најстариот човек на светот, живеел деветстотини шеесет и девет години, а на осумдесет го добил синот Ламех.
Ламех, синот на Матусала, го „родил“ Ное на 182 години, а живеел вкупно седумстотини педесет и три. Ное имал петстотини години кога ги добил трите сина, шестотини кога дошол потопот на земјата и живеел уште триста и педесет откако излегол од Арката – вкупно деветстотини и педесет години. Мојсеј имал 80 години кога од Господ ги примил Десетте Божји заповеди, исто толку кога ги повел Евреите од ропството во Египет и 120 кога за првпат ја видел Ветената земја и го населил својот народ на неа.
Едно се легендите друго е реалноста во староста. Дел од старите пријатели го изневериле или напуштиле, со дел односите заладени, дел отпатувале во други места, некои изумреле, а некои од пријателите станале непријатели. Се вели дека старецот е почитуван само ако е здрав, духовит и богат. Може да е човек духовит, иако е неприродно стариот човек да биде оптимист, како што на младиот не му личи да биде песимист. Некои велат дека е несреќа ако ги дочекаш старите години со младешки навики и желби…
Човекот остарува кога ќе остарат сите негови страсти, кога му гаснат фантазиите. Некои велат дека има три начини за мажите никогаш да не се чувствуваат остарено: да се менуваат места, книги и жени или да се менува барем едно од трите. Лесно е да речеш, но тешко да го направиш тоа што го сакаш. Можеш цвеќето да го сакаш, да го гледаш, но прашање е дали можеш да го береш.
Ретко има некој што не сака да остари, да доживее длабока старост. Староста не е несреќа, рекле филозофите. Несреќна е староста само тогаш кога човекот самиот себе се прежалил, кога веќе се затвора во својот кожурец, кога не сака да учествува во животот. Да не заборавиме: светската историја е полна со примери на луѓе што и во длабока старост воделе успешни војни, создавале капитални дела, изумувале пронајдоци што го менувале животот, биле фактори за напредок на цивилизацијата. Почувствувале задоволства што не им биле познати или блиски во младоста. Ја почувствувале радоста на староста.
Многу нации живеат од славата и заслугите на предците што како старци создале дела за оние што доаѓаат по нив, не само за сопствените деца и внуци туку за целата нација, за целото општество. Многу земји се држат до културата за почитување на постарите лица на кои им укажуваат почести и им прават услуги што им го олеснуваат животот. Во други, особено во поновите и помладите држави, таа култура или е заборавена или воопшто ја немало. Тука некаде, на тој меѓупростор, меѓу непознавањето или немањето на таква култура се движат состојбите во Македонија, нашата млада, горда, младешки вообразена и изобразена држава.
На крајот нешто сосема искрено. Пред да седнам да го пишувам текстот имав сосема друг концепт, личен концепт за моите полни 77 години. Од тие 77, шеесет сум поминал во (со) новинарството. Од тие шеесет, 40 години во „Нова Македонија“. Триесет и две професионално, еве речиси осум хонорарно. Не сум имал друга професија, не сум работел во друга фирма, освен краток период во весникот „Бизнис“.
Зошто го кажувам ова? Го кажувам за да кажам како лета времето, како „дејгиди луди млади години летнавте како сиви галаби“. Кога се вработив како приправник во „Нова Македонија“ на 22 години, бев оценет како млад, талентиран, надежен новинар. Подвижен, динамичен, весел, друштвен, позитивен, што би рекле младиве. Немаше нешто што не можев да видам, да слушнам и да не запаметам. Денес, сум сениор, доајен, меѓу највозрасните во професијата. А сѐ како да било вчера.