СДСМ е поразен од самиот себе

Една поговорка вели дека не е слеп оној што не гледа, туку слеп е оној што не сака да види. На неа се потсетив слушајќи ги (и гледајќи ги) двете водечки дами на Социјалдемократскиот сојуз по првиот круг на локалните избори. Ако одлика на еден политичар е способноста поразот да го прикаже како победа, женскиот пар Фанија Каранфиловска Пановска и Ана Чупеска низ разни реторички трикови ги убедуваше гледачите дека нивната партија не доживеала неуспех, иако фактичката состојба на теренот покажуваше изборен дебакл.
И без да се прави детална анализа и без да се зацапува во лавиринтите на сложената статистика, резултатите од гласањето се сосема јасни – СДСМ продолжува да паѓа затоа што нема близок контакт со реалноста, како што покажаа и настапите на естетски допадливите лидерки. Настапот на раководниот двоец го покажа партиското слепило.
Дури и да се има намера да се намали значењето на големата победа на ВМРО-ДПМНЕ, обидите на социјалдемократите преку статистички споредби да се прикажат како мали губитници се одбиваат од ѕидот на вистината. Раководството на партијата неколкупати го добило тој бумеранг по својата глава, но тоа не придонело да се извлечат соодветни поуки. Бродот потонал, но важно е што е спасено едно весло. Така сликовито објаснуваат од СДСМ.
Иако изборите се локални, поразот на СДСМ е државотворен, стратешки, со долгорочни последици. Не само во поединечни општини, градови, села и улици туку просторно на територијата на целата држава е доживеан крах. Крах што се изразува низ бројки, низ политички позиции, низ државотворни политики, низ идеолошки и програмски определби. Домашни и меѓународни. Крах што покажува дека на Социјалдемократскиот сојуз не ќе може веќе да се смета како на сериозна опозиција, туку како на политички нерелевантен отпадок, рамен на фрлено, згазено догорче од скапа цигара.
Вештачки создаваната политичка атмосфера повеќе години, Шарената револуција и намерно предизвикуваните афери од бившиот претседател Зоран Заев (растурањето на специјалното јавно обвинителство, фарсата со бегството на Никола Груевски, галиматијасот со криењето на Сашо Мијалков) не можеа да не бидат казнети. Филот за таа отровна торта е миксан со анационалната политика, стравот да се искаже јавно патриотизмот, воздржаноста да се поддржи македонството како национално движење, слабата, невидлива одбрана на македонскиот идентитет, јазик, писмо и културни традиции, поддршката на бугарските антимакедонски ставови, силувањето што се вршеше за прифаќање на уставните амандмани. Ироничното, ноншалантно, блеферско однесување, погрешените процени или толкувања за расположението на мнозинскиот дел од граѓаните се елементи што го формираа фронтот на народната одмазда доживеана на овие избори.

СДСМ не е поразен само од народот, од гласачите и од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ е поразен од самиот себе. Социјалдемократите загубија од своето разочарано, разбркано, потценето, разнебитено и во многу случаи излажано членство, сегашно и некогашно. Во таа смисла не е целно прашање статистичката бројка колку лица гласале за СДСМ, клучното прашање е колку од нив не гласале, а при секое поранешно гласање го пополнувале ливчето со нивниот партиски амблем. И зошто веќе неколкупати својот глас не го даваат за партијата со која израснале, со која политички се идентификувале и за која се надевале дека ќе ја води земјата по патот на напредокот.
Многубројното поранешно членство, многубројните симпатизери и политички приврзаници од година на година се разочарани и депримирани сведоци на долгото изумирање на партијата. Уште од времето на Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, низ меѓусебни братоубиствени војни, елиминирани се речиси сите „изворни“ партиски кадри, напуштени се елементарните основачки програмски цели, збришани се сите национални идеали и херои, вклучувајќи ги и достигнувањата на Народноослободителната борба и на успешните македонски години потоа.
На тоа се накалемија Шарената и доаѓањето на Заев на чело на македонската влада. Знаејќи го и сегашниот изборен резултат, слободно може да се рече дека владите што ги предводеа итриот Заев и наивниот Ковачевски ја убија конечно сопствената партија. Со одлуките што ги носеше, со актите што ги изгласуваше, со кадрите што ги избираше, СДС си ја копаше сопствената јама во која еден ден мораше да пропадне. И пропадна, не еднаш туку двапати во една година, овој пат уште посилно од првиот.
Не се покажаа ништо подобро нивните челни луѓе на наводно обновената, реконструирана, опаметена партија по поразот на собраниските избори минатата година. Наместо нагоре, партијата ги газеше скалилата што водеа сѐ подолу и подолу. Изборот за инсталажа на Венко Филипче на лидерската позиција формално не е лош, но ќе беше добар ако беше привремен и успешен.

Филипче има силна професионална кариера, докторско искуство, голем круг пријатели и почитувачи, но нема партиска пракса, не поминал низ партиски филтри. Тој и двете дами што се на второ и трето место во хиерархијата на партијата не се оригинален производ на СДСМ, не излегле од неговиот кладенец, не се одгледувани во партискиот инкубатор. Тројцата се туѓо тело во партискиот организам, не ги познаваат лавиринтите на политичките игри, веруваат во истрошени и компромитирани влијателни советници, кои се залепени врз партиската раководна мрежа како муви на мед. Сегашната кадровската окупација од луѓето припадници на кланот на Зоран Заев и на фондацијата „Отворено општество“ (читај Сорос) е на прагот да ја затвори партијата, да го угасне светлото во зградата на Бихаќка б.б.
Што да се прави за да се поправи? Социјалдемократскиот сојуз мора да најде сили да се врати на сцената, за да може да биде нужна демократска опозиција каква што Македонија заслужува и каква што е неопходна за зачувување на демократијата. Да си погледне во очи самата себе, да си ги избрише крокодилските солзи, да ги признае грешките, особено во ставовите за македонското национално прашање на Балканот и во европски рамки. Не може СДСМ да не биде заштитник на тие интереси. Да изнајде домашни експерти што ќе ги направат тумбе и статутот и програмите. Да избере раководство со висок професионален статус и личности што изградиле соодветен авторитет во својата струка и пошироко. И странски поливалентен политички поддржувач и финансиски инвеститор зашто се празни и програмата и касата. И да не е од тајфата на Сорос, бидејќи Доналд Трамп не ги трпи ниту Сорос ниту соровците. А Трамп го реди светот.