Навистина не е упатно да се пука на мртов Германец, но исто, неупатно е мртвиот Германец да се воскреснува. Навистина по војна сите стануваат генерали, но вистина е дека војниците и натаму гинат.
Горенаведените познати реченици се алузија на моментната позиција на Социјалдемократскиот сојуз по катастрофата доживеана на скоро завршените собраниски избори за народни пратеници.
До вчера владејачката партија сега изложена на столбот на срамот допрва ќе ги собира чаурите од политичките ќор-фишеци испукани во текот на изборната кампања и од владеењето во минатите седум години, се разбира ако има сила да го самоанализира целиот тој период. За овие минати 34 години од самостојноста е докажано дека СДСМ не е партија што лесно се освестува, ниту кога е на власт ниту кога е во опозиција. Ниту си ги лекува традиционалните рани и болести. Грешките си ги повторува, како дневен оброк.
Иако СДС цело време го форсираше погледот кон иднината, ќе мора да се соочи со минатото ако сака да ја пресоздава својата иднина. Мора да го помине тој преродбенички процес ако има цел да остане некаков фактор на македонската политичка сцена. Впрочем тоа е нужност за да се зачува демократијата во Македонија, да се воспоставува политички баланс меѓу партиските сили и да се врши надзор врз власта, која редовно се стреми да побегне од опозициска контрола.
Прашање е кои чекори ќе ги направи за да излезе од сопственото блато што може да се претвори во жив песок. Кој пат ќе го одбере да не се најде уште еднаш во ќор-сокак каков што е сегашниот.
Има неколку линии што би воделе до ревитализација и кревање глава.
Најголемиот ангажман би бил околу оформување две платформи за иднината – едната национална, другата социјална. Да изнајде модел на идеологија што би била спој меѓу македонските интереси и европските стремежи. Изборните резултати покажаа дека досегашната практика не финализира според очекувањата, не е прифатена од мнозинството гласачи. Без посилно изразена македонистичка нота, без минимум химничност и без одмерен патриотски глас, партијата тешко ќе се доближува до интересите и емоциите на поголемото гласачко тело.
Движењето кон Европа е неспорна цел, но СДСМ не го најде разбирливиот јазик да ја објасни, прифати и да ја спроведе таа цел на начин што нема да ги навредува чувствата на македонските граѓани.
Сите изминати години социјалдемократите обземени од високата политика ја запоставуваа или игнорираа социјалата, социјалната состојба на голем дел од населението, односно ја забораваа сиромаштијата. Изигрувајќи господска ненародна партија, од година на година го губи тлото меѓу народот и затоа е повеќе од потребен пресврт.
На внатрешен план, СДС ќе се најде пред тежок испит да ги преиспита односите со ВМРО–ДПМНЕ, со ДУИ и со другите партии, да воспостави нужни канали на минимум дијалог и соработка, некогаш и по цена за совладување на партиската и лидерската суета. Натпреварот да се покаже кој е посилен е завршен во убедлива полза на ВМРО и колку побрзо се признае тој факт толку побрзо ќе се оствари партиска стабилизација.
Една од задачите ќе биде да се протресе доктрината наречена „едно општество за сите“. Што донесе таа од една страна, какви штети направи од друга. Едно од клучните прашања е која е основата на таа доктрина, на што и на кого се потпира во реалноста. Како парола звучи одлично, но во суштина не се знае кој е стожерот, која е средината што ја има водечката улога и го влече општеството напред.
Треба да се има храброст да се признае хаотичната улога на поранешниот претседател Зоран Заев во процесот на уништувањето на позициите на Социјалдемократскиот сојуз во македонската политика. И да се најдат сили партијата да им се извини на членството, на симпатизерите, на гласачите, на злоупотребените луѓе во „бомбите“ од прислушувањето, на наивните учесници во Шарената револуција. Како што Заев имаше сили да се извини за лошите постапки на своите претходници, тоа сега за Заев треба да го сторат неговите наследници. Без збогување со Заевите јавни и подземни политики СДС ќе тоне и натаму.
Политиките што ги водеше Заев може слободно да се наречат напредни, прогресивни, далековиди, визионерски, проевропски и европски, но резултатите од тие политики се катастрофални – СДС претрпи два најтешки пораза, еден на локалните, друг на собраниските избори. Тие исходи ја доведоа партијата на маргините на македонската политика, речиси целосно го минимизираа и обезвреднија влијанието врз натамошните државотворни процеси и ја поделија до степен на внатрепартиска нетрпеливост и одмаздољубивост.
Гледано објективно, кадровската политика на партијата не донесува лидерски зрели плодови. По Петар Гошев и Бранко Црвенковски имаше краток експеримент со Хари Костов, еден неуспешен обид со Бучковски, еден промашен мандат со Радмила Шекеринска, еден погубен со Заев и еден тотално аматерски со Ковачевски. Кој ќе биде следниот?
Меѓу членството се наметнуваат неколку акутни дилеми. Една е дали да се брза со изборот на нов лидер, иако е веќе закажан терминот 30 јуни. Често се покажува дека брзиот избор слепи кучиња раѓа, а реален е и стравот дека тој избор може да биде реприза на фарсата со двата последни внатрепартиски избора на Заев и на Ковачевски. Наводно, демократски, а однапред наместени.
Втората дилема е дали во новите органи треба да има место за старите кадри што ги загубија изборите, но се сместија во удобните добро платени собраниски фотелји. Една група на релативно помлади кадри го објави ставот дека ниту еден од оние што биле на високи функции во партијата и во Владата да не можат да бидат во новото раководство. Во таа смисла е прашањето како ќе се развива односот меѓу пратениците и новото раководство. Како би се направил тој спој е енигма што допрва би се решавала.
Една од опасностите е и инфилтрацијата на истите лицемерни кадри што ја поддржуваа досегашната политика, а сега ја критикуваат барајќи повторно високи партиски места. Неизбежни се и шпекулациите за подземното мешање и барање за исполнување на интересите и на желбите на Црвенковски и на Заев, енигми со што се исполнети партиските кулоари.
Социјалдемократскиот сојуз не може да живее на стара слава, на недефинирана идеологија, на социјална инертност, а уште помалку на компромитирани и поразени кадри. Ќе мора да минува низ жив процес на трансформација, градење нова социјалдемократија со македонски лик проткаен со европски вредности.
Тоа ќе бара нови луѓе, образовани, вредни, чесни, познати и признаени во своите професии и средини, се разбира ако сакаат да се нафатат на партиски задачи. Поучени од праксата СДС да си ги јаде своите деца ќе треба голем напор да се убедат да преземат таков општествен и личен ризик.