(Или нешто за геополитиката како варварството)
Може ти е шокантна мојата хипотеза во насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, но е реална во контекст на нарушената рамнотежа на светот во кој сè уште доминира хегемонот Америка. Пред неа тоа беше Европа на нејзините моќни колонијалистички сили, кои колонизираа за грабеж на материјални добра под претекст дека демократизираат и цивилизираат диви или полудиви народи. Но по Хирошима и Нагасаки, сега доминантната улога целосно ја презеде од нив Америка, па така, западната цивилизација денес е модифицирана од европска во евроамериканска. Во неа Европа игра минорна улога и е импотентна, без доволно цивилизациски (читај: варварски) тестостерон во однос на својот прекуокеански партнер, кој го има него во изобилство, па во право е во таа смисла генерал Камингс од романот „Голи и мртви“ на Норман Мајлер, кој тврди дека Германците се неспособни за фашизам за разлика Американците со витална фашистичка енергија. Тоа тие всушност и го демонстрираа убедливо по Хирошима и Нагасаки, со кои дадоа знак дека не завршило варварството во светот.
Американците, како и нивните западни колонијалистички партнери, во втор план, своите закотвувања како неоколонијализам на туѓи територии ги именуваат односно оправдуваат со поимот геостратегија. А најблизок, пак, поклопувачки синоним со него е поимот варварство, загосподарување со туѓи територии и народи, и насилнички ако тие даваат отпор. Но дури и ако не даваат. Таа и таквата концепција на геостратегија во Европа и на Балканот жестоко убаво ја почувствуваа Србите во 1999-та и Македонците во 2018-та. Во Србија за свои геополитички потреби Американците создадоа нова држава-дивоградба Косово, и не како што вели Џефри Сакс за да се одбранат Албанците, туку Америка тука да ја изгради својата воена база, најголема во Југоисточна Европа. Што се однесува до Македонија, пак, Американците беа булдожерот што ги притискаше нив до ѕидот на идентитетската смрт со нивното обезименување во Преспа 2018, и пак за свои валкани геостратегиски цели, што значи дека каква било смрт на еден народ, физичка или идентитетска, сеедно, за нив е безначаен факт. Нивната политика е par excellence макевијалистичка, водена од мотото: целта ги оправдува средствата. Тоа е мотото и на сите варвари во историјата.
А сега, по оваа нужна воведна дигресија што ги расветлува работите поврзани со перверзниот поим геополитика, драг читателу, се враќаме на објаснување на парадоксалната хипотеза изнесена in medias res во насловот на нашава колумна: Русија и Украина против НАТО и Америка. Да разјасниме. Русија и Украина се братски народи, сијамски близнаци. Тоа за денес, а во минатото во длабокиот среден век тие биле еден народ. Тоа е историската и цивилизациската вистина. Тоа е периодот на Киевска Русија, на која престолнина не била како денес Москва, туку Киев, по што е именувано руското средновековно царство.
Во градењето, пак, на неговата културно-цивилизациска слика значаен удел имаат и Македонците. Имено, тие по линија на Охридската архиепископија учествуваа во христијанизацијата на Киевска Русија. За таа цел, по покана од киевскиот кнез Владимир, во Киев престојуваат македонски црковнодостојници, како и храмостроители, кои го изградуваат првиот христијански храм тука. За тоа впрочем, за да не биде работата празен мит и митоманија, пишуваат и познати руски слависти. Уште плус на таа македоно-руска културно-цивилизациска тема една од жените на кнезот Владимир Киевски била Македонка, принцезата Олга. Таа му ги родила нему синовите Глеб и Борис, кои се првите руски маченици и христијански светци. Симболички тие се плус и заштитници на руското небо.
Да. А ти велиш, драг читателу, дека пак зацапувам во периферни дигресии и аналогии. Но не е баш така. Тие во нашиот случај се некој вид Аладинова ламба за осветлување на затскриените но есенцијално важни места на темата за која станува збор. Да. Оти по сето ова што го кажавме напред, како може толку многу да се закрвени сега, како братски, а некогаш и еден народ Русија и Украина. И тука е во прашање пак геополитиката, која не бира средства за остварување на својата цел. Геополитиката, која, покрај другото, како што би рекол Вилијам Текери, е и психолошки егокомплекс на моќните и богатите, пазар на суетите за докажување на нивниот фалусен еротизам. Тоа е психологијата, суетата на хегемонот што ја проектира и физички и психолошки (иако како исчашена психа) империјалната планетарна слика на својата доминација и моќ. Тоа од Хирошима и Нагасаки наваму до денес е империјалната планетарна слика на Америка. Таква, таа ја истисна на тој план до пред тоа доминантната западна цивилизација на колонијалистичка Европа, која за материјален грабеж и варварски авантуризам, покрај одделни народи, уништи и цели цивилизации, како што се тоа, на пример, Маите, Инките и Ацтеките во Јужна Америка. И тоа се вика цивилизација, драг читателу.
Е, така стојат работите и со Америка, која, како што рековме понапред, убаво ја дефинира и генерал Камингс од романот на Норман Мајлер, давајќи ѝ предност пред Германците во витализмот за фашизам. Со тоа тој фактички воленс-ноленс и кажува, речиси без заобиколување, дека таа треба да биде новиот планетарен хегемон. Како што всушност и се случи тоа по нејзините атомски експлозии во Хирошима и Нагасаки што имаа реална, но и симболичка и, за жал, со тоа кобна визионерска содржина за иднината на човештвото. Америка како хегемон. Но сепак отсекогаш трн во око на Америка ѝ била Русија како нејзин ривал на тој план, па го основа НАТО за да ја заплаши и целосно потисне на сцената на западната цивилизација и на планетарен план. На тоа Русија во рамките на Советскиот Сојуз одговори со формирање на Варшавскиот воен сојуз, и тоа воленс-ноленс создаде еден вид планетарна рамнотежа на силите во која, сè уште метафизичка и без западен варварски инстинкт, стоеше настрана Азија, пред сè пацифистичката енергија на мирољубивата Кина. Но во деведесеттите години од минатиот век неочекувано од никого, освен од ЦИА, се распадна Советскиот Сојуз како песочна кула. За тоа Западот долго работеше. И покрај сета неотпорност на тоталитарниот комунистички систем, најде во него и еден корисен политидиот Михаил Горбачов, кој го растури него од темелот до кровот, божем во името на западната демократија и слобода на личноста. Како награда за тоа, пак, за услугата нему Западот му се оддолжи со тоа што го стави во шише.
Имено, саркастично тој произведе во Лондон вотка „Горбачов“, која и денес може да се купи во супермаркетите. Тоа е систем на Западот, особено на моќните Американци, насекаде низ светот да наоѓаат, како што самите ги нарекуваат, „корисни идиоти“ од политиката за уривање цели народи. Така, за таа цел, тие кај нас како такви ги пронајдоа Заев и Димитров во прв ред за да нè преименуваат и идентитетски ликвидираат, а во Украина за слична цел на деструкција го пронајдоа украинскиот Заев Зеленски.
На Американците им беше потребно да ја притераат Русија до ѕид, ако е можно до работ дури и на цивилизациски опстанок, како би блеснала Америка целосно во сјајот на планетарен хегемон. За таа цел НАТО тргна, не признавајќи никакви договори пред тоа склучени за ограничено ширење, агресивно ширејќи ја својата територија од земји и народи кон Русија. Во своите варварски канџи на тој пат тој ги зграпчи со премолчана закана сите земји и народи од Средна и Југоисточна Европа, заедно и со балтичките земји, стасувајќи најпосле и до Украина, која е во дворот на Русија. Тука Американците фрлија голема пара, особено и за време на настаните на Мајдан, да ги извлечат од подземје украинските екстремисти за да создаваат неиздржливи немири и ситуации во областите со мнозинско руско население во Украина, во кои дури беше забранет за употреба и рускиот јазик. Итн. Така, по сето ова, стискајќи заби цели осум години од 2014 до 2022 година, и ја започна Владимир Путин неговата специјална операција во Украина и за одбрана на правата на руското население во неа. Со еден збор, започна војната меѓу Русија и Украина 2022, која еве трета година сè уште трае. И не се знае до кога. Америка и бриселска Европа, амеровазал, катадневно ѝ доставуваат на Украина оружје, но и платеници не би ли ја свалиле на колена Големата Матушка, за која Достоевски мислеше дека е најхристолика од сите народи и дека во неа се крие спасението на светот. Ама Евроамерика, особено Америка, воопшто не сака да чуе за тоа. Таа е задоволна од својата моќ и перверзија, имено затоа што сега за нејзината цел, за уништување на Русија војува друг, а не тие. Војуваат Украинците вовлечени во подла стапица, без да се свесни за тоа. Навистина тие си ја бранат татковината, тоа не е спорно, но тоа истовремено им пречи да ја согледаат вистината, а тоа е дека бранејќи ја неа војуваат и за друг, за тој што долго време подло ја подготвувал таа перверзна војна и ги втурнал нив во неа. А тоа веќе и не го кријат НАТО и западните сојузници.
Но, било како било, тука по сè изгледа нема отстапување ни за едните ни за другите, ни за НАТО против кого во Украина всушност војува Русија, ни за Големата Матушка, или како што некои ја викаат „нагалено“ Сибирската Мечка. И тоа е војна што го фрла светот на работ од нуклеарна катастрофа. Но на Америка како да ѝ е сеедно за тоа. Нејзините цивилизациски нерви се попуштени, па и симптомите на хистерија се силно нагласени, за што сведочи и најновиот пример на Палестина,во кој е таа (тоа не се крие) соучесник заедно со Израел, кој не отстапува од својот старозаветен бог „око за око заб за заб“, притоа за еден заб вадејќи илјадници заби на противникот. Итн. А дијагнозата, драг читателу, на таа силна невроза на Америка и отворените симптоми на хистерија се во нишањето на нејзиниот хегемонски престол, кој до вчера се чинеше планетарен и неприкосновен, а веќе денес е опасно загрозен, и тоа од ривал што е мирољубив, пацифистички настроен и отворен за мирољубива соработка со сите народи на планетата. Кој е тој? Веројатно веќе погаѓаш, драг читателу. Тоа е големата не само по простор и население, туку и по дух и душа Кина. Кина на филозофијата на тао (Патот) на Лао Це и на филозофијата на моралот и етиката на Конфуциј, кои се нејзин духовен патоказ веќе со столетија и милениуми. Имено, метафората или симболизмот на Патот како таков е и денес живо присутен во стратегиските кинески планетарни насоки: Патот на свилата и Појас и пат. Тоа се патишта, како што рече и Си Џинпинг (кој беше и во Србија, но никогаш нема да дојде во полтронски американизирана Македонија), што водат кон планетарен економски просперитет, мир и братски соживот меѓу народите. Она што Америка по Хирошима и Нагасаки во ниеден момент не му го понуди на светот. Напротив, му понуди нешто друго, многу трагедии и пониженија за да го одржи својот статус на хегемон. А наспроти неа, Кина се јавува како хегемон на мирот и мирнодопскиот мултиполарен економски и културен развој на светот. Оти таа и не може да биде поинаков хегемон отколку како таков во отсуство на агресивна и лакома за грабеж психа. Оти таа, како што вели и Џефри Сакс „во текот на својата долга историја од повеќе од 2.200 години како обединета држава никогаш не се стремела кон прекуокеанска империја“. И никогаш, се разбира, не ја интересирал колонијализмот, толку многу својствен за западната цивилизација за освојување и пљачкање туѓи земји и народи.
Заклучокот од сето ова е дека ако му се поткастрат роговите на сегашниот планетарен хегемон Америка, светот би здивнал од постојани војни и катастрофи. Тогаш и не би воделе војна Русија и Украина, ни ционистичкиот Израел би вршел воена акција врз Палестина. Тогаш може и немаше да биде Србија бомбардирана цели 78 дена за личен ќеф и престиж на хегемонот од преку океанот заедно со своите импотентно услужни европски сојузници, а верувам дека и Македонците ќе се спасеа од идентитетскиот геноцид што го доживеаја. Додуша, слично како во Откровението на апостол Јован, и во овој свет сега силата на ѕверот што му се заканува на човештвото опаѓа и е при крај. БРИКС го забрзува тој крај не со војна, туку со економија, култура и цивилизациски консензус за космполитизам, мир и братство меѓу народите. Тука јас го препознавам, драг читателу, македонскиот космополитски концепт на планетарно братство и љубов на човештвото. Нешто што е најблиску до концептот на Исус, па не случајно од него и беше испратен неговиот најревносен апостол Павле во Македонија, за да се разнесе Словото на Љубовта кон варварска Европа, која сепак, за жал, и покрај напорите на апостолот и Македонците, таа до денес остана таква. И примерот со нејзиното смртоносно посегање по нашата идентитетска глава го потврдува тоа. Оти таа никогаш како Македонците нема да го разбере светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“, туку како поле за канибализам и пљачкање на малите и слабите од страна на силните.
Но кога сме веќе кон хегемонот Америка, кој иако наслабнат е сè уште моќен, нему му е потребен на чело некој што нема да биде ни Буш, ни Клинтон, ни Бајден, ни Трамп, туку некој како сега независниот кандидат за претседател Корнел Вест, црнец и еден од водечките американски филозофи, кој во интервјуто за „Ал џезира“ неодамна рече: „Длабоко сум загрижен. Денес треба да се пронајде морална, духовна доблест и храброст во светот преполн со варварство и бестијалност, и затоа се кандидирам да бидам на чело на американската империја, за да ја распуштам. Америка треба да биде пристојна и достоинствена нација, а не империја каква што ја познаваат другите народи“.