Нема човек што нема свое родно место, свој роден крај и што не е поврзан со спомените за него. Не е лесно да се пишува за родното место а да не нагрвалуваат разни емоции. Спомените за родниот крај, за местото во кое си роден или во кое си растел, се лично доживување и емотивна перцепција што никој не може да ја оспори или порекне.
Среќен или тажен, каде и да живее, што и да работи, во кој господ и да верува, на кој јазик да зборува, секој човек чувствува дека родното место ја држи аромата на почетокот на животот, на првите сознанија, на првите средби, на околните пејзажи и панорами на првите радости или таги. Во тој албум се првите зборови што сме ги изговориле, првите изгреви и залези на сонцето, ѕвездите што сме ги гледале, првите искрени насмевки, пролеаните солзи, детските паѓања и станувања, безгрижните игри, сето тоа врежано во формирањето и обликувањето во она што подоцна сме станале како карактер, како воспитание, како домашна култура.
Многумина напишале дека за родното место нема една дефиниција, дека тоа е нешто што живее во целиот човечки живот, што луѓето ги потсетува на најубавите спомени од детството и младоста. Родното место не се само куќите, улиците, дрвјата, планините, родителите, пријателите. Тоа место може да биде твојата куќа, твоето село, град или улица. Родно место ти е и татковината, родната грутка.
Без оглед каде е човекот, кај и да заминал, родниот крај остава неизбришливи траги, дури и тогаш кога бега од него и сака да ги избрише тие спомени. Некој писател напишал: колку што бегаш од родниот крај толку бегаш од себеси. Со родниот крај треба да се гордееш како нешто посебно, не да се срамиш. Тој не се купува ниту позајмува. Него го добиваш од раѓање, тој ти е божји подарок што го носиш цел живот, дури и без твоја волја. Тоа е место што и кога го напуштаме, кога долго живееме на друга локација, секогаш е присутно скриено негде во нас, место што не го гледаме на јаве. Со годините, со стареењето сѐ почесто се јавува во соништата. Напати, колку и да сакаме да не биде при нашето срце или во нашите мисли, не може да го исфрлиме од себе.
Љубовта, приврзаноста кон родниот крај не е носталгија, не е силна тага, копнеж за напуштениот дом, родната куќа или татковината, не е идеализирање на минатото за разлика од сегашноста. Тоа е чувство што пулсира во дамарите на човекот, мисла што се јавува и тогаш кога најмалку се очекува. Корените не се забораваат, без оглед колку и каде дрвото развило гранки.
Еден крајно сликовит пример за такви чувства се чува во ризницата на македонската литература. Речиси нема некој што изучил училиште а да не ја знае легендарната песна „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, таа химна на балканската болка кон родниот крај. Миладинов пее во студената Москва:
„Не, ја не можам овде да седам,
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам,
И в наши ст’рни да си прелетнам:
На наши места ја да си идам,
Да видам Охрид, Струга да видам.
Тамо зората греит душата
И с’нце светло зајдвит в гората“
Сите ние луѓето имаме место кај што зората греит душата и сонце светло зајдвит в гората. Родниот крај се чувствува негде длабоко во себе. Се одржува до крајот на животот, некогаш посилно некогаш помеко, некогаш со радост некогаш со тага. И колку да си далеку од него и колку да ги гледаш сите убавини на светот и колку да стекнеш богатства, не можеш да го замениш, да ги надминеш спомените од местото од кое си отишол. Можеш од него да се откинеш, можеби сакаш да го заборавиш, може и да го презираш, дури и да се одречеш, но не можеш духовно да го замениш, како што не можеш да ја замениш мајката што те родила.
Може за некого тагата и носталгијата за родниот крај да е глупава и смешна, но нема брана што може да ја запре или средство, апче, што може да ја преболи, да ја излечи. Во добро или во зло, со сите свои убавини и сите свои неволности, родната средина, која си има свој фолклор, своја култура, свои обичаи, е првата слика за светот и за човекот во него.
Реалноста на животот е една слика, сеќавањето за родниот крај е враќање во бајките. Има нешто природно, нешто неуништливо што го тера човека да не може да заборави од каде го почнал својот животен пат, каде ги направил првите чекори и каде ги видел првите ѕвезди. И желбата некогаш да се врати таму.